verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарите не се џукели туку кучиња-чувари

on 7 - 02 - 2016       
Новинари интервјуираат владин претставник по колапс на зграда во Дар ес Салам. Фото: Мухамед Махди Карим, преку Википедија.

Новинари интервјуираат владин претставник по колапс на зграда во Дар ес Салам, 2013. Фото: Мухамед Махди Карим, преку „Википедија“.

 

Вочдог-новинарството подразбира: проверка на сите факти на кои се повикуваат функционерите, предизвикување на функционерите со проблемите и со грижите што ги манифестира јавноста, прибирање информации од места кои се недостапни за јавноста, истражување на одредени прашања во подолг период.

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Во светот постојат вочдог-новинари (анг. watchdogs, во превод кучиња-чувари), кои се набљудувачи, но и бранители на одредени вредности од значење за демократијата и за владеењето на правото. Основната мисија на овој вид новинари е повикување на одговорност на тие што имаат моќ.

За многу луѓе, вочдог-известувањето е синоним за истражувачко новинарство, конкретно, разоткривање тајни… Тоа подразбира известување за нешта кои се очигледни, спротивставувајќи ги на исказите на функционерите во власта и на тие што се на позиција на моќ, негирајќи ги и побивајќи ги дезинформациите и понекогаш дури и заземајќи став за тоа што би било вистинско решение според постојните факти.

Вочдог-новинарството подразбира: проверка на сите факти на кои се повикуваат функционерите, предизвикување на функционерите со проблемите и со грижите што ги манифестира јавноста, прибирање информации од места кои се недостапни за јавноста, истражување на одредени прашања во подолг период.

Во периоди на големи политички, институционални промени и прекршувања, медиумите добиваат особено значајна улога. Оваа улога е особено нагласена кога има показатели за големи нарушувања на човековите права, за можни злоупотреби од структурите во власта и атаци врз демократските принципи и врз принципите на владеењето на правото. Во вакви моменти профилирањето на медиумите како вочдог станува исклучително значајно.

Меѓутоа, токму во вакви периоди, постои опасност за злоупотреба и/или мисперцепција на тоа што претставува вочдог-новинарство, кои се неговите вредносни параметри и цели. Мисперцепцијата може да биде создадена со пласирање атрактивна содржина (поврзана со многу горливи настани, луѓе на значајни позиции, политички значајни ситуации) поради што луѓето можат да помислат дека станува збор за вочдог-новинарство.

За јавноста некогаш не е толку лесно да ја перципира разликата меѓу вочдог-новинарство и обична хајка која се прави за дискредитација на личност, институција или дејствување.

Како пример за една ваква ситуација, може да послужи медиумското информирање за дејствувањето на Специјалното јавно обвинителство (особено во периодот непосредно по разрешувањето од должност на две јавни обвинителки, кои беа дел од тимот на ова обвинителство и почнувањето истрага за неколку конкретни случаи).

  • Факт е дека Специјалното јавно обвинителство е многу важна и моќна институција во актуелниот момент на политичка, институционална и на правна криза во Република Македонија. Тоа има и финансиски и законски можности за водење истрага за големи прекршувања на законите во Република Македонија од страна на високи функционери во власта.
  • Факт е дека специјалната јавна обвинителка која се наоѓа на чело на ова обвинителство во своите раце има концентрирано значајни надлежности и дека таа претставува многу моќна државна фигура.
  • Факт е дека автономијата која ѝ е дадена во однос на структурирањето на институцијата, прибирањето на материјалите и на располагањето со државните ресурси одобрени за оваа намена, ја надминува автономијата на многу други институции од овој вид.

Имајќи го ова предвид, сосема нормално и очекувано е медиумите да бидат будни и да ја активираат својата набљудувачка функција за превенирање или сигнализирање на евентуални злоупотреби на должноста и на позицијата.

Меѓутоа, за да не се претворат од вочдог-новинари во новинари што водат партиско-пропагандна хајка против една институција, односно личност, потребно е големо внимание, поставување видлива вредносна рамка и многу јасно и видливо почитување и практикување не само на етичко-моралните узуси на новинарството, туку и на елементарните правила на занаетот.

На пример, медиумските текстови како:

на прв поглед изгледаат како продукт на вочдог-новинарство, кое се обидува на јавноста да ѝ понуди содржини кои се затскриени од нејзините очи, а кои имаат исклучително големо значење во остварувањето на една моќна функција како што е специјалниот јавен обвинител.

Меѓутоа, во текстовите нема елементи на вочдог-новинарство.

Прво, во самите текстови се дадени како факти тврдења на самите новинари кои не можат да бидат проверени, за кои не се понудени податоци (или барем аргументи) како доказ за веродостојноста и за кои не е понуден ниту одговор на другата страна во приказната.

На пример:

„Надвор од секаква процедура пропишана со закон, крајно пристрасно и политички, овластените соработници на Катица Јанева во недостаток на докази вршеле брутални притисоци за да изнудат изјави и искази кои не кореспондираат со фактичката состојба…

Спротивно на законот, членови на тимот на Катица Јанева се јавувале на приватни телефони и испраќале пораки…“

Прашања кои остануваат отворени во врска со едно вакво тврдење се:

  • Која била таа процедура надвор од закон која била применета?;
  • Во што се манифестирале пристрасноста и политичноста?;
  • Врз основа на што се извел заклучок дека има недостиг од докази?;
  • Во што се состоел бруталниот притисок?;
  • Која е таа фактичка состојба што се прикрива?;
  • Спротивно на кој закон е јавувањето на приватен телефон и испраќањето пораки?

Некои податоци што се наведуваат во написите се претставени како докази за малтретирање и кај јавноста се гради силен впечаток дека е направено некое пречекорување на законот, меѓутоа од самиот напис не може да се разбере во што, всушност, се состоело малтретирањето.

„Новата ’жртва‘ на тимот на Јанева поминал низ вистински терор. Обвинителите на специјалната јавна обвинителка кои разговарале со него барале да им посочи со кого соработувал и притоа му вршеле силен притисок и го заплашувале…“

Крајно нејасно останува во што се состоел „теророт“ на кој била изложена „жртвата“ на тимот јавни обвинители? Имено, јавниот обвинител има право да бара од оној за кој мисли дека има такви податоци, да ги посочи тие со кои соработувал. Вршењето притисок може, но не мора да биде малтретирање, а заплашувањето е нешто што треба да биде докажано.

Сличен облик на прикажување на сосема легални и легитимни искази како дел од противзаконско и тајно дејствување може да се идентификува и во тврдењето за тајните средби, договори и планови на Катица Јанева и Зоран Заев. Во цитираната изјава на Зоран Заев,

„Чекам резултати. Јас се борев заедно со вас за ова Специјално обвинителство, е сега резултатите ќе се испорачаат и тоа ќе има влијание врз изборите…“,

нема никакви основи за тврдење дека станува збор за некој таен договор. Напротив, тој се повикува на законски формирана институција и со ова изјавува дека ќе ги прифати решенијата што таа институција ќе ги донесе, какви и да се тие.

Или, на пример:

Деновиве медиумите пренесоа дека Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева и лидерот на СДСМ Зоран Заев имале средба надвор од Скопје и го договориле мастерпланот за одложување на изборите.

Главна цел на овој мастерплан била да се инсценираат случаи и без никакви докази да се вршат упади во домови. Бил даден и конкретен рок до кој требало да биде реализирано сценариото.“

Прашања што остануваат отворени во врска со едно вакво тврдење се:

  • Кои се тие медиуми што пренеле информација дека Катица Јанева се сретнала со Зоран Заев?;
  • Каде се доказите дека таква средба навистина се случила?;
  • Ако се случила, од каде дознаваме што се разговарало на неа?;
  • Кои се доказите дека Заев и Јанева подготвиле план, со конкретна цел, рокови и со методологија на изведување?

Дури и фотографиите што се дадени во медиумите кои ги изнесоа овие тврдења воопшто не ги даваат Јанева и Заев на некоја заедничка средба во разговор за што било.

Слични се и содржините кои се појавија во одделни медиуми, а кои се однесуваат на можни конкретни „жртви“ на „злоупотребата на должност“ на специјалната обвинителка Катица Јанева:

„Обвинителка од тимот на Катица Јанева заплашувала судија и вршела притисок тој да соработува со Специјалното јавно обвинителство. Судијата за случајот веднаш го известил Судскиот Совет.“

Ниту за ова тврдење, дека се вршел незаконски притисок, нема ниту еден единствен доказ (во вид на фотографија, писмен документ, аудио или видеозапис).

Новинарството не е пренесување улични муабети, туку истрага врз основа на улични муабети и наоѓање аргументи во прилог на одредено тврдење. Во спротивно, сè останува само на народната „Нема чад без оган“, која во основа е повик на линч. Без да се даде одговор на горните прашања и без да се почитуваат основните правила на истражувачкото новинарство, нешто што е навидум е вочдог-новинарство кое има цел да ја спречи неконтролираната власт, се претвора во хајка (независно дали е таа политички, партиски обоена или едноставно е почната заради самата нејзе). Една вест е хајка независно од тоа дали во насловот ќе бидат поставени или нема да бидат поставени прашалници и извичници, доколку се пренесува во голем број медиуми на истоветен начин, без да бидат понудени какви било фактички наводи, а со јасна цел – дискредитација на одредена личност.

На ваков начин не само што се пласира невистинита информација и се манипулира јавноста, не само што се предизвикуваат исклучително тешки последици во конкретна кризна ситуација, туку се дезавуира и новинарската професија и особено се деградира еден специфичен облик на новинарство: вочдог-новинарството.

 

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).