verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Опрема на текст – наднаслов, наслов, поднаслов

on 29 - 11 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански
Благодарност до Бога како „наднаслов“, зборот „МИР“ во наслов и поднаслов - Издание на Филаделфија Инквајарер на 15 август 1945 година - денот на победата на САД против Јапонија, фото: Adam THEO

Благодарност до Бога како „наднаслов“, зборот „МИР“ во насловот и поднаслов – Издание на „Филаделфија Инквајарер“ на 15 август 1945 година – денот на победата на САД против Јапонија, фото: Adam THEO

Читателите најчесто се задржуваат на оние вести и информации кои имаат добра опрема и кои најмногу им го привлекуваат вниманието. Некои текстови веројатно никогаш не ги погледнуваат, во голема мерка поради лошиот наднаслов, наслов, и поднаслов, или затоа што текстот не е опремен со овие основни елементи на новинарската форма.

 

Пишува: Александар Писарев

 

Како треба да изгледа една вест, информација, анализа, репортажа во медиумот, за да привлече внимание на читателите. Без оглед дали читателите ги делиме на оние кои информациите од медиумите ги апсорбираат како „fast food“, или сакаат на старовремски начин со кафе да продискутираат за содржините внатре, постојат правила како треба да се пласира информација. Читателите најчесто во првиот момент не го читаат целиот весник, не читаат ни цели текстови. Тие најнапред го разгледуваат насловниот блок и насловите во весникот. Односно, наднасловот, насловот, поднасловот и фотоготрафијата со легенда, доколку таа го збогатува текстот. Овие елементи се основната опрема на еден текст.

Зошто и колку се тие важна и каква е нивната меѓусебна поврзаност е темата на оваа новинарска лекција.

 

Опрема на текстот: Читателите најчесто се задржуваат на оние вести и информации кои имаат добра опрема и кои најмногу им го привлекуваат вниманието. Некои текстови веројатно никогаш не ги погледнуваат, во голема мерка поради лошиот наднаслов, наслов, и поднаслов, или затоа што текстот не е опремен со овие основни елементи на новинарската форма.

 

Која е нивната функција: Со помош на наднасловот насловот и поднасловот, читателот  добива кратка, комплетна и јасна информација што содржи текстот.

Добар наднаслов, наслов и поднаслов, поттикнуваат да се прочита целиот текстот: „Уапсен Љубе Бошковски, лошите, долги и неекономични наслови во кој авторот непотребно се обидува да ја раскаже целата вест го одбива читателот и од најдобриот текст. „Селани од Таринци тепале татко од Штип, а потоа се нафрлиле на полицајци“.

Насловната страна е излог на секој весник и со оглед на тоа насловот на секој поединечен текст е неговото огледало и реклама за да се прочита. Од исклучително значење е новинарите да водат сметка во каков медиум работат и од која рубрика и се обраќаат на читателската публика. Начинот на пишувањето и опрема на текстот со наднаслов, наслов и поднаслов морат да бидат хармонично ускладени со интересите на публиката. Тоа, пред се се однесува на изборот на темите и генерално на начинот на нивната презентација, и формирање на насловниот блок заедно со вкупната опрема на текстот.

Најголем број на читатели најнапред го регистрираат насловот, а потоа во наднасловот и поднасловот ја бараат додатната информација за да ја утврдат причината дали треба да го прочитаат целиот текст. Доколку ни тогаш не се одлучиле, последната шанса да им се привлече вниманието е во меѓунасловите, антерфилеата или во фичерсите за чија функција ќе позборуваме подоцна.

Ретка ситуација кога само еден збор во насловот е доволен - весникот Мејпл Лиф од 11 мај 1945 година, во рацете на канадски воени лица во нивниот штабот во Париз, Фото: BiblioArchives / LibraryArchives

Ретка ситуација кога само еден збор во насловот е доволен – весникот Мејпл Лиф од 11 мај 1945 година, во рацете на канадски воени лица во нивниот штабот во Париз, Фото: BiblioArchives / LibraryArchives

Наднаслов: може да биде еклектичен и често да го упатува читателот кој новинарски жанр е пред него. Репортажа, интервју, досие, фељтон. Или може да упатува дека станува збор за некоја постојана рубрика: „дом и семејство“, „здравје“, „образование“, „култура“, „урбаниот живот,“. Може да биде и временска одредница: „Денес во Скопје“, може да ја апострофира должината на текстот кој е пред нас: „Накратко„, „Блиц вести“… се се тоа наднаслови – вовед во насловниот блок. Наднасловот е важен затоа што ја истакнува темата за која медиумот пишува. Кратките написи не мораат да имат наднаслов.

Наднасловот е релативно краток и составен е од една простра реченица која може да се собере во еден, најмногу два реда во весникот. Сите делови на насловниот блок (наднасловот, насловот и поднасловот) мора да бидат ускладени, да се претопуваат еден во друг и да не бидат здодевни. Затоа во насловниот блок треба да се избегнува повторување на истите фрази, именки, функции, освен ако за тоа постои добра причина. Кога читателот во еден здив ќе ги прочита овие три носечки елементи на секој напис, мора да добие точна претстава што медиумот сака да му соопшти. Читателот веднаш, или ако нема време подоцна, може да се наврати на целиот текст и да биде детално информиран за настанот.

Во последното време вестите на порталите најчесто немаат наднаслов, што е грешка. Наднасловот е потребен за да ја лоцира веста и да придонесе за економичност на насловот, односно да го скрати. Еве како изгледа еден предолг и неекономичен наслов, без наднаслов и без поднаслов: „Во сообраќајката на Брза помош, присебната медицинска сестра спасила четиригодишно дете“.

Информацијата нема наднаслов, нема ни поднаслов. Има долг наслов кој на читателот му дава нејасна информација што се случило. Дали брзата помош предизвикала сообраќајка во која нстрадало четиригодишно дете, па медицинската сестра го спасила, или се случила сообраќајка во која учествувала и брзата помош, а детето било во другиот автомобил… Доколку авторот или уредникот го опремиле текстот со наднаслов, наслов и поднаслов, само со еден поглед врз веста на читателот се ќе му било јасно. Еве пример како тоа можело да изгледа:

Наднаслов: Брза помош предизвика сообраќајка во центар на градот.

Наслов: Спасено четиригодишно дете.

Поднаслов: Со присебност на медициснка сестра избегната е трагедија.

Вака споени трите елементи ја формираат веста. Читателот кој само прелетува преку весникот или порталот, дури не мора да навлегува понатаму во деталите, сосема доволно е информиран што навистина се случило.

 

Насловот ја содржи клучната информација, или главната вест. Тој мора да биде информативен, експресивен и економичен. Природно, тој се надоврзува на наднасловот, но може да биде и сам доколку соопштува некоја интрига или ексклузивна вест. Тогаш мора да биде краток, јасен и ударен: „Уапсен Љубе Бошковски“. Оваа вест има само пет реда, а во опремата има и наслов и поднаслов. Нема какофонија, ништо не се повторува, сѐ е кажано во одговор на пет основни новинарски прашања. Школски пример за добро сработена ексклузивна информација.

Сите новинарски кодекси предупредуваат дека во насловот може да се нагласи само оно што е содржина на текстот. Таблоидите, а многу често и другите медиуми во потрага по ексклузивност не го почитуваат ова правило. „Венизелос: Меркел на средба со Нимиц ја подржа Грција“. Насловот е реклама за текст, привлечен излог кој читателот треба да го погледне, кој треба да го повика читателот да го прочита текстот. Во последните децении насловот доживеа еволуција и по се изгледа и понатаму ќе се менува. Во ера на нови технологии читателите се затрупани со вести, па затоа насловите се подиректни, впечатливи, за жал, сѐ почесто и вулгарни, двосмислени, „жолти“ за барем накратко да го привлечат вниманието на читателите: „На Бразилците им е најмал, а на Хондурашани  најголем“.

Класична употреба на наднаслов, наслов и поднаслов во европското новинарство, фото: m. aquila

Класична употреба на наднаслов, наслов и поднаслов во европското новинарство, фото: m. aquila

Од класичниот наслов, кој се негувал до крајот на втората половина на минатиот век и кој најчесто претставувал самостојна новинарска форма, во кој често среќававме игра на зборови и содржина на текстот, не остана речиси ништо.

При одредување на насловот новинарот треба да се стави во улога на читателот, треба да има вродено чувство за наслов, одлично да го познава јазикот јазикот на кој пишува и целото негово богатство.

Насловот може да ѝ даде свежина и на „најздодевната“ вест. „Иконите од западна Македонија ќе се чуваат во Св. Јован Бигорски“ Со коректен поднаслов оваа вест ги задоволила критериумите за содржајност, но има огромен пропуст во насловниот блок. Зборува за иконите, а на фотографијата е ситна пластика од глина.

Насловот не треба да има повеке од три четири збора. Долгите наслови се заморни за читателите. Насловот не смее да се измислува, тој мора да го одразува битието на информацијата. Тој мора да биде прилагоден и на весникот за кој се пишува и на жанрот. Не можете да ставите спортски наслов на сериозен политички текст во весникот или дел од весникот кој објавува политички содржини: „Македонија во дисциплина 2200 километри со пречки.

Насловот по правило треба да биде многу јасен и исклучително прецизен. Тонот на насловот мора да биде ускладен и со наднасловот и со текстот. Ако текстот е сериозен и насловот мора да биде сериозен, ако текстот е  духовит или со ведра содржина и насловот мора да биде таков. Ако треба да побуди емиции, мора да го погоди читателот во „жица“, да биде директен, силен, но истовремено и точен: „Борис Трајковски е убиен од ЦИА оти ја знаел вистината за военото профитирање? “.

Прекумерно и често користење на цитатите во насловот е последица најверојатно на фактот што тоа е наједноставен начин да се дојде до наслов. Честата употреба на цитати во насловот  доведува до девалвација на силата на цитатот, а насловот го прави премногу габаритен. По правило, ваквата форма во насловниот блок (две точки, запирка, наводници,…) не треба да се користи зашто лажно го упатуваат читателот  дека се работи за нешто многу, многу, важно, но разочарувањето на читателот е големо доколку тие очекувања се изневерени. „Коњановски од Кривогаштани: „Ако си мал земјоделец за ич пари ќе ти земат сѐ“! Ниту Коњановски е многу важен (тој е заменик на министерот), ниту тоа што е во насловот извлечено како цитат е секогаш точно.

Измама во насловот не се простува: „Венизелос: Меркел на средбата со Нимиц ја поддржал Грција“. Насловниот блок, кој е посилен од текстот, а кој во себе содржи нешто што не е составен дел на текстот или во текстот не е објаснето, па дури не се ни смпомнува, е потполно промашен наслов и на текстот му ја нанесува голема, а на новинарот, кој е потпишан под него, несогледива штета и последици. Читателите се исклучително чувствителни на измама во насловот, на лажната надеж која е претставена во насловот и надналсовот. Таквите наслови треба да се елиминираат посебно во медиумите кои претендираат да бидат уважувани, сериозни и респектабилни, но и во оние кои се таблоиди. Ни нивните читателите не поднесуваат измама.

 

Поднаслов како составан дел на насловниот блок треба подетално да го објаснува она што следи. Поднасловот е најдолгиот дел од опремата на текстот и може да биде составен од повеќе реченици.

Порталите имаат лоша пракса воопшто да не користат наднаслов и поднаслов дури и кога се работи за подолги текстови во кои се обработува некој настан, или се прави политичка, економска или друга анализа. Само насловот на информацијата објавена на порталот: „Изјавата на Волерс за идентитетот ја разбранува јавноста“ без наднаслов, и поднаслов делува анемично и апсолутно непривлечно за читање. Дали на просечниот консумент зборот „Волерс“ веднаш нешто ќе му значи? Дали тој веднаш ќе го поврзе со американскиот амбасадор и со ставот на САД околу нашето идентитетско прашање? Одговорот е: НЕ. Доколку оваа информација би имала опрема:

Наднаслов: Расправата за идентитетот се сели на домашен терен.

Наслов: САД го критикуваат начинот на кој се гради нашиот идентитет

Поднаслов: Американскиот амбасадор во Македонија смета дека со оглед на различностите во нашето општество, погрешно е современиот идентитет да се бара во историјата .

Вака читателот од првите неколку реченици би добил претстава за што се работи, би можел да биде заинтересиран да го прочита текстот понатаму и тој кај него, како дел од јавноста, да предизвика некакво „разбранување“ на што авторот сака да укаже.

Идентичен пример е и овој текст од портал (без наднаслов и поднаслов) само со насловот „Музеј не е зграда“. Апсолутно некреативен, сиромашен и непривлечен за читателите насловен блок. Да се разбереме, прво, музеј е зграда во кој е сместена некаква музејска поставка или збирка. Понатаму, тоа е научна институција која, меќу останатото, се занимава и со проучување на оние предмети што се сместени во зградата… Ако целта на авторот била низ широкиот осврт да ја објасни негрижата на институциите за културното наследство, тоа можел да го најави со:

Наднаслов: Понижувачки однос кон музејските експонати

Наслов: Директор на музејот не знаел што има во витрините

Поднаслов: Последната кражба на уметнички предмети од Музеј на Македонија ја потврди поразителна слика за формалното постоење на институциите во државата

Кај порталите често наместо поднасловот првиот пасус од текстот е истакнат (болд) и има  двојна улога – да служи и како лид и како поднаслов. Доколку не се повторува како составен дел од текстот, таквата опрема може да ги задоволи критериумите за насловен блок како овде и овде.

Меѓунаслов, фичерс, антерфиле. Во подолги аналитички текстови, репортажи, истражувања… најчесто кај порталите нема меѓунаслови, антерфилеа, или фичерси, па текстовите личат на „чаршави“. Таквите прилози делуваат одбојно на прв поглед и предизвикуваат „замор“ кај читателите. Подолгите текстови, истражувања, анализи, интервјуа, репортажи можат во истиот текст да имаат различни тематски содржини. Тие од повеќе причини треба да се разбијат со меѓунаслови. Читателот, така, со еден поглед врз текстот може да определи дали таквиот текст е во зоната на неговото интересирање или не. Примери има овде и овде.

Во текстот  со наднаслов: „Паравоените формации на Западен Балкан“ и наслов:  „Марионети во рацете на политичарите“,  кој е разбиен со многу меѓунаслови, антерфилеа и фичерси, авторот му дава на читателот избор, најнапред да ги прочита содржините на оние делови што му привлекуваат најголемо внимание.

 

Антерфиле: Подолгите написи имаат елементи што често не се  во контекст на текстот, но се интересни и важни како дополнителна информација на содржината и можат да го привлечат вниманието на читателот да го прочита целиот текст. Тоа се дополнителни податоци што не се инкорпорирани во соджината на текстот, најчесто се обајснувања на одредени ситуациии, толкувања на експетите, коментар на авторот.

 

Фичер (feature): Ова е типичен интерпретативен жанр со елементи на фактографија. Иако содржи елементи на вест, главната функција му е да хуманизира, сврти внимание, едуцира. Во фичер авторот има прилика да го каже личниот став на живописен, не на сувопарен начин, да го покаже богатството на јазикот, да коментира, да изрази лично доживување. Целта на фичерот е да  привлече внимание на читателот и тоа внимание да го задржи до крајот на текстот. Може да соджи бекграунд, кратка анализа, мора да содржи интересен детал кој ќе го вовлече читателот во приказната, може да содржи историска контекстуализација, гледиште, став, важно е сите елементи на фичерот да бидат засновани на фактографски податоци. Додека во вест (hard news) информациите одат според значењето, во фичер (soft story) има сопствено значење, одложена поента на приказната.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).