verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарите како бегалци во својата држава

on 15 - 09 - 2015       
11787364_1479468552368251_635089416_n
Клубот на пратеници – недостапен за влез на новинарите во целиот тек на преговорите. Фото: „Мета“

 

Последен во низата киксови е тоа што новинарите, кои ги следат работните групи на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино, повеќе од еден месец своите работни обврски ги исполнуваат од паркиралиштето пред Клубот на пратеници.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Кабинетот на премиерот Никола Груевски последните неколку месеци засилено ги игнорира новинарите од критички настроените медиуми. Игрнорањето се состои во тоа што тие не добиваат покани за настан на кој треба да присуствува и премиерот или добиват покана 15 минути пред настанот да се одржи. Оваа практика зачестува сè повеќе, а на мета на оваа „политика“ се критички настроените медиуми.

Последен обид за манипулација на новинарите беше и местото на прославата на 8 Септември. Новинарите за тоа дека премиерот ќе зборува на свеченост која се одржа во Македонскиот народен театар дознаа неколку часа пред настанот.

„Не е прв пат да нема точно одредено време и да не се кажува на кои настани ќе присуствува премиерот. На пример на Денот на независноста за неговото обраќање се дозна само неколку часа пред да почне Свечената академија. За првата средба на работните групи за спроведување на Договорот од Пржино имаше и лажна најава за тоа каде ќе се одржи средбата. Изминатиов период, премиерот изненадно се појавува и на настани ако треба да се пушти во употреба некој објект или, пак, на средба со граѓани. Многу ретко се случува тоа да биде најавено, за разлика од порано кога секој настан беше уредно пријавен“, вели новинарката на новинската агенција „Мета“, Александра Денковска-Гоцевска.

Меѓу последните „запршки“ што власта ѝ ги подготви на медиумската заедница е гостување на премиерот Никола Груевски во Штип, на отворање на германската фабрика „Техникал текстајлс“. Како што информираат дописниците на медиумите од овој град, првично им било соопштено дека Груевски нема да дава изјави, туку само ќе го означи почетокот на работата на овој капацитет.

„Кога луѓето од неговиот кабинет категорички ни потврдија дека Груевски нема да дава изјави, фотографиравме дел од објектот и го напуштивме настанот. Потоа колега од провладин медиум ме информираше дека премиерот, сепак, дал изјава. Тие морале да останат до крајот на гостувањето на премиерот и ги добиле изјавите“, ни изјави дописник од Штип.

 

ПЕРСОНА НОН-ГРАТА

Се чини дека целата ујдурма се засили кон средината на јули, кога Саше Ивановски од „Мактел“ беше прогласен за персона нон-грата во Клубот на пратениците. Тоа се случи по повеќето незгодни прашања од Ивановски до премиерот, министрите и до други функционери на власта.

Свеж пример, пак, за „доцнење“ на информациите за настан е поканата за прес-конференција на министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, од 20 јули 2015 година, која е испратена само девет минути пред нејзиниот почеток, односно во 12.51 часот за настан кој почнува во 13 часот.

За 9 минути да сте се нацртале на прес конференција - покана од Министерството за транспорт. Фото: скриншот
За девет минути да сте се нацртале на прес-конференција – покана од Министерството за транспорт. Фото: скриншот

Ваквата практика кон медиумите кои критички ја опсервираат работата на Владата ја потврдува и Сеад Ризвановиќ, главен и одговорен уредник на телевизијата „24 Вести“. Тој вели дека односот на власта кон новинарите и кон медиумите веќе со години е дисторзиран во негативна насока.

„Главен проблем е немањето елементарна одговорност на избраните функционери пред јавноста, претставена од медиумите. Владините представници често воопшто не одговараат на поставените прашања, иако се работи за теми кои се од највисок јавен интерес. Се случува и најавите за настани на кои се појавуваат владини функционери да се испраќаат доцна, половина час пред случувањето, а веќе е легендарна појавата премиерот Груевски да доцни на сите случувања, со што неодговорноста кон јавноста, гостите и кон медиумите станува воспоставен систем, за кој нема објаснување, освен, се разбира, последователните победи на изборите на владејачките партии, поради што тие веројатно мислат дека таквиот однос не им нанесува никаква штета“, ни изјави Ризвановиќ.

Оваа практика на власта ја чувствуваат и колегите од телевизија „Телма“. Новинарката Соња Николовска вели дека покрај тоа што не добиваат покани или ги добиваат многу доцна, последен во низата киксови е и тоа што новинарите, кои ги следат работните групи на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино, повеќе од еден месец своите работни обврски ги исполнуваат од паркиралиштето пред Клубот на пратеници.

„Се случува сатницата за настанот да ја дознаат дописниците пред да биде испратено соопштение од Кабинетот на премиерот“, вели Николовска.

Условите таму, пак, во најмала рака, се нечовечки. На сонце, на висока температура, на дожд и на ветер… Не помогнаа ниту апелите на новинарите тие да се пуштаат својата работа да ја извршуваат од Клубот на пратеници.

Дека ова не е нова болка, потсетува и порталот „Либертас“, според кој, на настаните низ државата, кабинетот на премиерот, според нивни извори, ги вика само државната и трите провладини телевизии, а од другите електронски и печатени медиуми, кои не се под негова контрола, дал наредба, настаните да се кријат, најверојатно за да избегне непријатни прашања.

Николовска за сето ова вели дека партиите можат да бидат задоволни затоа што успеале да ги одвратат новинарите од чекање.

„Секој ден ја тренираа нивната издржливост со затворени врати и со безгласни телефони. Медиумите попуштија на кондиција: еден се налути што не ни дозволија влез во Клубот, другиот што не ни дадоа изјави, третиот што се скапи кафињата во околните кафулиња, четвртиот што ни подаваа вода секој трет ден, а не редовно, петтиот што температурата надмина 35 степени, шестиот го заболеа нозете, па ја испрати помладата колешка, седмиот успеа да ги убеди своите уредници дека е преголем трошок да се преседи денот во службеното возило со вклучена клима. Конечно, информација во вид на телефонска порака дека е постигнат никаков или минимален напредок, може да се добие и од редакција“, вели Николовска.

 

НЕ САКААТ ДА СЕ ЗНАЕ ШТО РАБОТАТ

За новинарката на „Вест“, Соња Делевска, за толку важни теми, во најважниот момент за иднината на Република Македонија, одговорни партии и нормални политичари да се кријат од јавноста и да не кажат ни збор за тоа како ја решаваат судбината на оваа држава, е врв на дрскост, демонстрација на сила зад која се крие расипаност и кукавичлук.

„А, ако навистина немале услови за работа и ние ќе сме им пречеле, демек ќе биле како на излог во застаклената просторија, зошто тогаш не најдоа друг, посоодветен објект каде тие ќе работеа, а ние ќе можевме да чекаме изјави? Едноставно, затоа што не сакаат да даваат изјави. Не сакаат да знаеме кој од нив работи, кој спие, а кој игра на мобилен додека течат преговорите. Не сакаат да ги дознаваме нивните несериозни или неписмени предлози, да видиме кој блокира, а кој сака специјален обвинител, кој сака да го чисти избирачкиот список од мртви гласачи и додадени од соседните држави, а кој не сака“, вели Делевска.

 

„ПАЛОМА“ ЗА ВО ЃУБРЕ

Мими Шушлеска, новинарка во „Плусинфо“, ни изјави дека актуелнава власт во секоја пригода досега покажа дека на новинарите им дава вредност колку на палома-хартија, па откако ќе ги искористи наместо „паломата“, ги фрла в ѓубре.

„И кога ова е веќе јасно, тогаш не мора воопшто да се мислиме зошто прес-коференциите се закажуваат пет минути пред да почнат и зошто мора да се чувствуваме како бегалците од Блискиот Исток во сопствената држава кога со часови и на дожд и на сонце стоиме на паркиралиштето пред Клубот на пратеници додека чекаме да заврши состанокот на работните групи. Како се ближат изборите, нервозата на власта ќе расте, па нема да се изненадам ако повторно се случи некоја ситуација како онаа од 24 декември, па пак насила да нè туркаат и да нè бркаат од некоја институција изградена со наши пари – вели Шушлеска.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).