Нема украинско, туку балканско сценарио пишувано од корумпирани лидери
Објавено во Колумни
on 19 - 05 - 2016 Автор: Љубомир Костовски
Нема многу западни лидери кои имаат можност долго да останат на власт, лесно да крадат гласови, да немаат средени избирачки списоци… Секако, и во развиените демократски општества има корупција, ама таа се бележи и се казнува. Кај нас и во уште неколку земји околу нас медиумите многу лесно посегнуваат по украинското сценарио како извор на неволји за политичките лидери, без да се читаат мотивите на масите кои незадоволни чекорат по улиците
Пишува: Љубомир Костовски
Граѓаните во регионот живеат во многу слични услови и со политички елити наклонети кон корупција и со евидентен дефицит на демократски сенс во себе. Така може и единствено да се објасни ситуацијата што во сите делови на потконтинентот по улиците се валкаат колони со незадоволни граѓани. Тоа секако нема врска со никакво надворешно влијание и со некакви прозападни планови, како што се сретнува во еден дел од печатот и ТВ/радио емисиите на Балканот. Терминот „украинско сценарио“ го користат најнапред провладините кругови во земјава за да се направи ширење на „злото“, кое го напаѓа нивниот партиски лидер и плутократијата околу него, а што не доаѓа однатре, туку е донесена од меѓународните кругови, со што би ја избегнале ситуацијата дека самите, со постапки кои извираат од Илинденска број 2, влегуваат во некаква Гинисова книга на „уникатни“ решенија од претполитичка доба!
Вака, ако шанецот се продолжи од Табановце на север и запад, добиваме виртуелен фронт што, ете, го илустрира, загрозениот регион. Во таквото тврдење домашните илустратори на една таква ситуација наидуваат на поддршка само во Белград и во Бања Лука, одново од слични мотиви. Иако, рака на срце, проблемите за власта се присутни насекаде, во секое катче на поранешна СФРЈ и во соседна Бугарија, секако и Грција и тоа не само сега, туку во некаков децениски континуитет!
Впрочем, како може да се говори за украинско сценарио кога регионалната криза е постара од настаните на плоштадот Мајдан во Киев?! Да се сетиме само на нередите во словенечките градови (декември 2012 година) за што пишуваше цела Европа. Протестите настанаа меѓу граѓаните во Марибор. Сè почна кога повеќе од 10.000 луѓе постојано бараа оставка од корумпираниот градоначалник Франк Канглер, иако генерално може да се смета дека нередите кои се проширија на целата држава се предизвикани од незадоволството од социјалните, економските и политичките услови кои владеат во земјата.
БИВША ЈУГОСЛАВИЈА – СЛИЧНИ ПРОБЛЕМИ НАСЕКАДЕ
Антивладините протести во Босна и Херцеговина од пролетта 2013 година главно се реакција на речиси 40-отстотната невработеност и на проширената корупција. И додека властите оценуваа дека демонстрантите биле изманипулирани, аналитичарите сметаат дека токму таквите оценки го покажуваат нивниот страв од народот. Протестите на незадоволните работници и граѓани почнаа во Тузла, но потоа се проширија и во другите градови. Во овие најголеми социјални нереди во Босна од војната во деведесетите години, повеќе од 300 луѓе беа ранети, а штетите од запалените општински згради изнесуваат повеќе од 25 милиони евра!
Србија, чии водечки политичари и медиумите под контрола на власта сè до пред изборите го подржуваа Груевски од многу причини, а пред сè затоа што премиерот Александар Вучиќ себе си посакуваше долговечност во практицирање на власта, која е со многу одржливи паралели на контрола на системот (преку споменатите медиуми под негови клешти, со уривање на опозициската локална власт, со негување на сите форми на нам познат популизам). Непосредно пред изборите реториката во таа насока се смири и се престана со ширењето на стравот од „извозот на шарената револуција“ кон Белград, бидејќи се сакаше предизборно да се прикаже дека Србија е единствено стабилна земја во регионот. Така е гледана и од дел од нашите медиуми, особено во „Вечер“ и ТВ „Сител“ каде се смета дека изборите во Србија ја спасиле оваа земја од пренесени улични немири (!), нудејќи ги изборите како спас и за нас. Ама, остана реториката за украинското сценарио, иако стариот и новиот премиер Вучиќ вели дека кога говори за киевското сценарио се повикува на нашите извори („како тие велат“), мислејќи на нас Македонците.
Но, неспоредно по изборите, кога опозицијата почна со организирање протести заради технологијата на која власта влијае, пред сè, на Државната изборна комисија, се промени одново односот кон можните протести на север од нас, но, на крајот, се покажа дека опозицијата нема сила да го мобилизира јавното мнение. Па, пак, одново се говореше за украинското сценарио кога дојдоа гласовите дека во Бања Лука (Република Српска) ќе дојде до копирање на настаните од Македонија, а под влијание на „западни спонзори“. Дури беа лиферувани и фалсификувани документи за наводна помош од Сорос за тамошната опозиција, што бргу се откри како подметната вест.
„Сите, дури и оние кои површно ги следат по медиумите настаните во регионот и во Европа, знаат дека нема основа за споредби меѓу македонското и украинското сценарио… демонстрантите во Скопје фрлаа кон зградата на владата со боја“ – пишува во белградско „Време“, Јована Димитриевиќ.
Она, пак, што беше слично меѓу Српска Краина и Македонија, секако, е начинот на кој опозицијата реагира на манирот на владејачката партија да не се поддржува до договореното (го урива Дејтонскиот договор), се однесува апсолутистички, а каде заради корупција почнаа да пропаѓаат некои локални банки. Со банките, и многу коминтенти паднаа во должничко ропство, без каква било вина. Факт е дека ние пренесовме сепак нешто преку граница – Милорад Додик од СДС организираше контрамитинзи со членови на својата партија и со ангажирани „симпатизери“.
Има ли совпаѓања меѓу настаните кај нас и во Република Српска и по која основа, не е тешко само низ овој пример да се заклучи.
Впрочем, нереди имаше и во Подгорица и другите црногорски градови. Во октомври минатата година повеќе илјади демонстранти доаѓаа во главниот црногорски град. Не навлегувајќи во нивните оправдани или неоправдани барања, мора да се истакне дека белградската власт, онаа на Вучиќ, иако не директно, тогаш индиректно ги поддржуваше партиите од Демократскиот фронт кои излегоа на улица и останаа таму 20 дена. Впрочем, дел до тие партии се од корпусот на т.н. просрпско и проруско лоби (!). Дури и покрај тоа, голем дел од опозициониот печат во Србија ги бранеше од насилство протестантите, како што е, на пример, неделникот „Њусвик“, балкански клон на истоимениот весник од САД. Како лесно се руши, само на овој пример, тезата дека некој ширел украинско сценарио во Црна Гора (кризата таму сè уште трае, иако актерите имаа малку повеќе смисла за компромис во овој случај) кога сите траги од Монтенегро водат далеку од западните земји?!
Конечно, ја имаме и Хрватска, ако говориме за земјите кои настанаа со распадот на СФРЈ, каде е во мигот актуелна корупциска афера со потпретседателот на Владата и лидерот на ХДЗ – Томислав Карамарко, која ја загрозува владата во оваа земја и сојузот со Мост. Иако таму неодамна имаше избори (ова за оние кои сметаат дека ако има избори секогаш ќе има мир и стабилност потоа), дури два месеци не можеше да се направи кредибилна коалиција.
КОРУПЦИЈА – КЛУЧ НА КОЈ РЕАГИРА МАСАТА НАРОД
Но, клучот на сите немири на Балканот е одново и одново корупцијата на политичарите на која реагира масата народ. Осиромашените граѓани, многу на работ на гладот, по долгите години транзиција сметаат дека 25 години после смената на системот тие ништо не добиле, а многу изгубиле, и дека оние кои требаше да го доведат духот на промените си ги наполнија бисагите.
Потоа, како што неодамна за емисијата „Пресинг“ на регионалната телевизија Н1 рече Драгољуб Жарковиќ, лидерите на Балканот го имаат путиновско-лукашенковскиот манир за долго, неограничено владеење. Така, црногорскиот лидер Мило Ѓукановиќ најпрвин беше премиер на Црна Гора (1991–98), потоа претседател на таа земја (1998–02), па одново премиер (2003-10)… И нема крај секако.
Годините на служба на нашиот премиер се, исто така, бележени на 10 години, со многубројни вонредни избори зад себе (практично ниту едни после не биле редовни), пример што сега го следи српскиот лидер Вучиќ и кој, после оддалечувањето со сопартиецот, претседателот Николиќ, ја мерка и неговата фотелја, за да ја земе при следниот реизбор!
Би можеле, секако, да најдеме и многу други сличности кај балканските елити, ама соодветните примери во западните земји не би им нашле така лесно. Полесно ќе ни биде ако погледнеме кон Исток.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).