Нова клапа по старото сценарио
Објавено во Рецензии
on 9 - 06 - 2016 Автор: Александар Писарев
[Рецензија: Почнува изградбата на експресните патишта, се реконструираат 200 километри регионални патни правци]
Рецензираме популистички и фалбаџиски текст со кој треба да се подигне имиџот на партискиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и да се претстави како „премиер“. Прилогот повеќе личи на рекламен документарец во кој Груевски и понатаму пред народот глуми премиер, објаснува, раскажува и прима рапорт од членовите на Владата за изградба на новите патишта низ земјава.
Згора на тоа, и веста и насловот се бајати и во нив нема ништо ново, бидејќи Груевски од 31 декември минатата година, кога ја претстави партиската програма за наредната година, во меѓувреме работите изнесени во текстот ги повтори уште најмалку дваесетина пати, зборувајќи за изградба на експресни патишта низ државата.
Линк до оригиналниот напис: Почнува изградбата на експресните патишта, се реконструираат 200 километри регионални патни правци
Датум и време на објавување: 06.06.2015 19:40
Датум на рецензирање: 07.06.2015
Рецензент: Александар Писарев
ТВ-САПУНИЦА
Вистината во прилогот не може да се оспори, тоа го покажуват и фотографиите и снимениот материјал на терен, бидејќи низ Македонија навистина се градат неколку патишта. Но, овој прилог е направен наменски во популистички стил, за да му се подигне кредибилитетот на партискиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и да се сврти вниманието на јавноста од централните теми во државата. Откако го видовме како се забавува, во ноќен живот и игра баскет, во најновата сцена од телевизиската сапуница „Денот со Груевски“, тој во овој прилог е прикажан во сериозна улога на „премиер“, кој прима рапорт од ресорниот министер и директорот на ЈП за државни патишта и со сериозност на премиер објаснува, дава инструкции и прашува како треба понатаму да се одвиват работите и зборува што ќе се случи во иднина, кои патишта ќе се градат во октомври, кога ќе бидат распишани тендери… Претставувајќи го во таква улога, прилогот пред граѓаните прејудицира дека тој ќе биде и понатаму на власт. Затоа, во очигледно изрежираниот прилог, надлежните со полна сериозност и поданички му рапортират како на премиер.
„Значи, се гради патот Кочани – Штип, тоа е скроз нов пат со четири ленти, експресен пат. А што е со Ранковце – Крива Паланка? (му објаснуваат). Аха, значи како овие два Кочани – Штип и Радовиш – Штип така ќе биде и со овој Ранковце – Крива Паланка…
И кога одиме со нов повик за барање концесионер, јавно-приватно партнерство за нова траса на автопат Кичево – Гостивар, кога ќе биде тоа спремно?“
МУЛТИПЛИЦИРАЊЕ НА ВЕЌЕ КАЖАНОТО
За два дена веста и прилогот се мултиплицирани 19 пати во 15 медиуми блиски до актуелната власт, односно партијата ВМРО-ДПМНЕ. За спинот да биде што посилен, залепен е и графички приказ на сите можни локални, регионални и магистрални патишта во државата кои се градат, се изградени или се во план да се градат. Тоа е општо познато и не е вест, бидејќи во тој приказ нема ништо ново.
ПАРТИЈА КОНТРОЛИРА ЈАВНИ ПАРИ
Текстот отвара сериозно прашање дали посетата на партиски лидер, кој повеќе не е државен функционер, на градилиште, каде се во тек работите на објекти финансирани од парите на граѓаните, треба да се следи и покрива на овој начин – при што тој се прикажува како неприкосновен авторитет кој бара отчет и наложува како и каде да се трошат јавни пари. Тоа е типичен пример на злоупотреба на медиумскиот простор во функција на гебелсовска глорификација на водачот на партијата и нема никаква новинарска вредност. Затоа можеби ваквите вести би требал да се објавуват во рубрика „Политички реклами“.
Бидејки актуелната тема во државата се изборите, со ваков начин на известување е прекршен членот 14 од Кодексот на новинарите:
Известувањето од политичките процеси, особено од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
сеопфатнo
нема прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
поставено е видео
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
квалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови