„Новинарското“ дно сѐ уште не е допрено
Објавено во Рецензии
on 16 - 02 - 2015 Автор: Тео Блажевски
(Рецнезија на текстот: Заев со лагите го допре дното: По повеќе негирања, призна дека соработувал со Верушевски)
Реалноста најдобро се замаглува кога за еден настан пласирате дел од фактите, оние што ви одат во прилог, а веднаш потоа врз тој истргнат дел и врз извртени факти, градите приказна, давајќи вредносни судови.
Токму таков пример имаме во текстот што е предмет на оваа рецензија. Класично мешање на факти со коментари за прикривање на вистината, со што се нарушени неколку етички принципи и професионални стандарди во новинарството.
Линк до оригиналниот напис: Заев со лагите го допре дното: По повеќе негирања, призна дека соработувал со Верушевски
Датум и време на објавување: 11.02.2015, 23:56
Датум на рецензирање: 14.02.2015
Рецензент: Теофил Блажевски
Првото што паѓа в очи при преглед на овој текст е давањето вредносни судови пред да биде изнесен макар и првиот факт. Тоа се прави уште во насловот и во поднасловот на текстот. И во двата дела од структурата на текстот се почнува со квалификација за тоа дека лидерот на опозицијата бил лажго.
Наслов:
„Заево со лагите го допре дното: По повеќе негирања…“
Поднаслов:
„Опозицискиот лидер Зоран Заев тоне се подлабоко во лагите што секојдневно ги пласира…“
Текстот по жанрот требало да биде вест. Вест за изјави на лидер на опозиција при интервју на една приватна телевизија, водено истата вечер. Оваа форма на вест е деформирана уште од самиот почеток. Веднаш по насловот и по поднасловот, се продолжува со вредносни судови за субјектот за кој се известува. Би рекле, не без цинизам, авторот на оваа „новинарска“ содржина, веста ја почнува со вредносни судови за „манипулативни и лажни изјави“.
„Заев вечерва го допре дното со манипулативните и лажни изјави и конечно призна дека соработувал со поранешниот директор на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК), Зоран Верушевски.“
Вака изгледа „главата“ на „веста“ на текстот што го рецензираме. Дури по ова авторот прераскажано пренесува полуфакти за тоа дека Заев на интервјуто зборувал дека се познава со другото лице кое е тема на разговорот во интервјуто. Во оваа погрешна новинарска форма првиот факт пренесен преку цитат на соговорник следува дури во четвртиот пасус:
„- Тоа е за работна виза, за да замине во странство, за да може да оди повеќе од три месеци, оти нема примено плата со месеци. Жално е, вината му е што ја сакал својата земја како за четвртина Македонија заедно. Значи, станува збор за луѓе кои сакаат да помогнат да замине во странство и да работи. Целта содржина на писмото е таа. Да издадат работна виза за Верушевски со семејството да замине за да ја зачува слободата – рече Заев.“
Но, веднаш по ова, новинарот, или тој што ја составил оваа непрофесионална новинарска творба, се враќа на квалификациите на (полу)фактите и со крајно неумерен речник го обвинува субјектот за кој известува со зборови и со конструкции какви што се „замајување“, „заплеткување во лагите“, „кого Заев лаже“, итн.
Непрофесионализмот и кршењето на дел од етичките стандарди се забележува и при крајот на оваа вест со монструозен формат, преку извртување на вистината дека Заев во споменатото интервју за телевизијата не дал објаснување за дел од прашањето:
„Заев не даде објаснување за делот од писмото каде е наведено “вклучив луѓе на многу високи позиции од партијата на премиерот (на странската држава) кои се токму на општествени позиции врзани за проблематиката која што ја разработуваме јас и Вие““
Токму овој цитат од текстот што го рецензираме е целосно извртување на вистината, зашто сите што го гледале или прегледале интервјуто внимателно можат да се уверат токму во спротивното. Оттука, да не се задржуваме на крајот со уште два пасуса коментари и вредносни судови на авторот, бидејќи и дотука очигледни се повеќе повреди на стандардите и на моралните вредности на професијата.
Прво, не се зборува вистината во целост или таа се извртува – прв принцип на дејствување на новинарите и според Меѓународната федерација на новинарите (МФН) и според Кодексот на новинарите на ЗНМ.
Второ, целосно непрофесионално е да се мешаат фактите со вредносните судови на авторот или на редакцијата. Веста мора да биде одвоена од коментарот е „златно“ правило на професионалното новинарство и на сите кодекси за работа на новинарите секаде во светот и една од првите лекции на секоја школа за новинарство.
Конечно, во оваа вест која не е тоа по својата форма, може да се забележи и дискриминација мотивирана од политичка основа, што е, исто така, недозволиво во етичкото новинарство. Сето тоа, пак, е напишано со јазик со кој не е внимавано на начинот на обраќањето кон јавноста, со што повторно се прекршени дел од принципите на МФН и на Кодексот на новинарите на Македонија.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
Факти и извртени факти
Измешано
Може само по лична иницијатива на читателот
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
Написот манипулира
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови