Најавено е дека границите ќе се отворат во јуни, а не во јули
Објавено во Рецензии
on 26 - 05 - 2020 Автор: АдминФото: Илустрација
[Рецензија: Градинките се отвораат во јуни, границите во јули]
Рецензираме текст во кој се тврди дека е дадена најава дека границите кон соседните земји ќе се отворат на средината на јули, како дел од олабавувањето на мерките за заштита од коронавирусот. Но, тоа не е точно.
Линк до оригиналниот напис:Градинките се отвораат во јуни, границите во јули
Датум и време на објавување: 22.05.2020
Датум на рецензија: 24.05.2020
Рецензент: Мирослава Бурнс
Во интервју на Телевизија 24, на 22 мај 2020 година, министерот за здравство Венко Филипче е прашан кога граѓаните може да очекуваат отворање на границите кон соседните земји, во контекст на летниот период, особено на патувањата за лични потреби за одмор. На видеото од интервјуто, од 40 минута и 43 секунда почнува разговорот фокусиран на оваа тема и е воден на следниот начин:
Новинарот: Кога може да очекуваме отворање на границите?
Филипче: Верувам некаде на средината на јуни.
Новинарот: Па нели на почетокот на јуни, мислам дека малку нÈ држите во неизвесност министре.
Филипче: Тоа е за некои две до три недели. Но, дозволете, навистина интензивно ја следиме ситуацијата. Еве, некои вакви настани дадоа некоја одредена бројка на пациенти. Сериозен ризик е ако влезат странци, или наши граѓани, а притоа да не бидеме координирани со околните земји. Верувам во професионалноста на Комисијата за заразни болести и нивните добри проценки. Верувам дека тоа е разумен период во кој што границите би можеле да се отворат.
Во период од 2 минути колку што трае разговорот со Филипче на оваа тема во склоп на подолгото интервју, во неколку наврати е посочено дека средината на јуни е периодот во којшто ќе се отворат граничните премини. Министерот дури и описно објаснува дека тоа ќе се случи ,,за две до три недели од сега”, што комплетно го исклучува наведеното во текстот што го рецензираме, дека отворањето на границите ќе биде на средината на јули.
Инаку, во текстот делот за отворањето на градинките е точно и прецизно пренесен, но веројатно од небрежност или грешка при пренесувањето на изјавата, најавено е дека границите ќе се отворат на средината на јули, еден месец по она што навистина се очекува (средината на јуни).
Со пребарување на Гугл, може да се види дека ваквата најава за отворање на границите во јули била објавена и на Македонската информативна агенција (МИА) од која другите медиуми исто така добиваат вести, што е можна причина за погрешната интерпретација и во текстот што го рецензираме. Сепак, информацијата на МИА е поправена.
Затоа, препорачливо е изјавите што се пренесуваат најнапред да се ислушаат, за да се обезбеди високо ниво на прецизност, но и подобро разбирање на дискутираната проблематика и искажаните факти. Во спротивно, се ризикува да се направи грешка од невнимание, која потоа лесно може да се мултиплицира и да досегне до поголем број читатели.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења