Најважната вест – најкуса
Објавено во Новинарски лекции
on 10 - 07 - 2015 Автор: Љубомир Костовски
[Осврт на централниот ТВ-дневник на МТВ 8 јули 2015 година во 19.30]
Редоследот и траењето на прилозите во централните вести требаше да ја релативизира целосно одлуката на СДСМ за прекин на преговорите, која се очекуваше. Требаше да се прескокнат непријатните настани – извештајот на Прибе во Собранието на РМ и посетата на Меркел, која очевидно го игнорира Скопје и за тоа има некоја причина. На крајот на денот оној кој гледа само МТВ ќе помисли дека оваа среда ни донесе само една вистинска новина – ни го претстави Груевски како врвен специјалист-имунолог. Уште една специјалност во неговото портфолио
Пишува: Љубомир Костовски
Вест на денот во средата секако беше попладневната прес-конференција на СДСМ на која претседателот Заев објави дека ги прекинува преговорите со политичките партнери и дека продолжува со програмата „Вистината за Македонија“. Прес-конференцијата се одржа во 16 часот, а потоа следуваше и информација од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од медиумите ја објавија во своите дневнички изданија и претпладневата изјава на премиерот – реакција на Груевски дека нема да ги коментира преговорите, што индиректно беше одговор на барањето на СДСМ до крајот на денот (среда, 8 јули) да се изјасни за нивните предлози и да се врати на преговорите. Или, поинаку, тој детаљ од политичката хроника на денот беше во директната врска со веста на денот – го даде поводот СДСМ да се одлучи за повлекување од преговорите. И што од сето тоа, од прашањето со кое станува и легнува нацијата, даде МТВ во централните вести? Речиси ништо.
Така, веста од прес-конференцијата на СДСМ беше убедливо најкусата вест (траеше 30 секунди и од неа нема покуса) и од прилогот не можевте да разберете зошто најголемата опозициона партија ги прекинува разговорите кои официјално почнаа на 2 јули, со потпишан редослед на потези кои се очекуваа од актерите. Заедно со прилепеното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, просечниот гледач доби впечаток дека Заев се повлекува за да продолжи со објавување на снимките или т.н. „бомби“.
Главна и почетна вест, инаку, беа анкетите на ИРИ за политичките собитија и популарноста на партиите, во кои владејачката партија секаде „тепа“ двојно или тројно во однос на опозицијата (траење 2:27) и не беше проследена со никаков дополнителен прилог во врска со резултатот, белким за да не биде расипан впечатокот и функцијата која ја имаше – целосно релеватизирање на потегот на СДСМ, во стилот „што ако не преговараат кога и онака ќе загубат“.
ПРЕМИЕРОТ ДВАПАТИ ПО РЕД – КАКО ПО ОБИЧАЈ
Дневникот продолжи со неколку прилози во кои го видовме премиерот (во два последователни прилози), потоа еднаш министерот за здравство, еднаш портпаролот на Владата како коментира одредена состојба… Најпрвин следуваше несечениот говор на премиерот за поливалетните вакцини, небаре пред себе имавме врвен медицински стручњак за имунизација. Посебно одеше, но по него, прилогот – разговор на таа тема со директорката на Детска клиника, Софијанова, која на поедноставен начин ја објасни предноста на овие вакцини. Овој разговор со лекарката, во вестите од 17 часот, беше ударен и беше без „воведот“ на премиерот, што бргу-бргу, гледаме, било поправено. И обајцата говорници, Груевски и Софијанова, не објаснија зошто ако се добри таквите вакцини (особено што се без опасната жива), не ги купиле порано, пред кај нас да се развие отпорот на родителите кон вакцинирањето, кое, на некој начин, премина дури во движење? Беше речено дека вакцините биле многу скапи, ама, пак, затоа место 17 вакцинирања на едно новороденче, сега имаме 5, па и тоа е, нели, заштеда? На мала врата? Имаа девет години да се сетат на таа математика.
Место одговор на оваа тема, следуваше прилог со министерот за здравство Тодоров, кој говореше за новата опрема во болницата во Тетово, без – што е вообичаено – за тоа да говорат и оние кои таму работат, пациентите и слично! И одново, во следниот прилог, го имаме премиерот, во малку застарената вест (од претходните денови), овојпат како илустрација на прилогот за странските инвестиции кај нас.
ДНЕВНИК КОЈ СЕ ОЕЦНУВА ПО ОНА ШТО ГО НЕМА
Беше за очекување дека и министерот за земјоделство – социјалист ќе влета на малиот екран по денешните преговори за откупната цена на пченицата. Но, него го немаше. Имаше само задоволни земјоделци и мелничари. Цената од 11 денари по килограм беше добра за мелничарите, ама дека земјоделците се исечени со својот отпор на цената дознавме од другите вести, на другите ТВ-станици(!), што покажа дека МТВ едноставно ја монтира стварноста за таа да изгледа допадлива на плебсот. Секако, ова е скандалозно, бидејќи земјоделците претставувани од Здружението „Аграр“ (види на ТВ Телма) јасно рекоа дека пченицата ќе ја остават во амбарите.
Централниот дневник имаше прилози за спојувањето на „Оне“ и на „Вип“, без додатно објаснување зошто биполот е подобар од монополот, неколку прилози од странство, секако со кус коментар за состојбите во Атина.
Ама, ова е навистина ТВ-дневник за кој повеќе можете да говорите што немаше, на пример, опширен (или барем каков било пристоен) извештај што говорат парламентарците за извештајот на Прибе, веројатно вториот по значење настан во текот на денот! Настанот го имаше на кајронот додека течеше дневникот, ама не и како слика и тон, додека веста за пресот на Заев ја немаше воопшто на кајронот. Ама, каков било прилог за извештајот на Прибе, „далеку било“, колку и да е сечен и монтиран, секако би покажал какво е владеењето на Груевски и неговата камарила во очите на учените и авторитетни странци. Потоа, да споменеме, неопходно беше да имаме прилог во пристојна должина за посетата на германската канцеларка Меркел на Балканот, која во регионот постојано не го посетува само Скопје! Во средата беше во две престолнини (Тирана и Белград), ама не го заслужи своето место во централниот дневник. Во него не смее да има ништо што ја расипува „фризурата“ на власта.
Особено во денот кога анкетата на ИРИ треба да ја има непоматената слика на „триумфот“ на дискредитираната власт.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).