Непрофесионален текст кој отворено се става на страната на една политичка опција
Објавено во Рецензии
on 10 - 11 - 2015 Автор: Оливера Војновска
[Рецензија: Неуспешен обидот на СДСМ да ги избегне изборите]
Ова е еден од серијата тенденциозни текстови, кои медиумот ги објави истиот ден (6 ноември 2015 година), откако партиските лидери конечно ги усогласија деталите околу спроведувањето на Договорот од Пржино. Написот, кој, всушност, е само „преџвакување“ на материјалот објавен четири часа претходно, нагласено се труди да ја прикаже опозицијата како губитничка страна, која, наводно, очајнички се борела да ги одложи изборите предвидени за пролетта 2016 година.
Во оваа манипулативна приказна влегува и „извергланото“ сценарио за сериозен внатрепартиски конфликт во СДСМ, во кое неизбежно е инволвиран и Сорос и тоа во „радикалното крило“ на социјалдемократите!
Линк до оригиналниот напис: Неуспешен обидот на СДСМ да ги избегне изборите
Датум и време на објавување: 06.11.2015, 10:42
Датум на рецензирање: 07.11.2015
Рецензент: Оливера Војновска
ЗА ОПОЗИЦИЈАТА – СÈ НАЈЛОШО!
Материјалот што го рецензираме се потпира на вистинити факти:
- Датумот за избори останува непроменет – 24 април 2016 година;
- Постигнат е договор за таканаречениот закон за „бомбите“;
- Договорено е министерството за внатрешни работи да го води генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, министер за труд и социјала да биде Фросина Ременски, заменик-министер за финансии Кире Наумов, заменик-министер за земјоделство Љупчо Николовски и заменик-министер во Министерството за информатичко општество и администрација да биде Александар Кирацоски.
Но, текстот нема идеја објективно да извести за текот и за исходот на маратонските преговори, туку овие факти наменски ги користи за да манипулира и да ја дискредитира опозициската партија. Притоа, се повикува на анонимни извори „блиски на преговорите“ и не нуди аргументи за изнесените обвинувања, па тие добиваат шпекулативен тон.
И, правен во стилот „за опозицијата – сѐ најлошо“, овој едностран напис уште на почеток ја турка познатата теза дека СДСМ и нејзиниот лидер се плашат од избори:
„И покрај обидот на СДСМ, кој од петни жили се бореше да се одложат изборите, на 24 април народот ќе го даде својот глас. Опозиционата партија била ставена во ќош… СДСМ не успеа да избега од соочување со народот…“
Истата порака ја испраќа и спинерскиот наслов: „Неуспешен обидот на СДСМ да ги избегне изборите“, иако во написот нема никаква потврда за тоа.
Нема ниту докази за наводите дека:
„За време на преговорите жестока била кавгата помеѓу припадниците на радикалното крило на СДСМ, блиско до СОРОС кое по секоја цена инсистирало на конфликт за да се избегне изборно соочување поради свесноста за нискиот рејтинг на Заев, и крилото кое немало избор на овие преговори…“
Пласирани на ваков начин, овие „пикантерии“ (добиени од неименувани извори), изгледаат како да се наменски конструирани за социјалдемократите да се прикажат во негативно светло. А, во иста таква оцрнувачка функција е и констатацијата дека:
„…првите адути и кадрови решенија на Заев се луѓе од неговото најблиско опркужување кои не се никаква новина, туку стари и компромитирани кадри.“
ДА Ѝ СЕ УГОДИ НА ВЛАСТА!
Што се однесува до законот за заштита на приватноста (како што е официјалниот наслов на популарниот закон за „бомбите“), медиумите известија дека објавените прислушувани разговори, кои укажуваат на сериозен криминал и на злоупотреба на функциите, не се предмет на овој закон и може да се преобјавуваат.
„Новинарите може да ги користат сите веќе објавени материјали од прислушуваните разговори, без да бидат кривично гонети, но само оние кои се однесуваат на јавниот интерес. Не смее да се објавуваат делови со приватни разговори, кои не се од интерес на јавноста. Доколку медиум објави приватен разговор на прислушувано лице, за кој нема јавен интерес, ќе се казни со парична казна…“
Според наведеното во текстот што е предмет на оваа рецензија, законот за „бомбите“ ќе значи:
„забрана за објавување и казни за правното лице и изворот.“
Тоа е неточно. И, несомнено, ваквото толкување не е направено од незнаење, туку за да ѝ се угоди на партијата на власт.
Тоа дополнително го засилува впечатокот дека на читателите им е понуден непрофесионален текст, кој отворено се става на страната на една политичка опција.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови