Неетичко новинарство: copy/paste на непроверени информации
Објавено во Анализи
on 7 - 05 - 2013 Автор: Жарко ТрајаноскиПишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
Текстот е достапен и на албански јазик: Gazetaria joetike: copy/paste i informatave të paverifikuara |
„Новинарот треба: да ја проверува точноста на информациите од секој извор и да биде крајно претпазлив за да не прави грешки од невнимание“. (Новинарски кодекс)
На денот на трудот повеќе новинар(к)и не се потрудија да ја проверат точноста на информациите што ги објавија. Како да подзаборавија дека „проверката на податоците и точноста се морални императиви на новинарството“ (Прирачник за етиката во новинарството).
На први мај 2013 беше објавен насловот „Фридом Хаус – Македонија со пад од 22 места во слобода на медиумите“ со тврдењето дека „Слободата на медиумите во Македонија забележала пад од 22 места, според последниот извештај на Фридом Хаус, кој беше објавен денеска“. Написот веќе не е достапен на интернет страницата на Радио Слободна Европа, а линкот кој оставил трага на агрегаторот time.mk води до друга вест.
Во што се состои грешката? Македонија забележа пад од 22 места од лани според извештајот на „Репортери без граници“ (PRESS FREEDOM INDEX 2013), а не според извештајот на „Фридом Хаус“ (Freedom of the Press 2013).
Не е ништо страшно доколку еден новинар направи грешка од невнимание. Но, трагично е кога истата грешка во насловот ќе се реплицира во повеќе други наслови („Македонија со пад од 22 места во слобода на медиумите“, „Пад од 22 места за слободата на медиуми во Македонија“, „Пад од 22 места за слободата на медиуми во Македонија“, „ВИДЕО: Пад од 22 места за слободата на медиумите, Македонија во друштво со Танзанија“, „Катастрофа: Македонија падна за 22 места во слободата на медиумите“). Објавувањето на податоци чија точност не е проверена ја намалува довербата на читателите во медиумите кои оправдано се прашуваат: Дали новинарите воопшто ги читаат извештаите за кои пишуваат?
Доблест да се признае грешката
„Признавањето на грешката е доблест, а нејзино прикривање неспоиво со професионалното достоинство“. (Прирачник за етиката во новинарството)
Според „Прирачник за етиката во новинарството“, „Сите грешки мора да се потврдат и коригираат“, а „Пожелно е новинарот или медиумот да се извини за грешката“. Грешката на „Радио Слободна Европа“ беше коригирана наредниот ден со написот „Фридом хаус – Пад на слободата на медиумите во светот“, во кој беше објавена информацијата:
„Македонија е најниско рангирана земја во регионот на 120 место кое го дели со Турција, Конго, Фиџи, Либерија и Сејшели. Во ланскиот извештај на Фридом хаус Македонија беше на 115 место кога имаше 54 поени на скалата од нула до 100“.
За жал, објавениот материјал „Фридом Хаус – Македонија со пад од 22 места во слобода на медиумите“ беше повлечен од интернет без јасно укажување зошто е направено тоа. Имено, беше игнорирано етичкото укажување дека:
„Генерално треба да се избегнува повлекување на еднаш објавениот материјал на Интернет, а доколку тој се измени или тргне тоа мора да биде јасно назначено“. (Прирачник за етиката во новинарството)
Тоа укажува на недостаток на доблест јавно да се признае грешката и да се даде јавно извинување.
Кај повеќето медиуми кои објавија за „пад од 22 места“ не уследи ниту корекција на неточната информација.
Несоодветни споредби и заклучоци
Објавувањето на непроверени информации резултираше и со несоодветни споредби и заклучоци во насловите на некои медиуми:
- „Пад од 22 места за слободата на медиумите, Македонија во друштво со Танзанија“
- „Медиумите во Македонија и во Танзанија се исти“
Ако новинарите го погледнеле извештајот на „Фридом хаус“, ќе увиделе дека Македонија не е во друштво со Танзанија, која е погоре рангирана на 106-то место. Заклучокот „Медиумите во Македонија и во Танзанија се исти“ не може да се изведе ниту ако се погледне извештајот на „Репортери без граници“, каде што Танзанија е рангирана на 70-то место (ние бевме рангирани на 116-то место). И покрај тоа што во тој извештај се најдовме заедно со Танзанија во потпоглавјето „големи падови“, Танзанија беше рангирана 46 места пред нас. Оттаму, дури и ако ја пренебрегнеме големата утка со замената на извештаите, заклучокот „Медиумите во Македонија и во Танзанија се исти“ е сосем несоодветен. Ние сме далеку зад Танзанија!
Крајно етички несоодветна (да не речеме „катастрофална“) е и следнава поента: „Помина времето кога се рамневме со Зимбабве во слободата на медиумите, сега наши сопартнери се Танзанија, Мали и Камбоџа“ (Катастрофа: Македонија падна за 22 места во слободата на медиумите). Како прво, за Танзанија, Мали и Камбоџа не може да се каже дека се наши „сопартнери“, туку земји кои се најдоа во потпоглавјето „големи падови“, кои имаат различен ранг во извештајот на „Репортери без граници“. На пример, Танзанија е рангирана на 70-место (106), Мали на 99-то (91), Македонија на 116-то (120), а Камбоџа е на 143-то (149) место според извештајот на „Репортери без граници“ (во заградите се дадени рангирањата според извештајот на „Фридом хаус“). Заклучокот „Помина времето кога се рамневме со Зимбабве во слободата на медиумите“ е несоодветен зашто сè уште не се рамниме со Зимбабве (рангирана на 133 место), иако разликата драстично се намалува (од 102 места во 2009, на 17 места во 2013).
Медиумско манипулирање преку прикривање „замена на теми“
„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.“ (КОДЕКС НА НОВИНАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА)
Дел од провладините медиуми направија уште една „замена на извештај“. Наместо за „тазе“ извештајот на „Фридом Хаус“ „Слобода на печатот 2013“, известуваа за „бајатиот“ извештај „Слободата во светот – 2013“ (исто така на „Фридом хаус“, кој беше поактуелен во јануари кога беше објавен: Објавен извештајот за слобода во светот, Македонија со непроменет резултат)
Новинската агенција МИА на први мај 2013 објави вест „Фридом хаус“: Изборните демократии во светот се 118 во 2012 година, осврнувајќи се на извештајот „Слободата во светот – 2013“. Во веста воопшто не се споменува Македонија, иако во рамките на извештајот „Слободата во светот – 2013“ има посебен извештај за Република Македонија.
Комплетно игнорирање на извештајот за Република Македонија има и во вестите:
- „Фридом хаус“: Изборните демократии во светот се 118 во 2012 година
- Се подобруваат изборните демократии во светот
- „Фридом хаус“: Изборните демократии во светот се 118 во 2012 година
Ваквиот начин на известување може да се толкува како двојна манипулација. Од една страна, манипулација преку „замена на тема“ (слобода во светот, наместо слобода на печатот) и оптимистичко врамување со кои се препокрива падот на слободата на медиумите. Од друга страна, и кога се известува за заменетата тема (слободата во светот), се игнорираат критиките упатени кон Република Македонија (како, на пример, експлицитните критики дека „корупцијата е сериозен проблем“ или дека „медиумите во земјата се соочуваат со политички притисок и малтретирање, што резултира со самоцензура“).
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).