Непотребно и неетичко нагласување на етничкиот идентитет
Објавено во Рецензии
on 1 - 11 - 2016 Автор: Владо Ѓорчев
[Рецензија: Осудени криминалци го нападнале Диме Спасов]
Текстот игра на опасна карта преку потенцирање на идентитетот на наводно осомничени Албанци кои го бркале министерот Диме Спасов. Оваа практика, пак, со нагласување на етничкиот идентитет на осомничените, во случајов Албанци беше скоро напуштена во медиумите по 2001 година, но сега, посебно пред изборите, таа се засилува што е доста индикативен момент. Опасноста да се игра на линија на етничка нетрпеливост посебно во состојба која е на работ на ескалација поради политичката криза воопшто не е одговорен чин на еден медиум.
Наспроти ова текстот неосновано ги објавува нивните идентитети, притоа смислено нагласувајќи дека се Албанци, без да се почитува пресумција на невиност и без да се почитува нивната приватност, нанесената штета на угледот, а воопшто не се внимава ниту на заштитата на членовите на семејствата.
А тоа е исклучително битно правило застапено во членовите 7 и 8 од Кодексот на новинари:
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.
Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.
Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.
Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.
Затоа овој текст е сè, само не новинарски производ, што се гледа уште од насловот, кој дава информација како билтен од Министерството за внатрешни работи. Но, еден медиум најмалку треба да биде полицаец, обвинител и судија, туку треба да биде на страната на вистината, за да може читателот понатаму да суди. Од тука може да се заклучи дека написот е школски пример за обид за пренасочување на вниманието преку поттикнување шовинизам и етнички тензии.
Линк до оригиналниот напис: Осудени криминалци го нападнале Диме Спасов
Датум и време на објавување: 29.10.2016, 19:32
Датум на рецензирање: 01.11.2016
Рецензент: Владо Ѓорчев
ТЕКСТ НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ
Целиот текст стои на стаклени нозе. Првично, затоа што нема извор. Нема атрибуција од каде потекнала приказната. Има наведено име и линк од медиумот од кој е преземен текстот и толку. Нема ниту обид да се продлабочи приказната или да ѝ се додаде содржајност и објективност со некоја изјава.
„Осудени криминалци со албанско етничко потекло кои имаат дебели полициски досиеа го нападнале и следеле возилото во кое се превезувал Спасов. Возилото во кој бил Спасов било следено од возило Пасат управувано од Даут Динарица кој во полициското досие има дури 39 тешки кражби, тешки кривични престапи и прекршувања на законот. Даут е и осуден насилник тоа токму поради тепачка користејќи и оружје. Тие го пресретнале возилото во кој се превезувал Спасов и сакале насилно да го застанат Веднаш до него во возилото пасат бил Омер Аџами зад кој исто така има криминални дела на тешкикражби и помагање во други кривични дела“.
Покрај тоа што се споменуваат и имиња на Албанци со што недозволиво се нагласува етничкиот идентитет на осомничените, како на филм се опишани настаните.
Што се однесува до изворот на приказната Кодексот на новинари во член 4 предвидува:
Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.
Притоа, а во „интерес“ на тоа дека текстот има скриени намери на разгорување на националистички страсти помогна и отсуството на информацијата дека лицата што овој текст ги обвинува го негираат делото.
А тоа се случи. Медиумите објавија:
Кога ги слушнале своите имиња на некои од провладините медиуми лицата сами синоќа отишле во полициска станица и дале изјави во кои се посочува дека приказната нема никаква врска со нив, ниту е вистинска. Ниту го бркале, ниту го виделе Спасов во ноќта кога заменик министерот удри две возила.
НАПАДОТ ПРОДОЛЖУВА
Текстот и понатаму во ист манир ја плете приказната:
„Оваа позната скопска криминална група важи за блиска до СДСМ. Она што фрла сериозен сомнеж за политичка злоупотреба и се работи за смислено сценарио е што има цела низа на пропусти во постапката од страна на МВР. Веднаш по запирањето на возилото во кое се превезувал Спасов за нецели 2 минути дошла поголема група на алфи истата онаа група која Спасовски ја ангажираше пред извесен период. Дополнително во текот на бркотницата на два пати откако возилата подзастанеле на скопската раскрсница, познатите криминалци со тупаници удирале по возилото во кое се превезувал Спасов закајнувајќи се дека ќе го убијат“.
Сепак, мора да се напомене дека го нема извештајот од билтенот на МВР во кој се опишува како изгледала целата случка. Исто така, во написот нема ниту збор за тоа дека некое лице лажно се пријавило дека го возело возилото во кое бил министерот Диме Спасов. Нема ниту реакции од јавноста, кои беа огромни.
Ова е целосно испревртен текст. Нема ниту „н“ од новинарство, а се занимава со истрага како да е истражен орган. Притоа нема ништо за тоа од каде се информациите. Нагласувањето на идентитетот е посебно опасна игра. Тоа секој професионален медиум го знае. Затоа што Кодексот на новинари во член 10 вели:
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
целосна копија
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
потикнува на насилство
дискриминира
национална дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
не апликативно
има контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови