Нецелосни информации: Зошто се протестираше во Атина во текот на посетата на Обама
Објавено во Анализи
on 19 - 11 - 2016 Автор: Мирјана Најчевска
Доколку во информацијата што ја нуди медиумот нема податоци за тоа кој учествувал во конкретен настан, кои биле основните пораки и зошто воопшто бил организиран настанот, јавноста, всушност, добива само сензационалистички пренесена слика, која е само дел од мозаикот на реалноста и не може да изгради вистинска претстава за случувањата што се предмет на информирање ниту, пак, за конотациите од овие случувања
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права
Според членот 10 од Европската конвенција за човековите права, „секој човек има право на слобода на изразувањето“. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и на пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите, се вели во наведениот член.
Според Законот за медиуми, „содржини на медиум (во натамошниот текст: содржини) се сите видови информации (вести, мислења, известувања, извештаи и други информации), како и авторски дела кои се објавуваат, односно се емитуваат преку медиум“. Граѓаните добиваат информации за комплексни проблеми поврзани со политиката, меѓународните односи, конфликтите, безбедноста … и за едноставни нешта кои претставуваат дел од секојдневниот живот.
Дел од комплексните информации не (би требало да) се исцрпуваат само со пренесување податоци за одреден настан. Кај некои информации, за да може да се добие вистинска слика за случувањето, мора да бидат понудени многу повеќе податоци од кои може да се изведат заклучоци за причините заради кои нешто се случило, која е целта на случувањето и кои се очекуваните последици. Во отсуство на ваков вид податоци, информацијата не само што е нецелосна, не само што дезинформира, туку може да биде и многу лесно злоупотребена во насочување на граѓаните кон сосема погрешни заклучоци.
На пример, во голем број медиуми во Македонија се појавија написи со наслов:
- Насилни протести во Атина поради посетата на Обама
- Грчката полиција се судри со демонстрантите кои протестираат против Обама во Атина
- Судири за време на протестот на анархистите во Атина поради посетата на Обама
- Насилни протести во Атина, Грците лути поради посетата на Обама
- Немири во Атина на протестите против Барак Обама
- Антиамерикански протести во Атина поради посетата на Обама
- Во Атина ВРИЕ – Жесток судар на полицијата и протестантите по посетата на Обама
- Судири на протестот во Атина за посетата на Обама
- Протести во Атина поради посетата на Обама
- Насилни протести во Атина поради посетата на Обама
Информацијата е сосема точна. Во Атина навистина се случија насилни протести, кои бараа зголемен ангажман на полицијата.
Меѓутоа, во медиумското известување недостигаат повеќе елементи кои се дел од настанот, непосредно се поврзани со него и кои, во голема мера, го објаснуваат настанот.
Прво, во различни медиуми сосема нецелосно е пренесено тоа кој демонстрирал насилно. Анархисти, левичари, синдикати, студенти…?
„Левичарски демонстранти против посетата на американскиот претседател Барак Обама на Атина се судрија со полицијата, која употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да ги пробие кордоните, јавуваат агенциите“;
„… грчката полиција соопшти дека околу 3.000 анархисти, поддржувачи на левичарските групи и студенти тргнале кон центарот на Атина на протестен марш поради посетата на Обама. Друг протест, планиран од Комунистичката партија, се очекува да започне подоцна денеска“;
„Демонстрантите, поддржувачи на левичарските партии и студентите се обидоа да го пробијат полициските огради“;
„Мали немири избија во центарот на Атина на протестот на дел од синдикатите, левичарските партии и анархистите против американскиот претседател Барак Обама“.
Под истиот наслов, „Насилни протести во Атина поради посетата на Обама“, стои:
„…организатори на протестите беа неколку екстремно левичарски и анархистички групи, иако властите претходно забранија одржување на демонстрации за време на посетата на Обама“.
Веднаш под ова се известува:
„Во исто време, околу 5.000 приврзаници на Комунистичката партија на Грција (ККЕ) се собраа на посебен мирен протест во центарот на Атина против посетата на Обама“.
Медиумите не даваат јасен податок кој демонстрирал во Атина, кој ги организирал демонстрациите, дали имало различни организации на различни демонстрации и дали сите демонстрации биле насилни. Отсуството на овој податок од информацијата многу лесно може да создаде конфузија и да изгради сосема погрешна слика за случувањата.
Второ, отсуството на податоци за тоа кој ги организирал демонстрациите води кон следно ниво на погрешно информирање поврзано со пораките кои биле испратени од демонстрантите. Имено, во многу мал број медиуми (па и во нив сосема попатно), се дадени пораките на организаторите на различните демонстрации (најчесто измешани во една реченица и без да бидат поврзани со историјатот на дејствувањето на конкретните организации).
„Демонстрантите се против американската политика која „создава тензии“ со различни земји низ целиот свет, почнувајќи со Русија и Кина, како и американските обиди да се „урне власта во Украина“, изјави грчкиот новинар Арис Хаџистефану. Покрај ова, демонстрантите ги обвинуваат САД за поддржување исламски екстремисти“.
Дури и медиумите кои спомнуваат дека „лидерот на партијата Димитрис Куцунбас оцени дека посетата на Обама претставува ’провокација’“, всушност не ни објаснуваат зошто посетата на Обама на Грција би била разбрана како „провокација“.
Се стекнува впечаток дека за медиумите единствено важен податок за целиот настан е постоењето на насилство, што во голема мера ја исцрпува формата, но не и причините кои ги поттикнале луѓето да демонстрираат, а што, пак, е поврзано со содржината. Во отсуство на линкови (врски) со медиумите од кои е преземена информацијата, се добива впечаток дека целиот настан може да се сведе само на насилството и на реакцијата на полицијата. Меѓутоа, наспроти ова, во голем дел од медиумите надвор од Македонија, кои известуваат за посетата, токму пораките кои се испратени од страна на групите кои демонстрираат, всушност претставува една од основните содржини на информацијата:
„Малата партија Популарно единство, која учествуваше на главниот протест, ја опиша посетата на Обама како „провокација, дури повеќе што се случува за време на комеморацијата на херојскиот Политехнички револт, за чие време диктатурата водена од САД ги газеше студентите со тенкови“.“
„Партискиот лидер Панајотис Лафазанис исто така ги обвинуваше САД за грчките економски проблеми. Државата која е заглавена во долгови зависи од меѓународни кредити за итна финансиска поддршка и е принудена од кредиторите да имплементира големи кратења на приходите, зголемување на даноците, кратење на примањата и економски реформи.“
„Американскиот империјализам не е променет, рече Лафазанис во вторникот. „Американските претседатели и административци играле – и уште играат – водечка улога во пљачкосувањето на нашата земја, кое е поврзано со итната финансиска поддршка… и нивните интервенции го дават нашиот дел од светот во крв и во создавање бегалски бранови“.“
Од ваквата споредба произлегува дека во овој случај, повеќето медиуми во Македонија не пренесуваат информации од новинари познавачи на состојбите во соседството, способни барем со некои основни назнаки да му помогнат на аудиториумот да разбере за што се работи, односно, новинари доволно коректни со крајно неутрален речник да направат блиц вест додека не се добијат посериозни податоци и видувања за едно вакво комплексно случување.
Доколку во информацијата што ја нуди медиумот нема податоци за тоа кој учествувал во конкретен настан, кои биле основните пораки и зошто воопшто бил организиран настанот, јавноста, всушност, добива само сензационалистички пренесена слика, која е само дел од мозаикот на реалноста и не може да изгради вистинска претстава за случувањата што се предмет на информирање ниту, пак, за конотациите од овие случувања.
Уште повеќе, вака подготвените текстови се податни за понатамошна манипулација на јавноста (ставајки акцент на насилството, влечејќи паралели кои можеби и не постојат и создавајќи чувство на страв од постоењето на „бесмислено“ и „со ништо предизвикано“ насилство).
Ова е уште попроблематично во случај како што е конкретниот, кога станува збор за соседна држава со која Македонија има конфликт и за претставник на држава која е многу отворено инволвирана во внатрешните работи на Македонија.