Фејсбук не е простор за новинарско самопослужување
Објавено во Новинарски лекции
on 25 - 02 - 2014 Автор: Саше Димовски
Медиумите можат да објават лични податоци или приватни фотографии на јавни личности само доколку докажат дека јавниот интерес преовладувал над приватниот. Секое друго преземање на податоци, во најголема мера фотогрaфии од социјалните мрежи, не е дозволено и се казнува. Новинарско самопослужување со туѓи фотографии, без дозвола е спротивно на закон.
Пишува: Саше Димовски
„Какви приватни фотографии крие мобилниот телефон на една девојка“, „Погодете која спортска новинарка го поседува овој задник“, „Видете ги силиконите на ..“ „Се разголе на Фејсбук..“ се само дел од десетиците наслови кои можат да се прочитаат на интернет порталите, илустрирани со приватни фотографии преземени од социјалните мрежи. Секако, без прашање и согласност.
Во ера на постојана интернет комуникација, кога консументите се почесто се пред компјутер и следат различни содржини, обајавување или преземање на приватни фотографии преку нивното споделување станува достапно до илјадници корисници за многу кратко време. Моќта на интернет порталите и социјалните мрежи не може да се спореди со традиционалните, печатени медиуми, па од тука, во оваа новинарска лекција ќе укажеме на норми и правила кои првенствено треба да се водич за сите интернет портали.
Бројот на кликови или допаѓања за кои се борат интернет страниците, како и споделувањето на содржините, на многумина може да им го загорчи животот, со објавување или коментирање на фотографии и податоци без согласност на лицето. Затоа, уште на стартот мора да потенцираме дека социјалните мрежи, посебно Фејсбук како најпоплуларна, не се платформи од кои може да си земе кој што сака, без правила и прописи и без одговорност. Ниту пак тоа да го оправдаат со тврдењето дека тоа е интересно за јавноста.
Секој треба да знае дека еднаш споделен податок на интернет, независно дали тоа се фотографии, информации, податоци, вечно остануваат на интернет, дури и тогаш кога сопственикот кој ги поставил ги избришал од оригиналната страница. Но, тоа не значи пак дека медиумите можат да објават се, до кое ќе дојдат преку пребарувачите, независно дали информациите се достапни или отстранети од поставувачот. Или пак да немаат одговрност доколку во содржината во која се користени неовластено лични податоци, при пренесувањето само споменат кој ја објавил претходно. Апострофирањето на линк до друг медиум не ги ослободува од одговорност сите кои ја објавиле спорната содржина.
Македонскиот закон за заштита на личните податоци прави исклучок кога може да се објават лични податоци, во кои влегуваат и фотографии, но само доколку медиумот има оправдан интерес, каде што треба да докаже дека јавниот интерес преовладал над приватниот.
Што е јавен интерес?
Првото прашање кое се поставува во овој контекст е токму прашањето што е јавен интерес и дали се што ја интересира јавноста е јавен интерес?
Во услови на балкански менталитет и интерес кон оговарање, воајеризам или популарниот „чашма муабет“, да се потсетиме на измените на Законот за заштита на личните податоци од 2010 година каде што е поместено прашањето за јавниот интерес.
Дирекцијата за заштита на личните податоци во тие измени го вклучи јавниот интерес како одредница кога се цени повредата на правото на заштита на личните податоци.
Таа предвидува:
„Одредбите од овој закон нема да се применуваат врз обработката на личните податоци што се врши за професионалното новинарство, само во случај ако јавниот интерес преовладува над приватниот интерес на субјектот на лични податоци“.
Дирекцијата за заштита на личните податоци по донесување на измените на законот донесе препораки во кои се содржани основните начела за заштита на личните податоци при нивно медиумско објавување. Во нив се препорачува:
- Правична обработка на личните податоци, односно обработка во согласност со закон или по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци;
- Проценка на битноста на информацијата во однос на обемот на објавувањето на личните податоци и поставување на баланс помеѓу слободата на информирање и правото на приватност;
- Анонимизирање на ликови, регистарски таблички и други лични податоци на граѓаните;
- Задолжително анонимизирање на ликови и други лични податоци на малолетни лица;
- Објавување на иницијали наместо име и презиме на лицата кои се жртви на несреќи или лица против кои се води судска или управна постапка.
Но, кога станува збор за објавуавњето на лични податоци на јавни личности, новинарите и медиумите треба да прават разлика помеѓу јавни личности “par excellence”, или тие кои извршуваат политички функции, избрани и именувани функционери, на кои им се доверени или располагаат со јавни пари и добра, и јавните личности кои се популарни, но не извршуваат јавна политичка функција (естрадни личности, спортисти, уметници).
Доколку личните податоци се однесуваат на јавни личности кои не се јавни “par excellence”, не се релевантни за да се пренесе одередна вест и не се од јавен интерес, тогаш истите не треба да бидат објавени. Љубопитноста на јавноста не може да биде означена како јавен интерес. Заштитата на личните податоци на “обичниот граѓанин” и јавните личности е многу различна.
Условот за почитување на приватноста е автоматски редуциран за толку колку што носителот на податоците е навлезен во јавниот живот. Според принципите на Дирекцијата, втемелени врз основа на законот, податоците на јавните личности можат да бидат објавени без согласност на истите, кога медиумите имаат легитимна цел (злоупотреба на функција, злоупотреба на средства и пари од Буџетот, искористување на позицијата).
Баланс за податоци на јавните личности
Правната практика прави разлика помеѓу апсолутните и релативните лица на јавниот живот. Првата група вклучува лица кои се постојано под окото на јавноста поради нивната функција и улога во општеството. Релативни лица во јавниот живот пак се оние кои се интересни за јавноста повремено, заради нивната поврзаност со конкретен настан (победници на одреден настан, добитници на игри на среќа, вклучени во криминал).
Податоците на релативните јавни личности може да бидат објавени само кога постои оправдан јавен интерес поврзан со одреден настан. Ова, исто така важи за објавувања на информации поврзани со сторители на кривични дела за кои постапката е веќе завршена или пак за факти кои се случиле одамна бидејќи во такви случаи не постои правен интерес. Сензационализмот со објавувањето на некорисни информации е дозволено било за апсолутни или релативни јавни личности но не со цел да се повреди нивното право на приватност, ниту да се попречува нивниот приватен живот.
Дали може да се преземаат фотографии од профили на Фејсбук без согласност?
Ова е едно од прашањата за кое медиумите и новинарите мора да знаат дека не смеат да ги злоупотребуваат фотографиите од приватни Фејсбук профили, независно дали лицето дозволило нив да ги гледаат сите (отворен профил) или има прилагодување на профилот, опцијата за приватност која ја дозволуваат социјалните мрежи.
Член 2 од Законот за заштита на личните податоци утврдува дека:
– личен податок е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет“.
Истиот закон, во членовите 5 и 6 утврдува дека, личните податоци можат да се обработуваат во согласност со закон или по претходно добиена согласност од страна на субјектот на лични податоци. Медиумите не се категорија која има овластувања да обработува лични податоци, како што тоа можат да го прават банките, институции со јавни овластувања, судските институции или управните органи.
Кога сме кај фотографииите, мора да се знае дека фотографијата претставува биометриски личен податок кој влегува во категоријата на чувствителни лични податоци кои имаат и посебен степен на заштита и не смеат да се обработуваат без согласност од субјектот на личните податоци или без постоење на законски основ за тоа.
Кога станува збор за објавување на фотографии на Facebook, секој корисник со самото објавување на фотографиите на Facebook се смета дека ја дал својата согласност истите да бидат јавно објавени на интернет. Но, сервисот нуди опција секој корисник да може сам да одлучи кој од неговите пријатели или воопшто кој корисници ќе можат да ги гледаат фотографиите преку подесување на поставките за приватност (Privacy Settings).
Согласноста на корисникот да објави негови фотографии на приватен профил, без разлика на тоа на колку други корисници тие ќе им бидат достапна, не значи и негова согласност за истите да бидат реобјавувани на други веб страници или традиционални медиуми, па оттаму секое реобјавување на фотографии без согласност на лицето, носител на личните податоци е противзаконско.
Злоупотребите се казнуваат
Заштитата на личните податоци која е регулирана со Законот за заштита на личните податоци, а нивната злоупотреба, освен според овој закон, се казнува и според Кривичниот законик.
Злоупотребата на личните податоци на интернет била една од најчестите злоупотреби кои ги бележи Дирекцијата за заштита на личните податоци во последниот период. Граѓаните често се жалеле на злоупотреба на фотографии, лични податоци, украден идентитет, пробиен пасворд и управување на нивни профили.
Одговарајќи на претставките на граѓаните, Дирекцијата донела и серија решенија, покренала постапки, побарале укинување на профили или бришење на спорни фотографии или видео материјали. Еве неколку сегменти од нивните одговори до граѓаните:
Објавување на фотографии без согласност
Во неколку случаи биле поведени постапка поради објавување на фотографии без согласност на фотографираните на веб страниците со забавен и маркетиншки карактер на кои биле објавени фотографии од ноќниот живот во повеќе градови во земјата. Лицата се обратиле до e-меил адресата наведена за контакт на веб страниците и побарале фотографиите да бидат отстранети, меѓутоа не добиле одговор. Во овие случаи, Дирекцијата утврдила дека станувало збор за домени регистрирани во странство, меѓутоа администраторот ја вршел обработката во Република Македонија. Дирекцијата ги презела сите мерки кои и биле на располагање и фотографиите биле веднаш остранети.
Крадење на идентитет на интернет
Меѓу посериозните случаи на интервенција биле примери со крадење на идентитет на интернет. На интернет страница со забавен и маркетиншки карактер, бил креиран кориснички профил, каде што туѓи лични податоци биле искористени за креирање на профилот без знаење и согласност на лицето. На удар се нашле политичари, јавни личности, и бизнисмени.
„Овие интернет страни функционираат на принцип на креирање на кориснички профили каде лицата се регистрираат преку внесување на лични податоци во наведени задолжителни и доброволни полиња. Во конкретниот случај, без согласност од лицето беа објавени неговото име и презиме, фотографии, податоци за пол и возраст, боја на очи, висина, тежина и место на живеење. Овој домеин е регистриран во Република Македонија и лицето се обратило со барање лажниот профил да биде избришан, меѓутоа по неговото барање не беше постапено. По преземените дејствија на Дирекцијата, уште при првото обраќање лажниот профил беше избришан“ – констатира Дирекцијата, наведувајќи случаи од нејзиното постапување.
Овој пример е интересен од аспект на работата на медиумите, бидејќи преку лажен профил со украдени податоци на медиумите може да им се подметнат фотографии, информации или ставови, кои тие можат да ги пренесат и на тој начин да станат одговорни за тоа. Тоа што нема да го препознаат лажниот профил, нема да ги ослободи од одговорност. Затоа, овој пример треба да алармира дека не може да се верува на се што се чита на социјалните мрежи, а од таму ниту да се пренесува и цитира без согласност или претходна проверка.
Креирање на лажни профили
Како еден од најчестите случаи на злоупотреба на личните податоци било и креирањето на лажни профили на интернет порталите, преку кои креаторите на овие лажни профили комуницирале со други лица, претставувајќи се во името на засегнатото лице. Во изминатиот период Дирекцијата постапувала по неколку вакви претставки, за лажни профили на познати личности од Република Македонија. Овие профили беа креирани на портали кои што не биле регистрирани во земјава и кои не потпаѓале под нашето законодавство, но Дирекцијата стапила во контакт со тимовите за поддршка на овие портали и профилите биле отстранети од нивните интернет страници.
Компромитирачки видео материјали
Едно лице поднело претставка за повреда на неговата приватност и лични податоци на еден портал за наменет за видео материјали. Во име на засегнатото лице, некој поставил компромитирачки видео материјал, преку кој се нарушува честа и угледот на лицето опфатено со видеото. По поднесената претставка, Дирекцијата поднела барање за остранување на истото до тимот за поддршка на порталот. Како одговор им било објаснето дека конкретниот видео материјал мора да го избрише самото засегнато лице, бидејќи морало да бидат внесени неговите лични податоци.
Украдена лозинка на електронска адреса
Имало и случај кога едно лице поднело претставка за украдена лозинка на електронска адреса.
„Дирекцијата можеше да постапува до одреден момент, следејќи ги упатствата на порталот, но сепак, постапката мораше да продолжи со наведување на личните податоци и помошна електронска адреса преку која тимот за поддршка на порталот ќе контактира со засегнатото лице. Сепак и овој случај беше успешно решен и конкретната електронска адреса беше избришана од базата на податоци на интернет порталот“ – наведува Дирекцијата.
Овие примери, кои по барање на авторот на анализава ги подготви Елена Стојановска од Дирекцијата за заштита на личните податоци, се многу важни за медиумите, кои свесно или несвесно можат да влезат во нечија приказна, да објават податоци од лажно креирани профили или украдени адреси, а со објавувањето, без проверка и согласност ќе се изложат на кривично гонење.
Затоа, ризик постои за секој кој објавува податоци на интернет, но медиумите мора да ги почитуваат професионалните и етички норми и не можат и не смеат без согласност да објавуваат фотографии од интернет профили или истите да ги користат во несоодветен контекст и со тоа да ја нарушат приватноста на личностите.
Затоа, неопходно е да се почитува приватноста на другите. А, медиумите секогаш да имаат на ум:
„Бидете особено внимателни со објавувањето на лични податоци или информации кои се однесуваат на друго лице (како и фотографии или линкови до фотографии) без негова согласност бидејќи не сте сигурни кој и за која цел може да ги злоупотреби“.
Санкциите не треба секогаш да висат како плашило над медиумите, туку во вакви ситуации мора да се гледаат етичките моменти и прашањето: кој е јавниот интерес за да се објави одреден личен податок или фотографија. Не секогаш забавата која сака да ја наметне медиумот, може да биде забавна и за субјектот на кого се однесува!
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).