verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарите, законите и можноста за поставување вистински прашања

on 27 - 05 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: Gazetarët, ligjet dhe mundësia për të parashtruar pyetje të mirëfillta
Новинарите, законите и можноста за поставување вистински прашања

Фотографија: Tsahi Levent-Levi

Една од клучните предности на новинарите е тоа дека тие им се потребни на политичарите и посебно на претставниците на власта. Преку нив политичарите/претставниците на власта ги промовираат своите идеи и програми, им соопштуваат на граѓаните што направиле, известуваат за преземени активности и се промовираат себеси како градители на демократијата и почитувачи на правото.

Токму заради ова новинарите, за разлика од другите граѓани, ја имаат привилегијата редовно да поставуваат прашања и да ги проверуваат изјавите на политичарите/носителите на власта. И ова претставува суштинска алка во синџирот на контрола на власта и отчетност на власта.

За новинарите да ја искористат оваа привилегија исклучително важна е нивната подготвеност за материјата за којашто поставуваат прашања. Целосноста на информацијата, покриеноста на прашањата кои може да се постават и адресирањето на недореченостите, се елементи на контролата која медиумите (а преку нив и јавноста) треба да ја вршат врз политичарите/носителите на власта.

Една од нужните алатки во овој контекст се текстовите на законите. Имено, повикувањето на законите, проблематизирањето на изјавите на политичарите/носителите на власта низ призмата на законите и постојаното и упорно враќање на политичарите/носителите на власта на нивната обврска да работат согласно со законите претставува моќно оружје во рацете на новинарите.

Доколку изјавата, тврдењето, активноста на политичарот/носителот на власта помине без јасно назначување дали тоа што го тврди е во согласност со законите, многу лесно можат да бидат перципирани како законски, соодветни, исправни противзаконски дејствија, односно, граѓаните да добијат погрешна информација и погрешен впечаток дека овие дејствија се соодветни на демократско општество во кое владее правото.

Само како пример:

Отворена електронска продавница на „Нико-Фон“ со субвенции од Владата

Јас како читател не знам како да ја протолкувам оваа вест објавена скоро во сите медиуми и поставена и на порталот на Владата. Што недостасува во еден ваков напис, за да може од пренесена изјава да се претвори во информација?

  • Врз основа на што е доделена субвенцијата?
  • Кои биле критериумите, на каков начин бил спроведен конкурсот и зошто баш оваа фирма?
  • Дали воопшто има потреба од субвенции во областа за која станува збор (електронски продавници)?
  • Дали евентуално може да се постави прашањето за „принципите на пазарната економија, обезбедување на слободна конкуренција и исполнување на обврските преземени со меѓународни договори ратификувани од Република Македонија кои содржат одредби за државна помош“ согласно Законот за контрола на државната помош (Службен весник на Република Македонија бр. 145/2010 год.)?
  • Дали е известена Комисијата за заштита од конкуренцијата, односно, доколку станува збор за помош од помал размер, дали оваа комисија ги пропишала условите?

Само на ваков начин граѓаните можат да знаат дали доделената помош е законска или незаконска, дали со неа некој самоволно се фаворизира или пак се поттикнува развојот на државата, дали со тоа се руши или се гради системот.

Реакција на Министерството за култура на изјавата на Жерновски за мораториум на проектот 2014

Во сите медиуми беше пренесена изјавата на министерката за култура Канчевска:

„Градоначалникот на општина Центар нема правен основ за мораториум на изградбата на објектите кои се во надлежност на Министерството за култура“

и

„Потенцираме дека за сите активности поврзани со градбите коишто преку Министерството за култура се реализираат на територијата на општина Центар се постапува во согласност со законските прописи во Република Македонија, а објектите се градат во согласност со добиените правосилни одобренија за градење“, која се наоѓа и на порталот на Владата.

Вака пренесена изјавата на министерката за култура не е информација. Меѓутоа, може да биде дезинформација и наместо медиумите да се појават како контролори на власта, тие да станат манипулатори на јавноста со цел заштита на власта. Имено, доколку во ниту еден од медиумите заедно со дадената изјава не се поставени прашањата за тоа:

  • Дали според законот за локална самоуправа градоначалникот има или нема надлежност да ја преиспита законитоста на активностите кои се изведуваат на територијата на неговата општина?
  • Дали активностите за кои зборува министерката за култура се изведуваат без никаков удел на општината или пак постојат одлуки на општината кои се поврзани со овие активности и за кои е конкретно одговорен токму градоначалникот?
  • Кои се тие закони за кои зборува министерката и за кои тврди дека се испочитувани (секогаш мора да се бара конкретно наведување на законите и одредбите за кои станува збор)?
  • Дали е почитуван Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата (Службен весник на Република Македонија бр. 66/2004 год.)
  • Дали министерката има право да се заканува на оној што индицира постоење на прекршување на законите од страна на власта и којшто најавува иницирање постапка во која треба да се преиспита можното прекршување?

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески ги промовираше најновите измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти како – легализација на терасите по едно евро

По легализацијата на дивоградбите по едно евро за метар квадратен, се појави и легализација на бесправно изградените тераси по едно евро за метар квадратен. Медиумите ја пренесоа изјавата на министерот Јанакиески повторно без елементарен интерес за правната димензија на преземената активност и без елементарна анализа на самата изјава од аспект на остварувањето на правата на граѓаните. Никој не постави прашање:

  • Од кога тоа законите се менуваат со нивно усвојување на седница на Владата, наместо на Собранието на Република Македонија („Ова е предвидено со најновите измени во Законот за постапување со бесправно изградени објекти што Владата ги усвои на последната седница“)?
  • Зошто постои „Закон за постапување со бесправно изградени објекти“ објавен во Службен весник бр. 23/2011 доколку не се применуваат одредбите од овој закон?
  • Што да прават граѓаните кои заради постоењето на овој закон ги легализирале градбите на терасите и платиле полна цена за оваа легализација согласно чл. 20 од Законот?
  • Дали на ваков начин не се стимулира непочитувањето на законите?

Продолжува…


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).