Неименувани експерти, забошотени изјави, измамени граѓани
Објавено во Рецензии
on 5 - 12 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
[Рецензија: Заев повторно со контрадикторна изјава за настаните во Диво Насеље]
Манипулација со фактите, злоупотреба на анкета на граѓани за поткрепа на зададена теза, вадење експертски мислења од ракав, ова накусо би била оцена на прилогот што е предмет на рецензијава. Тема на прилогот е ставот на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, во врска со настаните во Куманово, кој беше актуелизиран во текот на неделата пред да биде објавен прилогот, како и тезите што беа пуштени од провладините медиуми за наводната конфузија и непримерена промена на ставовите на Заев во врска со овие настани.
Темата е така одработена што создава сомнежи во искрените намери да се информира. Како поинаку да се протолкува тоа што целиот прилог се темели на тезата дека Зоран Заев е конфузен, бидејќи еднаш ги оценува кумановските настани како терористички напад, а во друга пригода вели дека се организирани од државни структури, кога тонската снимка го содржи објаснувањето на Заев во која тој појаснува оти оцената за тероризам не се коси со неговиот претходно искажан став дека зад Куманово стојат луѓе од власта. Со други зборови, прилогот наменет за емитување на телевизијата ја содржи целата изјава на Заев, од која може правилно да се заклучи дека неговите две оцени за кумановските настани не се косат една со друга, туку се дополнуваат, но текстот наменет за читателите на порталот на телевизијата ја кажува само онаа верзија која е синхронизирана со другите провладини медиуми, а тоа е дека Заев не знае што зборува и си го менува ставот за оваа тема. Дури кога ќе се кликне и ќе се изгледа целата снимка, може да се добие пореално согледување за тоа што, всушност, кажува Заев.
Линк до оригиналниот напис: Заев повторно со контрадикторна изјава за настаните во Диво Насеље
Датум и време на објавување: 30.11.2015, 18:08
Датум на рецензирање: 4.12.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Фактите во написот се замаглени и притоа малку е веројатно дека се работело за пропуст, а поверојатно е дека е тенденциозно. Фактите зборуваат: Зоран Заев навистина повеќепати дал оцена во јавни настапи дека настаните во кумановското Диво Насеље биле смислено сценарио од структури во власта. Тој, исто така, јавно ги оценил истите настани како терористички чин и дотука работите и во прилогот се во ред. Но, оној момент кога на јавноста ѝ се забошотува појаснувањето на Заев, дадено на прес-конференција, на кој начин неговите две оцени за Куманово не се контрадикторни, туку комплементарни, тогаш на сцена стапува манипулација со фактите и со вистината. Ова стои и во прилогот и во написот:
„Заев повторно со контрадикторни изјави околу случувањата во кумановско Диво Насеље кога животот го загубија осум припадници на специјалните полициски сили, а 34 беа повредени. Првичните тврдења на челниците на СДСМ беа дека се вмешани државни структури, потоа Заев го оквалификува како класичен терористички акт, за денеска лидерот на социјалдемократите да се врати на првата теза.
Спротивно на ова на трибина во Словенија рече дека несомнено се работи за терористички акт сличен на оној во Париз.“
А овој цитат од Заев го има во прилогот, но го нема во написот:
„Поента на целата дебата беше дека е пропулзивна, податлива секоја земја кога се вака тензични работите, за било каков тетрористички, бандитски, криминален акт или слично. Новите информации во текот на истрагата, кои се веќе достапни до јавноста покажаа дека неколку луѓе имаат свое минато во Сирија, но тоа воопшто не е спротивно со претходните ставови за поврзаноста на власта токму со овие структури кои беа во Куманово.“
Освен стандардните извори на информации – изјавите на Зоран Заев, овој напис, односно прилог користи и други извори – ставови на анкетирани граѓани и ставови на неименувани претставници на експертската јавност. Во првиот случај, во анкетата, не можеме да дознаеме какво прашање им е поставено на граѓаните кои се изјаснуваат пред камера, бидејќи тој дел го нема во прилогот, но од нивните одговори би можело да се реконструира поставеното прашање и тоа би гласело отприлика вака:
Што мислите, дали е во ред што Заев еден ден зборува дека кумановските настани ги искреирала власта, а друг ден тврди дека се работи за терористички акт?
Вака поставеното прашање, што воедно е и основната теза која ја брани овој прилог, секако дека ќе генерира одговори од мнозинството испитаници кои содржат осуда на таквата превртливост на Заев. Но, како што видовме, Заев објасни дека не си го сменил мислењето, што значи дека анкетното прашање било манипулативно, односно граѓаните биле наведени да се изјаснат на точно определен начин.
Во вториот случај, манипулацијата е уште погруба – написот и прилогот се повикуваат на неименувани „експерти“ кои, пригодно го имаат следниов став:
„Експертската јавност излезе со став дека изјавите за државно креирање на Диво насеље опозицијата и нанела огромна штета на Македонија, а променливите изјави биле давани за потреба на одредени странски центри на моќ и за евтини политички поени.“
Поради овие елементи, написот што го рецензираме содржи извртување на вистината, лажно ги информира своите консументи и покажува јасно профилирана пристрасност кон одредена верзија на настаните, верзија која ѝ одговара на власта.
Ова укажува дека написот е искористен за смислено дезинформирање на јавноста и за насочување на нејзините ставови во правец на поддршка на владејачките структури, а против опозицијата.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални
релевантни, нерелевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови