Најава: Сеќавање за Роберто Беличанец – граѓански активист и борец за слобода (1972-2013)
Објавено во Актуелности
on 30 - 06 - 2014 Автор: Жарко ТрајаноскиНа 2 јули 2014, среда, 19.30 часот, во ГЕМ-клубот во Скопје ќе се одржи јавен настан, Сеќавање на Роберто Беличанец по повод годишнината од неговата смрт, под мотото „Тишината не е решение – борбата продолжува!“. Настанот го организираат Центарот за развој на медиуми, НВО Инфоцентарот, Фондацијата Отворено општество Македонија и Фронтот за слободата на изразување.
Пишува: Жарко Трајаноски, магистер по човекови права
Како и пред една година, кога ненадејно почина, Роберто повторно ме остави без зборови по гледањето на заедничките настапи на трибините на ГЕМ ширум Македонија.
Дојдов до заклучок. Нема што да додадам. За Роберто најубаво зборува самиот Роберто. Треба само поредовно да го читаме, и да не го заборавиме неговиот активистички аманет.
„Не можам никако да прифатам да ми се подметнуваат прото-фашистички идеи како патриотизам и да ми се одрекува и мене и на сите кои размислуваат различно дека не си ја сакаат државата само заради што не мислат како некој што им кажал.“ (Роберто Беличанец, трибина на ГЕМ, „Февруарски поход“, 2009)
„Единственото нешто коешто е докажано и покажано дека оваа власт го разбира е сила, затоа што комуницира со сила и кога ќе се соочи со сила се повлекува… Песимиста сум затоа што мислам дека оваа власт воопшто не сака да биде дел од Европската Унија, воопшто не сака да биде дел од северно-атланските структури, и дека промовора некои вредности, некои поисточни вредности од овие западните, и на таков начин владее со Македонија.“ (трибина на ГЕМ, Гостивар, 2010)
„Мене ми е смачено да живеам во земја во која не владее закон, туку луѓе онака како што ќе им падне на памет. Мене ми е смачено да гледам како секој ден некој ми ги одзема личните слободи со потези на перо. Мене ми е смачено да живеам во земја на паши и бахати кабадаи кои што со човечките животи си играат без ни малку сомилост, а секогаш кога ќе бидат нападнати викаат „А, не јас сум патриот, не ме чепкај“.“ (трибина на ГЕМ, Велес, 2010)
„Политичките партии во Македонија сакаат да избркаат се што не им припаѓа ним. Сакаат да го исчистат просторот, за да останат само тие… И затоа секогаш се обидувале да го компромитираат невладиниот сектор, и едните, и другите. Меѓутоа, овие се сега мајстори.“ (ГЕМ клуб, 31 декември, 2010)
„Во суштина имаме фашисти кои што се продаваат како патриоти. Во Македонија, до Груевски, не се случило некој да растури трибина по насилен пат. Во Македонија, до Груевски, не се случило да се организира маса да нападне луѓе кои што мирно протестираат заради изразување на политичко несложување со неговата монументална глупоштина наречена „Скопје 2014“. Во Македонија, до Груевски, не се случило да видите полициски кордон пред медиум. Стоејќи пред А1 и гледајќи во полицајците мене не ми се веруваше дека живеам во истата држава во која што сум живеел претходно. Се работи за една структура на луѓе која што буквално се однесува како непријател на сопствената држава. Во овој момент во Македонија не постои државна институција која што не е прегазена од тоталитарниот дух на партијата која што е на власт. Македонската држава е лушпа составена од празни институции полни со извршители на волјата на Груевски… Сето она што овој народ го создал како институција е прегазено. Прегазено е само и само заради алчноста за власт на одредена група на луѓе.“ (ГЕМ; Кавадарци, 24.02.2011)
„Не остана институција во оваа држава која што функционира. Се е расточено. Тие ја изедоа државата и ја претворија во партија. Тие не знаат кога се партија кога се држава. Па смејурии по телевизија да гледате, еве А1 беше типичен случај, кога партиските портпароли објаснуваа што мисли МВР, а МВР објаснуваше што мисли партијата. Тотално им се помешани лончињата во главата.“ (ГЕМ во Крива Паланка, 3.03.2011)
„Тоа „Скопје 2014“ има и една друга симболика. Знаете, Самоиловите војници беа ослепени во 1014, во битката на Беласица. И си реков со паметот: „Па, добро, што овие слават? – Еден милениум слепило во Македонија? Тоа е она што ни го продаваат?“ (ГЕМ во Гевгелија, 17.03.2011)
На крајот идеме до главната карактеристика на ова владеење. Значи, тоа беше владеење на лаги, на лажење, за да се прикрие едно огромно крадење и расточување на државата и претворање на ВМРО-ДПМНЕ во држава… Значи, да не се лажеме, она што нам ни останува после Груевски е многу битен дел, и јас би ве замолил, сите да размислите, како од нула, буквално, ќе треба заеднички сите да почнеме да си ја градиме државата одново.“ (ГЕМ во Битола, 19.04.2011)
„Се искористи се што можеше да се искористи, секоја лага што можеше да се искористи, само за да се пренасочи вниманието од вистинските случувања во државата. Значи, прво беше името, па после излезе „Скопје 2014“, значи фрлање кикирики за да се занимаваме со нив, за додека вниманието е насочено таму, само да се краде, и да се краде и да се краде… Сега повторно ќе се соочиме со пропагандна алхемија…“ (ГЕМ во Ростуше, 29.04.2011)
„Се покажа дека целиот терор и целата пропаганда не е ставена во функција на гола власт, како што е тоа кај таквите диктатори тоталитарни, туку дека е ставена во функција на овозможување на непречено функционирање на организираниот криминал во Македонија. Македонија после дваесет години транзиција, од социјалистичка држава, се претвори во држава на организираниот криминал. И тоа е она што сега треба да го турниме. Ние мора да го турниме оној кој што го штити организираниот криминал, кој што ни ги изеде институциите, што ни ја изеде државата.“ (ГЕМ во Радовиш, 13.05.2011)
„Многу малце ќе зборам. Би сакал повеќе вас да ве слушам, затоа што Кратово е многу чудно место. Вие со последниот феудалец на Балканот, си имате работа веќе 30 години, мислам. Значи, мене стварно ме интересира животот под еден паша кој што е господар и шериф на еден град, со години, и никој не може да го чепне.“ (ГЕМ во Кратово, 19.05.2011)
„Некој овдека мисли дека може да остава лешеви по улица и тоа да помини незабележано.“ (Зборно место „Ден потоа – насилниците во акција“, ГЕМ клуб, 9.06.2011)
„Долга е камерата на ВМРО и таа кога-тогаш ќе ве сними! Судските резултати се апсолутно небитни, апсолутно нетелевизични и освен во ретки случаи сосем ирелевантни од пропаганден аспект. Поважно е да се натовари јавна стигма отколку да се процесира одреден предмет. Во некои стари времиња тоа се викаше линч – денес тоа се вести!“ (What Orvel did not know, 13.02.2012)
„Се амбицирала државата да ги регулира медиумите до ситни цревца. До односите внатре во редакциите. Аргументите се „Печатот не бил регулиран, интернет порталите не биле регулирани“ и сега ајде ќе ги регулираме – ама лајт. Тоа лајт е исто како цигара лајт – има помалку никотин и катран ама честичките се пофини и пофино ви се лепат на плуќа.“ (Бирократизирање на слободата, 07.03.2012)
„Да престанеме да ги слушаме оние што не плашат и што не буцкаат и да почнеме да мислиме со своја глава, за свое добро, за доброто на блискиот, на комшијата, на заедницата… Да ги оставиме доброволните даватели на туѓа крв без крв, а за досегашната да им речеме – оваа крв е на ваши раци и на ваша глава!“ (Доброволни даватели на туѓа крв!, 12.03.2012)
„За жал, денов го одбележа и извештајот на Европската комисија во којшто точно оваа приказна за слободата на изразување, беше поздравена, дека е направен голем напредок. Направен е голем напредок во смисла, нели, на формално исполнување на некои барања што комисијата ги имаше кон македонската влада. Меѓутоа, реалниот напредок е следен: Лани кога ја затворија А1, комисијата имаше критики. Годинава го затворија А2, значи тоа е напредок. Помал медиум е затворен, пошто нема поголем да го затворите, значи постигнат е напредок. В година, претпоставувам, ќе ги испозатворат порталите, тоа ќе биде уште поголем напредок, затоа што се понерелевантни. И, на крајот, кога нема да остане ништо за затворање, веројатно Македонија ќе го постигне најголемиот напредок, затоа што нема да има затворање, нема да има скандали. Со таква перверзна ситуација се соочуваме овие денови.
Јас сега знам дека е малце тешко, вака од локален контекст, да ги согледате тие работи до кај се движат. Меѓутоа, она што е битно, што треба да го знае секој, е дека кога ќе ви го одземат правото да зборувате, кога ќе ви ги затворат каналите да се жалите, да кажувате, кога ќе ви забранат да мислите, престанувате да постоите како човечка единка. Престанувате да постоите како политичко битие. Станувате роб.“ (ГЕМ, „Духот на слободата“ со граѓаните на Крива Паланка, на 10.10.2012)
„На 11 октомври, со еден од присутните во публикава, решивме да направиме една диверзија, и да залепиме една плаката на „Участокот“ на која што пишуваше „Смрт на фашизмот, слобода на изразувањето!“ И таа плаката ја залепивме пред очите на двајца полицајци и еден човек кој што е близок до градоначалникот, кои не гледаа како телиња додека ја лепевме. И остана уште девет саати, никој немаше храброст да ја тргни.“ (Јавна дебата „Духот на слободата” ГЕМ – Прилеп, октомври 2012)
„Многу пати, во личните напади што сум ги доживувал на јавна сцена, еден од крајните аргументи на луѓето им бил „Бушав си“. „Да, бушав сум!. Бушав сум, затоа што и демократијата е бушава.“ … Отпорот мора да биде растресен, личен, свој…“ (Јавна дебата: Духот на слободата – Кавадарци, октомври 2012)
„Кога паѓа слободата, прво паѓа слободата на изразување. Кога се руши слободата, прво се затвора устата, за да може после да почне тепањето. Она што го видовме во парламент беше истото. Прво беа измолкнати новинарите надвор, а потоа почна тепањето…. Треба да размислуваме за нов медиумски систем, за ова никогаш да не ни се повтори. Пет-шест медиумски сопственици да се врзат за некоја власт и сите луѓе да ги фрлат во лага и во заборав… Ќе ве потсетам на уште една работа за „соработката“ на медиумите со полицијата. Ако таа „соработка“ се оствареше така како што очекува власта порано, се сеќавате на случајот Мартин Нешковски, ќе немаше кој да јави дека човек беше убиен на плоштадот. Ако медиумите не се слободни, ќе почне да не снемува еден по еден, и да не јаде црна темница. Тоа не смееме да им го дозволиме. “ (Говор на протестите на 02.01.2013)
„Очигледно некои наши сограѓани имаат невообичаено хоби. Дење живеат нормални животи, ама навечер негуваат специфичен стил на слобода на изразување. Облекуваат црни качулки, се собираат во група и фрлаат камења и шишиња по туѓ имот. Е сега, не по сечиј имот. Овие наши сограѓани се исклучително селективни. Имено, тие лупаат пенџериња само на оние кои што јавно кажуваат дека љубовта не познава пол. (…)
Има уште една друга група на наши сограѓани кои шетаат костимирани. Ним државата им ги дава костимите за да ги означи како чувари на редот и цивилизираноста. Крајно време е тие костимирани ликови да ги соберат другиве костимирани ликови и да им објаснат дека фрлањето со камења по туѓи куќи не спаѓа во слобода на изразување на ставови. Овие ноќи на малите куриња мора да се запрат дур не се претвориле во кристални ноќи.“ („Ноќи на малите куриња“, 27.06.2013)
Избор и редакција – Жарко Трајаноски, соборец од ГЕМ и од „Фронтот за слобода на изразување“