Новиот Етички кодекс на МРТВ: Поважна формата и габаритот од содржината
Објавено во Новинарски лекции
on 29 - 12 - 2015 Автор: Александар Писарев
Гломазен и не докрај јасен, Етичкиот кодекс на МРТВ нема да биде функционално и оператвно применлив во секојдневната динамична работа на новинарите. Тој, во ваква форма во каква што е сега, отвора широки можности за статус кво во телевизијата и во општеството, а покрај тоа не ги упатува новинарите преку својата професија да бидат совест на заедницата.
Пишува: Александар ПИСАРЕВ
За да се унапреди работата на Македонската радио-телевизија, раководството на јавниот сервис неодамна пред новинарите и пред креативниот кадар на куќата, како и пред домашната и меѓународната јавност, го презентираше Етичкиот кодекс на јавниот сервис.
Веднаш имаше реакции дека при изработката на кодексот не се слушнати пошироките мислења на новинарската заедница и не е водена сметката за спецификите на македонското новинарство, како и манипулациите што се прават во оваа област. Од ЗНМ само го пофалија овој чекор како обид да се решаваат некои прашања од етичка природа и во врска со работната дисциплина.
ЗДОДЕВНА ЛЕКТИРА
Првиот впечаток што се добива при неговото читање е дека се работи за малку здодевно, анемично и конфузно четиво од педесетина страници, кое е некаква компилација од постојните или старите интерни акти и документи на МРТВ, (статут, правилник за работа, куќен ред, правила за дисиплинско однесување и слични документи). Како таков, гломазен и не докрај јасен, нема да биде функционално и оперативно применлив во секојдневната динамична работа на новинарите. Оддава впечаток дека се сакало да се задоволи формата, а не содржината. Многу важни одредби и упатства, иако добро дефинирани, изгубени се и тешко се наоѓаат во лошо наредениот „мозаик“, што е делумно и последица на преземање цели регулативи или делови од туѓиот документ (Кодекс на ХРТ). Овој кодекс отвора широки можности за статус кво во телевизијата и во општеството и не ги упатува новинарите со својата професија да бидат совест на заедницата, туку, пред сè, извршители на задачите и на наредбите на уредниците.
Испуштени се многу важни одредби од домашниот Кодекс на новинарите на Македонија, кодексот на ИФЈ, упатствата што се однесуват на медиумите од страна на ОБСЕ и на ЕУ, особено кога се во прашање известувањето за политичките настани, изборите и за јавните настапи на политичарите, што го прави недоволно применлив и необврзувачки во почитувањето на домашните и на меѓународните новинарски стандарди и заштита на јавниот интерес.
Повеќето делови се од збор до збор препишани и лошо преведени од Кодексот на Хрватската радио телевизија (ХРТ), кој е земен за урнек, како што изјави и самиот директор на МРТВ, Марјан Цветковски.
За да биде пофункционален и поприменлив, кодексот требало, по урнек на хрватскиот, да се раздвои на две независни целини во посебни документи. Едниот, кој ги регулира професионалните стандарди на новинарите и упатува на серија други акти од оваа област, и вториот, општите правила што регулираат како во ХРТ би се однесувале сите вработени, вклучително и главниот уредник, директор, функција и кординација со синдикатот… Прашање е колку овој и ваков кодекс во кој се измешани и одредбите што се однесуваат и на другите вработени ќе ѝ помогне на новинарската заедница во МРТВ да ги изгради и да ги сочува етичките и професионални вредности и угледот и достоинство на професијата.
ЛОЈАЛНОСТ
Премногу се истакнува лојалност кон МРТВ (вклучително и казнени одреби и закани со казни) на сметка на нејасно објаснетата лојалност кон публиката, кон гледачите и кон јавниот интерес.
Кодексот е оптоварен и со одреби што не се во доменот на новинарството, како што се јавни набавки во МРТВ (член 16), изнајмување на тонски и на видеоматерјал, опрема, примање и давање подароци, учество на сопружници, деца, родители, баби, дедовци, внуци, браќа, сестри… во разни квизови и слични емисии… (членови од 15 до 18).
Тој повеќе се занимава со внатрешно уредување, избор на разни комисии и на други тела, а цели седум страни се посветени на изборот и на работата на Етичката комисија, (членови од 71 до 85) што можело да биде составен дел од статутот на МРТВ или општите правила. Внесени се премногу статутарни одреби што се однесуват на работни обврски и на дсициплина, лојаност кон фирмата, почитување на внатрешната хиерархија, односите помеѓу уредници, уредници и новинари и помошниот персонал, како и на начини на регулирање барања, приговори, караници, расчистување на меѓусебни недоразбирања меѓу новинарите на ниво на редакции или целата МРТВ, чување деловна тајна…
„БЕЗГРЕШНА“ ТЕЛЕВИЗИЈА
Никаде не се спомнува ниту е предивден демант како обврска на новинарот во МРТВ да објави исправка доколку згреши или објави невистинита или погрешна информација, што е многу јасно дефинирано во членот 3 од Кодексот на новинарите на Македонија, а овде е испуштено. Недоволно е нагласена улогата на медиумот и на новинарите што работат во него: да бидат врска меѓу власта и граѓаните, државата и граѓанското општество, да бидат критичари и контролори на власта. Граѓанското општество и улогата на јавниот сервис во оваа област никаде не се дефинирани, ниту спомнати како обврска, особено улогата на МРТ во подигнувањето и во негувањето демократска политичка култура. Не е дефинирано влијанието на медиумите кога е во прашање формирањето и ширењето на демократските вредности и на демократскиот вредносен систем. На новинарите им се сугерира да не бидат општествено активни и да не учествуват во општествени и во граѓански движења, јавно да не изразуват поддршка на разни организации по струка или да се солидаризират со нив.
Во членот 25 не е дефинирано кој одредува кои се тие „објективно непримерени“ политички јавни настапи, што новинарите од информативните програми на МРТ би требало да ги одбегнуваат (и тоа од „секаков вид“). За „политички јавни настапи“ од партиска провениенција тоа се подразбира, но дали и „политички јавни настапи“ на тема екологија, кои, исто така, можат да имаат политичка нишка или заднина се, исто така, „објективно непримерни“?
(Член 25) Новинарите на информативните програми на МРТ мора да одбегнуваат политички јавни настапи од секаков вид коишто се објективно непримерни во однос на работата што ја извршуваат, ја менуваат нивната слика во јавноста или го намалуваат нивниот професионален и јавен кредибилитет.
Не е објаснет говорот на омраза и начинот на кој новинарот треба да реагира ако се соочи со говор на омраза, а за ова можеле да се искористат општо прифатените упатствата на Меѓународната федерација на новинари (IFJ-ИФЈ), ОБСЕ и на ЕУ. Новинарите не се предупредени дека говорот на омраза во јавниот дискурс најчесто завршува со насилство.
Нема предупредување дека новинарите не би требало експлицитно да го пренесуваат говорот на политичарите доколку во него има елементи на говор на омраза, без оглед што не можат поради тоа да трпат никакви правни консеквенци, но имаат етичка одговорност.
Би било корисно да е укажано на европската практика, каде ваквите истапи се „санкционираат“ со право на новинарот во таква ситуација на политичарот да му го „оневозможи правото на слободата на говорот“ и дека тој дел од неговото излагање, во рамките на саморегулацијата, нема да го објави или ќе го стави во некаков контекст. Во таа смисла, требало да се упати или да се цитира дел од Кодексот на ИФЈ, европска Конвенција за заштита на човековите права (На Советот на Европа – член 10) и Кодексот на новинарите на Македонија (член 14, 15 и 16).
Не е укажано на разликата помеѓу аргументирана критика со која се брани јавниот интерес и негативниот, напаѓачки приод со кој се демонизира противникот. Не се спомнува дека новинарот треба да избегнува амбивалентен приод кон политичките субјекти.
Во поглавјето за професионалните стандарди и за етичките начела, дадени се општи школски дефиниции дека информациите треба да бидат: точни, објективни проверени, содржајни и разбирливи, а новнарите во својата работра непристрасни и коректни и веродостојни и својата професионална должност да ја извршуваат во согласност со општите акти на МРТ. Другите домашни и меѓународни акти, правила, кодекси, упатства итн., не се споманти во овој етички кодекс, а се обврзувачки за новинарите во согласност со правилата на професијата.
(НЕ)ПРЕЦИЗНИ ОДРЕДБИ
Делот што се однесува на презумција на невиност е добро објаснет и јасен за новинарите. И прецизно упатува на терминологија што во такви случаи треба да се користи. Добро се регулирани и упатствата кога се во прашање малолетните граѓани. Несреќите, погребите и тероризмот се ставени во нејасен контекст и се испомешани.
При известување од јавни настани, како што се протести и немири, известување според кодексот мора да биде според дополнителни правила и треба да се темели врз: „објективна важност на настанот, важност на организаторот, кредибилитет на организаторот и учесниците“.
Меѓутоа, не е дефинирано кој и според кои критериуми ќе ја одреди важноста на настанот, кредибилитетот на организаторот и на учесниците, што остава простор за селективно информирање според одредени потреби и лични или колективни процени и влијанија.
Известувањето од предизборни кампањи не е доволно јасно дефинирано ако некоја партија има хиперпродукција на настани, како тие ќе се покријат и со која минутажа:
„Доколку одредена политичка партија или самостоен кандидат имаат пообемна јавна активност од останатите политички партии, односно останатите самостојни кандидати, МРТ ги следи овие активности без притоа да се повредат одредбите од овој Кодекс и уредувачката политика на МРТ“. (член 62)
Притоа, повикување да се почитуват само изборните закони и законски прописи и изборните правила на МРТВ не е доволно како упатство за коректно однесување на новинарите и требало да се укаже и да се цитира Препораката и упатството на Катедрата на УНЕСКО за медиуми, препораката на ИФЈ и други документи што укажуват на позитивни и на негативни практики во предизборна кампања.
ПРИКРИЕНИ РЕКЛАМИ – НЕ ВАЖАТ ЗА ПОЛИТИЧАРИ?
Во посебно поглавје се опишани правата и обврските поврзани со прикриени реклами. Одредбите се однесуват само на стоки и на услуги и не е јасно дефинирано или забрането прикриеното политичко рекламирање.
„Прикриени реклами: Не е дозволено прикриено рекламирање во кој било дел од програмата и во кој било облик, тонски – вербално или видео прикажување на стока и услуги, познати марки, името на произведувачот или давателот на услугата и нивните активности и секоја друга комерцијална содржина. Секој случај на евентуално прикриено рекламирање ќе се проценува засебно, согласно неговите специфичности.
Уредникот на емисија, уредникот на редакција, односно уредникот на програма е одговорен за прикриено рекламирање во емисија или во прилог и за недозволено пласирање производи и услуги во програмата (емисии,прилог) и е обврзан пред секое емитување на емисија или прилог да утврди постоење на евентуално прикриено рекламирање или недозволено пласирање на производи и услуги во емисија или прилог“. (член 67.)
Во делот „Корупција и судир на интереси“, јасно е нагласено што е забрането, но не е доволно јасна формулацијата: „да водат сметка за забрана да се дозволи или користи прикриено ракламирање во програмата поради лична корист и интерес или корист на поврзани личности“ (член 14) и дали ова се однесува можеби и на забрана на политичко рекламирање кое таксативнио никаде не е спомнато.