verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

МТВ со однапред подготвени прилози го прескокна „баксуз денот“

on 16 - 02 - 2015       
„Некои ја продале државата за пари“, се вели во најавата на трибина на режирано и непознато здружение во 5-та минута на централниот дневник на МТВ.
„Некои ја продале државата за пари“, се вели во најавата на трибина на режирано и непознато здружение за еднократна употреба во 5. минута на централниот дневник на МТВ. Фото: видеоклип скриншот

 

Ако за дел од македонските медиуми два настани беа централни во земјата во петокот, на 13 февруари – масовниот протест на хонорарците и третиот ден од протестите на УКИМ, за Македонската телевизија целиот централен дневник мина во однапред подготвени прилози со кои се наполнија 29-те минути.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

(Критички осврт врз централниот ТВ-дневник на МРТ, 13.02.2015, 19:30 часот)

 

На социјалните мрежи имаше реакции во текот на попладнето за претходните емисии и вести на националната телевизија, токму поради прескокнувањето на овие два настани, секако требаше да се почека можниот коректив, „ударните вести“, кои, наспроти професионалниот инстинкт на известувачите, мина во знакот на однапред подготвени прилози со кои се покри инаку драматичниот ден. Во МТВ, пак, овој ден се чини најголема работа имале монтажерите.
Да појдеме по ред.

 

ПРОПАГАНДИСТИЧКА ОБЛАНДА

Самата најава не вети ништо надвор од пропагандистичката обланда за власта, на која сме навикнати. Најавена беше големата акција за вработување на млади на Владата, настапот на Движењето за одбрана на Македонија во Велес, па успехот на нашите медицинари во областа на урологијата и, конечно – примирјето во Украина. Сето тоа, мора да се признае, како материјал, можело да се приготви и монтира на раат, без брзање и стресови. Ништо дневно актуелно, што го дава пулсот на денот.

Првичниот прилог – за вработувањето на млади луѓе е дел од кампањата според која за два дена од акција за 3.000 вработувања, најавена од Владата, преку нејзиниот портпарол, прерасна во акција која ќе вработи 8.200 лица. Во неа демонстрираа со свои излагања официјални функционери од Владата и од Агенцијата за вработување. Ниту едно мислење на аналитичар, на невработен, на она што го викаме јавност за ваквото кампањско „делење работни места“ и тоа, главно, покривани од државниот буџет.

Потоа следуваа – од 19:34 до 19:42 – значи цели осум минути, еден „анти-Заев“ блок на прилози! Најпрвин тука беше пратеникот Пандов, кој постојано, во последните две недели е претставуван како експерт (не е познато како го стекна ова звање), кој го анализираше настапот на лидерот на опозицијата на „Алсат М“, со акцент дека тој, Заев, наводно признал дека соработувал со странски служби. Необично е што Пандов постојано, барем во пет-шест гостувања на малите екрани е сниман на исто место (на раскрсницата која скопјани ја знааат како Чешма, до споменикот на Тодор Александров), што по малку е една нова, холивудска практика на „улица- студио“, кога техниката се стационира на едно место, со готов, природен мизансцен, а пред камерите се носат гости. Во овој случај се носи само еден гостин, постојано, зад кого несомнено работи цел тим.

Зад ова следуваше прилог од вчерашното гостување на историчарката Ачковска и на драматургот Братислав Димитров на Велес („во градот на гемиџиите“ беше драматично најавен прилогот) со своите бледи и ниту малку јасни тези за наводната опасност за државата. Впрочем, сите тие кажаа по една недовршена реченица, освен третиот говорник – еден член на познатото Здружение „Крушоради“, кој изјави „што ќе им се пари (дадени од странските шпиони, нели) ако си ја изгубат земјата“. И тоа остана клучна сентенца на прилогот во кој немаше ниту една изјава од присутните, само кадри во кои се гледаше дека тие, завиткани во капути, си разговараат со уживање – меѓу себе! И на крајот беше емитуван прилог со изјава на Андреа Ригони, кој беше најавен како член либералното „братство“ на ЕУ, ама на интернет за него има одвај по некој податок – италијански парламентарец кој изјавата ја дал по телефон. Нејсе, заедно со неговата слика, одеше кајронот со неговото предупредување до Заев да се повинува на институциите кои водат истрага.

ПРОПАГАНДЕН СЕНДВИЧ

По овој блок, кој безмалку исполни барем една третина од централните вести и тоа во најударниот термин, следеше, како „враќање во реалноста“, нов пропаганден сендвич. Тој почна со прилогот кој се обидуваше, очевидно, да го денфува незадоволството на народот, заради смртта на малата велешанка Тамара и да прикаже какви сè успеси се прават во нашето здравство, поради, се става акцент, големите средства, кои, ете, ги одвојува Фондот за здравство и грижата на Министерството за здравство за подрачја каде постои масовна потреба од лекарска, стручна интервенција и каде се спасуваат многу животи. Тука некаде влегуваат и прилозите за развојот на туризмот кај нас со странски инвестиции, па за тоа како градежниците од работа во странство лани оствариле 102 милиони евра, значи одново прилози кои обично се прават во „лангзам стил“, за денови кога нема актуелни вести!

И токму кога помисливме дека споменатите два најзначајни настани ќе ги нема, како во претходните вести, во кои порастот на бројот на козите во земјава беше ударната вест, дојдоа двата очекувани прилози. Најпрвин, како претпоследна вест, протестот на хонорарците заслужи 41 секунда, грижливо монтинарана, за да не се види масовноста и без ниту еден од жестоките говори пред Владата. За посетата на хонорарците на УКИМ одвај само еден збор, без слика. Значи, снимката главно беше од времето кога учесниците се собираа во паркот Жена-борец и кога сè уште ги имало околу стотина. Со една полуреченица беше присутен еден од организаторите, а потоа – никој друг! Ниту една парола! Ниту еден од многубројните протестанти кои се качија на импровизираната бина, од кои речиси сите беа со познати имиња од светот на културата! Масата пред Владата беше пуштена крајно бочно, одново да не се добие претстава за тоа колку луѓе имало, а секако отсуствуваа кадри кои ги имаа другите ТВ-сниматели – фатени од надвозникот Мост, додека протестантите одат кон УКИМ, кога сосема јасно се гледа колку многу луѓе има во таа колона!

Последниот прилог беше за студентите кои тогаш трет ден опстојуваа на окупацијата на УКИМ. Ама каков прилог: го имаше министерот за образование, кој го нападна „Студентски пленум“, потоа следуваше говорот на деканот на Машински факултет, кој повика „на разум“, па ректорот кој ја фалеше Владата, па претставници (само со слика) од оние двајца студенти од пленумот кои беа своевремно на средбата кај Груевски со пренесена констатација дека тие се согласиле дека предлогот на премиерот е добар! Ниту еден кадар од она што се случува во непосредна близина на МТВ – атриумот на Филозофски или од техничките факултети каде протестираат други групи студенти и спијат таму, имаат своја дневна агенда, доаѓаат граѓани кои ги поддржуваат, а, се разбира, и ги нема нивните изјави, атмосферата која владее таму…

Најуверлив доказ дека нешто, сепак, се случувало тој ден во Дневникот на МТВ беше – метеоролошкиот извештај.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).