Непотпишано новинарство – премолчена вистина
Објавено во Анализи
on 13 - 09 - 2015 Автор: Дејан Донев
„Медиумите не се само апарат, организација или група, состав, туку, пред сѐ, се диспозитив за креирање конверзациски светови, онаа културно-комуникативна околина во која се втиснати содржините, значењето и колективните гестови кои вршат промена. Создадени преку интеракцијата на политиката, општеството, стопанството и технологијата, тие повторно градат еден систем преку новинарството и јавноста, кои одредувачки влијаат на факторите на индивидуалниот и колективниот, но и на приватниот и јавниот живот“, вели значајниот теоретичар на медиумите Томас А. Бауер на почетокот од својата книга „Медиуми за отворено општество“, уште во првата декада од новиот милениум (книга која Хрватите ја преведоа уште во 2007 година, а кај нас, за жал, сѐ уште само малкумина од оваа област знаат дека постои).
Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите
Во контекст на Бауер, ако го поставите и прашањето за соодносот меѓу медиумите и општествените движења, или, пак, отидете подлабоко во прашањето за самата конституција на човекот која под влијание на медиумите се менува, македонската медиумска реалност, онаква (разнебитена) каква што е, може да ви биде еклатантен пример за тоа дека во Македонија во моментов „цветаат рози“, сè е идеално, вработеноста ни е на максимално ниво, (странските) инвестиции нè направија нова „Мека и Медина“, т.е. „рај за сите“, само што ние, заедно со мигрантите или бегалците (кој како милува во согласност со сопствените знаења за значењето на овие термини), никако тоа да го сфатиме, па бегаме сите заедно во некоја си „проклета“ Германија за парче леб, наместо да си останеме овде на цела гозба! Дури и „комшиските кулоари“ се насочени кон „забавната политика“ и на тоа кој каде оди, а не со чии пари и за колку, а за „чаршиарските“ ниту збор. Па, така, успешно спроведената провладина „divere et impere“, во новинарството направи стандардите да можат слободно и без одговорност да се напуштаат, бидејќи златната доба на Перикле во Македонија преоѓа од полето на професионалната култура кон еден нејзин подвид – супкултурата: жолтиот печат, а не информирањето par excelance!
Оттука, наместо медиумскиот простор да биде користен за исполнување со факти и со информации, а моралниот императив на новинарството да биде информирањето на јавноста, се помина на „инфотејмент“ зачинет со „жолт печат“ конститутивни елементи од типот кој каде оди на летување, со какви очила, со какви јахти се превезува, па сè до тоа во какви апартмани или хациенди престојува и чии се тие. Се работи за привидна ресилиентност, простор во кој, во крајна линија, доколку и се сака да се презентира сериозноста, обично сѐ се сведува на беневолентни дипломатски флоскули.
СКОКОТКАЊЕ СО ЛУКСУЗНИ КУЌИ И СО ПРИВАТНИ ЈАХТИ
Во оваа насока, за типичен пример го издвојуваме непотпишаниот напис во „Курир“, „Заев во Грција бил во неговата луксузна куќа“ од 15 август 2015 година, од августовскиот атак кон опозицијата (почнат како контраодговор на серијалот „Премиерските очила“), дополнет еден ден подоцна со „сензационалните откритија“ на „Република“ на тема „Дали ова е приватна јахта на Радмила Шеќеринска?“ и кој во својата медиумска хајка се служи со во целост непроверени и непотврдени факти од типот: „дел од информациите и разговорите кои може да се слушнат во Струмица“, односно „се говори дека…“ или „како што таму говорат граѓаните…“, па сѐ до тоа дека „според муабетите кои кружат во Струмица, чести посетители на таа куќа биле и…“. Истиот напис, во согласност со манипулаторната шема (Стопати кажана лага, станува вистина!) поентира со ноторно прашање кое само по себе нема тежина, туку само повреда на приватноста, наметнувајќи го толку посакуваното чувство и опкружување на вина – „што сака Заев да сокрие од јавноста молчејќи каде бил на одмор“, за заткулисните играчи и игри да почнат и да го свртат вниманието на јавноста.
Ова во ситуација кога, знаејќи ја идеолошката матрица на медиумот, преку прилогот се прави злоупотреба на истиот заради пресметка со личност или личности и тоа преку еднострано посочување податоци (ако воопшто се податоци бидејќи, во најмала рака, како што стои во еден од коментарите под прилогот, ниту се проверени катастарските листови, ниту е побарана потврда од официјалните институции за вистинитоста на т.н. податоци), односно користејќи се со веќе добро познатата техника на замајување на јавноста преку прикривање на суштински податоци, непотпишаниот новинар само изнесува свои перцепции и ставови, шпекулации, со што го прекршува еден од основните критериуми на етичното новинарство во делот на манипулациите и на пропагандата.
Трагичното во оваа безмалку комична ситуација е што прилогот „Заев во Грција бил во неговата луксузна куќа?“ на „Курир“ беше експресно пренесен и од порталите, но и од другите медиуми, претежно провладини: „Економски“, „Вистина“, „Нетпрес“, „Лидер“, „Прес24“, „Максим“, но и од „Република“, која побрза утредента со „сензационалните откритија“ за тоа каде летува вториот човек на опозицијата.
Истиот напис, подлабоко, го наметнува и есенцијалното прашање за новинарската професија: дали е вистина сè што медиумот ќе пренесе, особено во услови во какви е македонското новинарство (кога на табелата од 14 презентирани портали, барем повеќе од половината во „топ 5“ се провладини) и што, всушност, е вистината по себе (во новинарски рамки, преку проверливоста на фактите), за оваа професија да го задржи квалификативот „новинарство“. Одговорот е поразителен ако се знае дека се работи за седморангиран портал во изминатите 30-тина дена со 1.862 вести и со повеќе од 300.000 фејсбук-активности. Ова особено затоа што ја отвора вратата за многу поперверзни манипулаторски техники, кои беа применети во деновите потоа, а од кои издвојуваме, исто така, само еден за анализа.
ЈАВНОСТА СО „КРАТКИ РАКАВИ“
Се работи за написот „Ексклузивно: Заев одмарал во негова вила вредна милиони евра, се криел со пешкир да не го фотографираат!“ на „Инфомакс“ од 19 август 2015 година, потпишан од стана на неизвесна Емилија, а извесно многу рано наутро, уште од 7.50 часот, преполн со шпекулации (читај: т.н. податоци), а кои доаѓаат од „граѓанинот Ј.Ј. кој бил на летување со своето семејство на првиот крак во Грција, Касандра на Халкидики“. „Според неговото кажување во една случајна прошетка забележал неколку возила со струмички регистарски таблици…“. Написот кој, патем, доживеа 749 допаѓања на „Фејсбук“, уште повеќе се базира на еднострано истакнување податоци, со сигурност непроверени затоа што „како што не информираше граѓанинот кој случајно го пресретнал Заев на ова место, вилата во која престојувал Заев била во негова сопственост, а тој доаѓал неколкупати годишно, уживајќи настрана од љубопитните очи на јавноста“. Уште повеќе, во очајнички обид да се направи сензационалистичка сторија која ќе почива на основните постулати на истражувачкото новинарство, новинарката успеала барем да „сработи нешто“: „за нашата редакција беа недостапни цените на вилите за кои претпоставуваме дека се движат од 1.000.000 евра па нагоре, но успеавме да дознаеме кои се цените за едно ноќевање. Имено, слично како и заменик претседателката на Заев, престој во вила на ова место чини неверојатни 206,000 денари за вечер или цели 4.000 евра“.
За комичноста да биде уште поголема, со страотна брзина оваа „суштинска“ ударна вест за македонската демократија ја пренесоа и „Плус24“, „Новини“ и уште неколку други портали, но со неверојатна бавност отиде нејзиниот демант и тоа дури на 3 септември 2015 година: „Редакцијата на Инфомакс.мк и издавачот Центар за Истражување и Анализа потврдува дека наодите наведени во текстот се невистинити, и истиот е отстранет од огласниот дел на веб-страната“, стои во извинувањето“.
Штетата е веќе направена, а од почитувањето на новинарските стандарди ниту трага, ниту глас: Текстот сѐ уште стои на огласниот дел од веб-страницата на „Инфомакс.мк“! Толку од идејата јавноста да биде директно информирана за она што ја засега во демократскиот процес. Наместо тоа, повторно ѝ се понудија „кратки ракави“, нудејќи ѝ забава преку жолтопечатски техники кои стануваат тренд во македонското новинарство, со тенденција да се востоличат во нормален стил и работа во новинарското известување. Уште повеќе, до каде и до кога ова деградирање на професијата ќе трае? Што ако се сменат главните играчи, ќе се жртвува ли личниот и професионалниот дигнитет за одредени партиски стратегии?