Нов пад на Македонија на индексот на слобода на медиуми
Објавено во Новинарски лекции
on 23 - 04 - 2016 Автор: Александар Пешев
По драстичниот пад на 123. место во 2014 година и минатогодишното искачување на 117. позиција, земјава годинава повторно бележи пад на индексот на слобода на медиуми, кој го подготвува „Репортери без граници“
Пишува: Александар ПЕШЕВ
Македонија се најде на 118. место во однос на слободата на медиумите во светот според најновото рангирање на меѓународната организација „Репортери без граници“. Земјава бележи пад од една позиција на индексот на слобода на медиуми за 2016 година во споредба со лани. Клеветата беше отстранета од Кривичниот законик во 2012 година, но обвиненијата се заменети со граѓански судски процеси кои создаваат можност за тешки парични и затворски казни за новинарите и за сопствениците на медиуми, се наведува во делот за Македонија.
ЦРВЕНА ТОЧКА НА БАЛКАНОТ
Македонија и годинава се најде на дното на Балканот според индексот за слобода на медиуми. Од соседите, пред нас се Косово на 90. позиција, Грција на 89. позиција, Албанија на 82. место и Србија на 59. позиција на ранг-листата. Зад земјава во Европа се рангирани единствено Русија, Белорусија и Турција, а пред нас на европскиот континент, покрај сите земји членки на Европската Унија, нè надминуваат и Украина на 107. место и Молдавија на 76. место.
Најмалку 580 тужби за клевета се поднесени од крајот на 2014 година, а неколку десетици од нив се против новинари, забележуваат од „Репортери без граници“.
„Како резултат на ова, повеќе од половина од македонските новинари велат дека се самоцензурираат, според анкета на Синдикатот на новинари и медиумски работници“, се вели во извештајот на „Репортери без граници“.
Најдрастичниот пад земјава го забележа во 2014 година, кога беше рангирана на 123. место, за лани да се забележи напредок на 117. позиција и годинава повторно пад од едно место.
„Репортери без граници“ во текот на минатата година се огласи за заканите кон двајца новинари и испрати осуда за незаконското следење на комуникациите на медиумски работници во рамки на скандалот со илегално прислушување. Извршниот директор на меѓународната организација изјави дека шпионирањето на новинарите е „огромен напад на медиумските слободи со кој е закана на секој аспект на владеењето на правото“.
ВТОР НОТИРАН НЕУСПЕХ ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ
Падот на индексот е втора своевидна критика за состојбата со медиумите во Македонија објавена овој месец, откако американскиот Стејт департмент, во најновиот извештај за човекови права, кој се однесува на 2015 година, нотираше дека многи ограничен број на медиумски гласови активно изразувале разновидни мислења без експлицитни рестрикции.
„Медиумското известување остана поделено по етнички и политички линии, а мејнстрим-медиумите ретко ја критикуваа владата“, забележува Стејт департментот.
Инаку, во индексот на „Репортери без граници“ се рангираат 180 земји според слободата на медиумите. Најдобар резултат на ранг-листата што секоја година ја составува невладината организација со седиште во Париз, има Финска, пред Холандија, Норвешка, Данска и Нов Зеланд. Најлошо рангирани оваа година се Сирија, Туркменистан, Кина, Северна Кореја и Еритреја, која е последна на листата.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).