verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ако може претседателот да ја ревидира историјата, зошто да не и аматерот-историчар?

on 26 - 06 - 2015       
Владо Павлов - трибина за македонските пирамиди. Амфитеатар на Филозофскиот факултет, Скопје,  8 февруари, 2013. Фото: YouTube
Владо Павлов – трибина за македонските пирамиди. Амфитеатар на Филозофскиот факултет, Скопје, 8 февруари, 2013. Фото: YouTube

 

Претседателот на државата во гостувањето на „Ломоносов“, „им ги подари“ на Русите цивилизациските дострели на античките Македонци, без што тие не би биле тоа што се, а аматерите-историчари се натпреваруваат, во силна конкренција во која има и академици од МАНУ, за малку простор со „капиталци“ кои ќе привлечат внимание. Извесен Павлов на „Јанко Јади бурек“ му ја понуди верзијата за атентатот врз Киро Глигоров – немало атентат врз политичарот, тој се оперирал од канцер на окото во ВМА во Белград…

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Неодамна во емисијата „Јади бурек“ на водителот Јанко Илковски се јави извесен Владо Павлов од Кочани, кој се претстави како автор на книги од областа на историјата и кој очигледно му беше познат на „ноќобдеецот“ од „Сител“. Разговорот одеше во правец на желба за гостување во оваа емисија на јавувачот, за муабет од областа на археологијата, ама како воведен шлагворт во тоа идно гостување беше тезата на извесниот Павлов дека поседува и тема „капиталец“, а тоа е дека сега покојниот претседател Глигоров не доживеат атентат во октомври 1995 година, туку дека тоа бил, демек, некој дублер, а самиот претседател во тоа време бил на ВМА во Белград, каде се оперирал од канцер на едното око!

 

ИМПОЗАНТЕН „ОПУС“

Пребарувањето на „делата“ на овој телефонски гостин на „Јади бурек“ (со ветување за целовечерно гостување од страна на водителот, ако не беше тоа само ишкање од програмата) покажува импозантен опус на човекот кој тврди дека е докторант на Институтот по историја во Скопје и кој е вистинска фигура на паралелниот свет, кој, без сомнеж, го создаде самата актуелна власт и му дава простор во сите сфери, особено во онаа која ѝ е омилена – антиквизацијата.

Луѓето како Владо Павлов не само што се производ на процесот на пресоздавање на историјата, кога нема никаков критериум за тоа што ќе се говори во името на науката, кај нас конкретно за античката, туку тоа присуство на вистински аматеризам, особено во медиумите, се прелева и на секојдневните сознанија, значи и за работи за кои повеќето од слушателите, гледачите и од читателите и самите се сведоци и тешко дека некој би ги излажал. Но, не би требало да бидеме наивни бидејќи присуството на типови како кочанецот Павлов – конкретно тој со импозантен број гостувања, од „Радио Илинден“ во Австралија до домашните медиуми, само е метафоричен доказ дека ние живееме во комплетен свет исткаен од лаги и од измислици – од економијата, каде народот кој живее со дневен приход помал од 50 денари верува во економските успеси на власта, а зошто да не и во тоа дека новокомпонираната историјата и археологија ќе открие дека ние сме ти биле една „мегалонација“.

Кочанецот, само неколку зборови за него, си копка на еден рид до својот роден град, а тврди дека не само што гробот на Александар Велики е таму некаде, над оризовите полиња, туку и дека Исус е убиен во тој град. Немој да мислите дека неговите тези и дури предавања, некои и по музеи во земјава, биле на дијагностицирање на некаков сериозен вирус во аматерската „наука“? Не, ако може претседателот на државата да говори за „бунарот на свети Павле“ во неговото село и за тоа дека наспроти неможноста старите Словени да го препливаат Дунав за да дојдат кај нас (како што масовно „пее“ проантичкиот дел од интелектуалците) можеле потомците на Александровите Македонци да го препливаат Дунав и на Русите да им ги донесат даровите на цивилизацијата (од предавањето на Иванов на „Ломоносов“). При тоа, логично, морале да го препливуваат Дунав, веројатно, двапати, тур-ретур, за да се вратат дома?!

Некогашниот директор на НИП, Панде Колемишевски, за да биде во тренд, неодамна во своја колумна „Еврејските корени на Македонците“ тврди дека:

„Во последно време дел од македонските политичари, како и дел луѓе од науката, и особено од квазинауката, како и некои самповикани историчари (аматери-хобисти), се нафатија по нова потрага на автохтониот идентитет на Македонците. Тие на досегашната национална генеза и прават не само лакировка….туку се обидуваат да создадат сосема нова, докажувајќи дека сегашните Македонци не се по потекло Словени, туку сосема друг антички народ. Категорички се тврди дека се директни потомци на Александар Македонци, односно на многу постарата македонска династија, враќајќи се во историјата едно шест-седум илјади години пред новата ера. Таквите тврдења не можат лесно да се отфрлат. Напротив, може да се рече дека имаат некаква смисла, но прашање е дали некој ќе ги прифати како факти и ќе ги вклопи во светската историја“.

Кога тоа го тврди човекот кој раководеше со еден новинарски гигант од неколку илјади вработени, зошто тоа право да им се одрекува, нели, на квазиисторичарите!

 

МЕДИУМСКО ВНИМАНИЕ ЗА ПРИВАТНИ „ЗАНИМАЦИИ“

„Кај нас веќе како да не е важна компетенцијата и професионалноста, туку само интересот за некоја тема, па да се изродат серија ’трудови’ со, наводно, спектакуларни откритија. Но, тоа не може да се спречи, ниту да се забрани; такви трудови отсекогаш имало и ќе ги има, не само кај нас, туку насекаде низ светот. Но, она што е навистина лошо е степенот на медиумско внимание што им се дава на овие приватни ’занимации’. Секако дека луѓето ќе продолжат да пишуваат и да се расфрлаат со научни ’вистини’, кога медиумите им бараат изјави, им организираат промоции и конференции, ги канат на телевизија, посветуваат часови и часови на нивните квазитеории. Проблемот е, значи, во нашето општество, особено во медиумите кои брзаат да им дадат публицитет, а забораваат да се прашаат дали за она на што му посветуваат толкаво внимание воопшто заслужува да се дискутира. Ако е тоа начин да се смени нечија свест, а не знам зошто треба да се менува, тогаш тој начин е погрешен и речиси смешен“, коментира во текстот „Kвазинаучници ја антиквизираат нацијата“ историчарот Воислав Саракински.

Според него, научната јавност во прво време интимно ги исмеа, но јавно го потцени влијанието на овие „научници“. Квазинаучните дела се напишани не со научни, туку со политички и, дури, политикантски цели, а научниците, по правило, гледаат да се што подалеку од дневната политика. Со тоа, тие им оставија широко и небрането поле за изразување на сите што сакаат да прозборат за било што, а кои најчесто не знаат и не умеат да го направат тоа, вели Саракински.
Вината на медиумите во создавање на тоа царство на приземната инспирација, секако, е голема. Вистинските историчари, тој мал круг научници верни на методолошките „абецеди“, се вели, тешко ќе „продадат“ потскршен сад за жито или обична чаша, но затоа лесно ќе се „продадат“ пирамиди, сфинги и розети. Познатиот Паско Кузман точно умееше да го погоди моментот кога ќе откопа од земјата некој златен штит или слично. Нека не ми забележат неговите бројни приврзаници, ама златните маски или други „велики пронајдоци“ излегуваа од земјата според моделот „хокус-покус“.

Јавноста, а со неа и медиумите, бараат „големи“ одговори и допадливи заклучоци, нешто што, според Саракински, на пример, еден сериозен истражувач ниту ќе го извлече од ракав, ниту ќе го измисли за да ѝ се допадне на публиката.

Затоа и споменатиот Владо се труди со „капиталецот“ за атентатот на претседателот Глигоров да избори малку простор за себе меѓу академците и политичарите од врвот. Искрено, тешко ќе успее во тоа. „Деца на сонцето и цвеќето, да знаете дека вашата мајка Земја ја населив со три раси, белата раса Македоноиди, жолтата Монголоиди и црна раса, која ја нареков Негриди. Преостанатите луѓе се сите Мулати. Од вас Македонците белата раса ја зачнав и ја раширив сè до Јапонско Море“. Гласот на ’Бога’, кој преку ’македонската молитва’ на државната телевизија веќе подолг период ни порачува дека и Македонија е до Токио, веројатно ќе останеше само уште една патетична копија на српските недоречености од минатиот век, доколку, веќе тригодишното лутање по вселенските корени на Македонецот првпат деновиве не добиеја и официјален, државен печат. Не дека некој се сомневаше дека зад генетскиот инженеринг на новата-најстара нација на Балканот стоеше актуелната владејачка структура, но, не постоеше официјална, јавна декларација и потврда од самите актери дека тврдењата од типот ’Бог го создаде Македонецот’, не се само привремено лудило на група дилетанти, туку официјална државна политика.

„Во 21 век, во ерата на глобализација и во ерата на европската интеграција за Македонија успешни ќе бидат само оние народи со најдлабоки утврдени корени и тоа е мислата водилка на актуелната Влада (извор, Министерство за култура на РМ), порача вицепремиерот Боцевски, образложувајќи ја пред кремот на македонското општество, во МАНУ, идејата водилка на политиката на неговата влада“, нè потсетува колегата Борис Георгиевски „Молитва на античките копачи“.

Сиротиот Владо Павлов – тој добро се вклопува во државната политика, но од неа засега може да добие евентуално голема топка сладолед во паркот Жена-борец спроти Собранието.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).