(Не)етичното во употребата на социјалните медиуми
Објавено во Анализи
on 14 - 02 - 2017 Автор: Дејан Донев
Во последната деценија на 20 век се забележаа драстични промени во процесот на производство, дистрибуција и на користење на информациите. Истите се последица од брзиот техничко-технолошки процес, кој во себе содржи енормно количество на потенцијал за експанзија. Се случи „медиумска револуција“ со што напредните технологии засекогаш го изменија начинот на кој се создаваше, се пренесуваше, се пласираше и се чуваше комуникацијата
Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите
Новите медиуми или т.н. „трети медиуми“ кои се појавија како резултат на концептот Web 2.0 и на новите медиумски технологии, почнаа да се гледаат како дел од промените кои се случија и се случуваат на општествено, технолошко и на културно ниво, предизвикувајќи неповратни промени, особено во новинарското известување. Имено, ако досега во новинарството етиката и професионализмот беа само жртва во борбата за егзистенција, сега истите се прва жртва во таа секојдневна борба. Мрежата која насекаде во светот презентира нов вид објективност, транспарентност, сега станува предмет на доверба. Со тоа се појави и зголемена потреба од етичко разгледување и од морално промислување на новонастанатите ситуации, бидејќи доволно е да се основа јутјуб-канал, блог платформа или профил на социјална мрежа и истиот претенциозно да се самопрогласи за медиум.
Во овој контекст, иако повеќе и од очекуваното, во Македонија истите медиуми едновремено со сите придобивки („65 отсто од нашите испитаници велат дека социјалните мрежи се неизоставен дел од нивниот живот“) предизвикаа и голем багаж на етички недоумици и дилеми. Истите во новинарството креираа тренд на известување кој е на танок мраз и се граничи со аморалното: „еден сериозен дел од интернетот и речиси комплетниот свет на социјалните мрежи е екстремно фреквентно исполнуван со нови содржини без да се води сметка дали тие содржини се вистинити и дали имаат некоја суштинска вредност“. При ова, со нивното користење и преку нивното разбирање на реалноста сè почесто се соочуваме со недоумици и етички дилеми во облик на:
- (Зло)употреба на личните податоци, т.е. етичката промисла на овие медиуми посебно место треба да посвети, од една страна, на правото на приватност како вредност, а од друга страна на приватноста како правен концепт и тоа особено на податоците и на општата приватност во сајбер-просторот. Колку за илустрација, во Македонија „користењето на социјалните мрежи е енормно – постојат повеќе од 1.000.000 профили на „Фејсбук“ (1.004.680 луѓе според „Фејсбук“), но најверојатно, ако се тргнат лажните, двојните и комерцијалните профили, има некаде околу половина милион поединечни корисници“;
- Начинот на користење на овие мрежи како форма на социјален медиумски маркетинг, односно интегрален дел од корпоративните комуникациски стратегии. Оттука, во Македонија, „доколку денес се води битка на медиумите кој ќе привлече повеќе публика на интернет, во иднина несомнено ќе се води вистинска војна, не само за добивање повеќе посетители-следбеници, туку и за поголема заработка“;
- Поголемата слобода во изразувањето. Со зголемувањето на обемот на информации, опаѓа квалитетот на истите, иако, на пример, за време на последните предвремени парламентарни избори во Македонија, според статистичките податоци, се претпоставуваше дека „главното место за политичката комуникација, отворена дебата и можности за подигнува на општата свест на електоратот ќе биде „Фејсбук“. Наспроти очекувањата, „поголем дел од публиката стана плен на пропагандистичкиот дискурс и не беше во можност да им се спротивстави на суптилните форми на манипулација“;
- Можност, согласно културната средина, од постоење и ширење на говорот на омраза. Во оваа смисла, „прекршувањата најмногу доминираат на социјалните мрежи, но, исто така, често се присутни и во содржините генерирани од корисниците/публиката, и до одреден степен, исто така, во содржините произведени од страна на одреден број медиуми и новинари“. Опасноста демне, не само од корисниците, туку и од новинарите гладни за сензационализам, кои користат разни случувања за пласирање на сензационалистички информации добиени од социјалните медиуми. Истото „резултира со зајакнување на стереотипите и експлозија на говорот на омраза, што е особено видливо на социјалните мрежи или на страниците каде што содржината е создадена од корисниците“;
- Во поглед на политиката, можноста за злоупотреба на социјалните медиуми. Имено, „брзината на споделување на пораките меѓу гласачите се смета за предност, но од друга страна може да биде и недостаток, особено ако станува збор за ширење на негативни информации“, и тоа преку пласирање на нарачани резултати од анкети, презентирање на политички програми засновани на лаги и на имагинација… Едновремено, „политичките, етничките и верските поделби кои се реплицираат и во интернет-сферата – најмногу доминирајќи на социјалните мрежи, исто така, често се присутни и во содржините генерирани од корисниците/публиката и до одреден степен, исто така, во содржините произведени од страна на новинарите“;
- Што е објективна и вистинита информација и кој одлучува зад тоа. Нужно беше поставувањето на прашањето „дали е добро или лошо тоа што луѓето сè повеќе и повеќе ги добиваат своите вести преку социјалните медиуми?“, а консеквентно и за местото на новинарите во социјалните медиуми, додека паралелно „секој ден се зголемува процентот на луѓето што вестите ги добиваат од социјалните мрежи. Овој број и динамика се многу поголеми кога станува збор за младите (…) Информациите што ги добиваат преку социјалните мрежи, сè повеќе го акумулираат како знаење“.
Заклучно од досегашното, и ние сме далеку од тоа да бидеме исклучок или имуни во однос на овие проблеми, т.е. „со оглед на пристапноста на интернетот и понатаму ќе продолжи практиката на појава или одржување веб-страници кои ќе нудат содржина без новинарска етика и стандарди со единствена причина – привлекување публика и заработка“. Дали тековната медиумска етика може да одговори на овие нови форми на предизвици кои се појавуваат со овој нов облик на социјално поврзување или, пак, треба да се најдат нови начини преку кои етиката ќе дејствува првенствено за зачувување на достоинството на секој од учесниците, како и на објективноста на самиот процес? По иницијалниот судир на вредностите согласно кој „летаргијата доаѓа од сликата што новинарите ја имаат за себе“, зголемен е бројот на офлајн и онлајн новинари кои и понатаму сакаат во овој нов тренд на новинарското известување да се одговорни, развивајќи нова медиумска етика која ги вклучува традиционалните, но и практиките на новите медиуми, водени од светоста на професионалноста во извршувањето на својата дејност.