Начинот на кој се критикува „мириса“ на тенденција
Објавено во Рецензии
on 9 - 10 - 2015 Автор: Жарко Настоски
[Рецензија: Уште една книга со навредлива содржина за Албанците]
Критиката на работата и на делата на јавните функционери е една од основните задачи на новинарите во секое демократско општество. Но, кога критиката е неоснована и непоткрепена, а начинот на кој се критикува „мириса“ на тенденција, таквите новинарски текстови и прилози повеќе личат на смислен напад и на јавно линчување, отколку на сериозен, објективен новинарски производ.
Наслов на анализираниот напис: Уште една книга со навредлива содржина за Албанците
Датум и време на објавување: 28.09.2015
Датум на рецензирање: 06.10.2015
Рецензент: Жарко Настоски
Прилогот се темели на извадок од книгата „Македонците во Тетово од ала турка до ала франга“, на историчарот Бранислав Светозаревиќ, кој е директор на Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Факт е дека во книгата постои конкретниот цитат, но тој овде се користи за неправилно да се дојде до еден многу поширок, а неточен заклучок.
Уште во првата реченица, авторот на текстот изнесува смело тврдење, во кое обвинува:
„Албанците од Тетово и Гостивар се убијци на Македонците“, вака пишува историчарот Бранислав Светозаревиќ, во неговата нова книга насловена „Македонците од Тетово од ала турка до ала франга“.
Основаноста на ова сериозно обвинување, како што ќе се види само малку подолу во текстот, не може да се потврди од самиот цитат, кој новинарот го пренесува:
„Состојбите во Тетово и Тетовско во последните децении од 19 век биле проследени со голем терор врз Македонците. Извештаите на европските конзули во Македонија до своите влади биле преполни со ужасни слики за злосторствата врз христијанското население. Според едно истражување, во периодот од 1895 до 1912 година на територијата на тетовско-гостиварскиот крај имало вкупно 357 злосторства врз христијанското население од страна на Албанците, од кои 80 биле убиства, 21 ранување, 62 киднапирања… Албанците вршеле присилно изнудување пари со закана за убиства… Насилството и ограбувањата во пролетта 1942 во Тетово се зголемија, исто така и насилното вселување на Албанците во куќите на Македонците.“
Можеби има основа да се разговара за начинот на кој е напишан овој цитат, кој имплицира колективна одговорност на цел народ за случувања во одреден историски период. Но, авторот на книгата не зборува за сегашноста, а од напишаното никако не може да се заклучи дека тој тврди оти „Албанците од Тетово и Гостивар се убијци на Македонците“.
Ова е тема која задира во историските теми и прашања, кои се многу чувствителна територија за новинарска опсервација. Дури и да имало волја објективно да се пријде кон темата, опасноста од пристрасно и нецелосно покривање би останала присутна. Но, изборот на соговорник, кој како експерт ја поткрепува тезата на овој текст, не оди во прилог на објективноста и на непристрасноста. Околу името на историчарот Веби Џемаили, кој во прилогот е претставен како да зборува во име на „историчарите Албанци“, во минатото беа врзани низа контроверзии, како барањето охридскиот манастир „Свети Наум“ да се припои кон Албанија или тврдењето дека Тетово во 1944 година „го ослободиле албанските партизани во договор со Бали Комбтар“. Оттаму, тешко дека Џемаили може да се смета за сериозен и веродостоен соговорник во еден ваков прилог. Од друга страна, во текст со ваква теза, најмалку што еден објективен новинар може да направи е да консултира уште некој историчар, кој можеби би понудил поинакво толкување на темата.
Слободата на новинарите да поставуваат прашања и да критикуваат сечие творештво е многу важна. Ова особено ако се работи за личност која изразува одредени ставови од позиција на функционер во државна установа. Но, истовремено, имајќи ги предвид меѓунационалните односи во нашето општество, новинарите мораат да внимаваат како известуваат за темите што задираат во овие односи, особено кога повод за пишување е историјата и нејзиното толкување. Објективноста, како основен новинарски постулат, овде станува дополнително важна, за да се избегне ваквите текстови да бидат видени како провокација за разгорување на меѓуетничката нетрпеливост или како тенденциозно форсирање на некаква националистичка агенда. Ова воопшто не е лесна задача.
Во случајов, новинарот не внимавал на објективноста – всушност, изгледа како тој да се обидува да „протурка“ свое, субјективно гледиште. Резултатот е текст кој многу повеќе личи на тенденциозен и на пропагандистички, отколку на новинарски.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
нерелевантни
2 извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови