verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

МРТ: Нов почеток или почеток на крајот?

on 15 - 12 - 2015       
002-mrt-550x362
МРТ е денеска како овошен милиброд во кој јавниот сервис се ситните, чат-пат, парченца суво овошје од јавен интерес. (Илустрација: СПФМ)

Јавниот медиумски сервис треба да воспостави ново партнерство со граѓаните, а не со политичките партии. Оттаму, секој разговор за реформи на јавниот медиумски сервис, односно МРТ, е осуден на пропаст доколку за него не се расправа од перспективата на граѓаните, а не од перспективата на политичките партии.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Како што може да се забележи, првиот термин во овој текст е „јавен медиумски сервис“ (ЈМС) бидејќи новиот почеток треба да почне, меѓу другото, и од именувањето на системот за информирање формиран од граѓаните за граѓаните. Ова е неопходно соодветно на потребата од прилагодување на јавниот медиумски сервис на новата, секојдневно прогресирачка, технолошка реалност. Значи, терминот „јавен радиодифузен сервис“ треба да го заборавиме и да почнеме да разговараме за „јавен медиумски сервис“, кој треба да биде составен од повеќе медиумски платформи, како и од поширок спектар на сервиси за граѓаните и за јавниот интерес, отколку што досега го правеше „старата“ радиодифузија и декларативните политички флоскули на така позиционираниот јавен радиодифузен сервис.

Од дебатите за иднината на јавните радиодифузни сервиси, односно јавните медиумски сервиси, произлегуваат неколку можни сценарија. Еден дел од стручната јавност смета дека за да опстанат во екологијата на дигиталните медиуми, ЈМС мораат да ја задржат улогата на креатори и на провајдери на содржини. Ова е, секако, особено важно со оглед на сомнежите во однос на природата и на релевантноста на содржините на комерцијалните телевизии и другите медиуми.

Еден од моделите на идниот јавен медиумски сервис може да биде наречен „портфолио за целосна посебност“. Да се има ова на ум е важно и заради улогата на МРТ во структурата на регулативата, како и заради улогата на јавниот медиумски сервис на пазарот генерално.

Концептот „портфолио за целосна посебност“ го опфаќа целиот опфат на медиумски платформи за испорака на содржини. Тоа значи рамноправна улога на интернет-платформите, како и оние на мобилната технологија покрај традиционалната телевизиска, како и целосен опфат на содржини од јавен интерес, кој јавниот сервис е должен да им ги пружи на граѓаните.

Освен овие два исклучителни фактори, содржините од јавен интерес треба да бидат опфатени во комплетната програмска шема на МРТ. Без исклучок. А не како сега, само делумно и само толку колку за да се прикрие речиси целосната политичка пристрасност на сервисот само кон една политичка опција, односно кон две, имајќи ја предвид политичката инклинација на втората програма на МРТ кон главниот коалиционен партнер на владејачката партија.

Сликовито прикажано, МРТ е денеска како овошен милиброд во кој јавниот сервис се ситните, чат-пат, парченца суво овошје од јавен интерес.

 

ДА УЧИМЕ ОД НАЈДОБРИТЕ

Според истражувањето на„Офком“ (Ofcom), британската медиумска агенција за медиуми, именувано „Јавниот сервис во интернет-ерата“, објавен оваа година, нагласува дека „Би-Би-Си“ треба да се развива како широк и интегриран систем од платформи и од содржини во полза на јавниот интерес. Одделни програмски категории не можат да се сметаат за целосна посветеност на таа цел и обврска. Во оваа студија јавниот интерес треба да биде видлив и да го остваруваат и теленовелите, класичните серии, сапуниците, спортот, сите документарни формати. Овие форми, според сугестиите на регулаторот извлечени од истражувањата, дури треба и да предничат во остварувањето на јавниот интерес во однос на вообичаените програмски формати, како што се вестите и содржините од културата и другите од широкиот спектар на интереси на граѓаните.

Да не ни избега од вид концептот „портфолио за целосна посебност“, особено делот „посебност“ во оваа целина. Тоа особено се однесува на содржината, на програмата на јавниот медиумски сервис. Веќе познатата причина за постоењето на јавните медиуми е нивната задача да нудат содржини различни од оние на комерцијалните броадкастери. По педесетина години од времето кога се дефинираше улогата на јавните радиодифузери, она што сега ги прави дополнително посебни е што суштината на таа посебност се дополни со драматичните промени во општествената, културната, технолошката и во економската сфера.

Овие променети околности налгаат и промени, односно дополнувања на целите и на улогата на јавните медиумски сервиси. Во таа насока, еве, кои се тие дополнувања во однос на променетата улога на граѓаните во општеството, а со тоа и на концептот на демократијата, потоа во однос на прашањата од културниот аспект, на прашањата кои произлегуваат од образовната улога на ЈМС, како и на аспектите што ги опфаќа општествената кохезија како една од мисиите на јавните бродкастери. (За мисиите на јавниот сервис пишувавме повеќе во лекцијата „Трите мисии како три столба на МРТ“).

 

1. Дополнувања на мисијата од аспект на улога на граѓаните во општеството, а со тоа и на концептот на демократијата

Традиционални задачи на Јавниот радиодифузен сервис:

  • Да ја поттикнува демократијата на локално, регионално и на национално рамниште;
  • Да ги застапува интересите на граѓанското општество;
  • Да биде форум за јавна дебата;
  • Да ја надгледува работата на власта;

Дополнителни задачи на Јавниот медиумски сервис:

  • Ги информира граѓаните за работата на меѓународните организации во земјата и на глобално рамниште;
  • Учествува во придонесот на афирмацијата на вредностите на граѓанското општество на регионално, континентално и на светско рамниште;
  • Ја надгледува работата на меѓународните организации и на меѓународната заедница;
  • Учествува во развојот на општествениот капитал и на чувството на заедништво и за припадност кон националната држава, во време кога сајбер-просторот им овозможува на поединци да учествуваат во виртуелни заедници и да се одделат од сопствените општества и држави;

 

2. Дополнувања на мисијата од аспект на прашањата од културниот аспект

Традиционални задачи на Јавниот радиодифузен сервис:

  • Развој и заштита на културата и на идентитетот на сите етнички заедници без исклучок, вклучувајки: пристап до културното богатство; подигнување на културната компетенција на публиката; создавање нови аудиовизуелни дела; промоција и поддршка на креативни таленти; инвестиции во домашната телевизиска и филмска продукција; партнерство во организацијата на културни настани; промоција на културите на сите заедници, како и мултикултурниот концепт на македонското општество во странство;

Дополнителни задачи на Јавниот медиумски сервис:

  • Креирање чувство за афинитет и за разбирање на културата и на националните интереси на народите во соседните земји, особено со оние со кои се споделуваат заеднички регионални интереси;
  • Промоција на интеркултурните вредности за дијалог во земјата и во странство;
  • Промоција на културните различности на другите и презентација на таа различност пред домашната публика;
  • Настојување да се спречи и да се намали дигиталниот амбис за еднаков пристап до културните вредности преку технологијата;

 

3. Дополнувања на мисијата од аспект на образовната улога на ЈМС

Традиционални задачи на Јавниот радиодифузен сервис:

  • Производство и емитување на образоввна програма;
  • Учество во проекти како што се Отворен (Работнички) универзитет.

Дополнителни задачи на Јавниот медиумски сервис:

  • Придонес во концептите за доживотно учење;
  • Партнерство во моделите за е-учење;
  • Сообразување на образовните програми и на партнерства со барањата на времето.

 

4. Дополнувања на мисијата од аспект на општествената кохезија

Традиционални задачи на Јавниот радиодифузен сервис:

Креирање референтна телевизиска програма за промоција и за застапување за кохезија во општествената заедница која ќе биде од интерес на сите граѓани без исклучок;

  • Елиминација на дискриминацијата во програмите и во вработувањето.

Дополнителни задачи на Јавниот медиумски сервис:

  • Јавниот медиумски сервис треба да учествува во елиминирање на дигиталната провалија и на елиминирање на нееднаквиот пристап кон технологиите со:
    • Присутност на сите дигитални платформи и со програми и асистенција за публиката да има пристап до сите нив;
    • Традиционалните содржини треба да бидат достапни на интернет-платформите и на другите интерактивни нови медиуми за да бидат широко достапни;
    • Понуда од различни мултимедијални сервиси;
    • Градење имиџ и на доверлив сервис во интернет-универзумот;
    • Содржини за едукација за новите технологии на јазиците на сите етнички заедници во државата;
    • Активна промоција на дигиталната медиумска писменост;
    • Промоција на отворените дигитални стандарди.

Сето ова наложува дека новата дигитална ера бара ново партнерство меѓу граѓаните, односно публиката и јавните медиумски сервиси. Ова е неопходно за да се надмине застарениот модел на патернализам на јавниот радиодифузен сервис. Тој модел денеска е неодржлив, бидејќи се базираше врз асиметричната поставеност на улогите на радиодифузерот, на културните и на политичките елити од една страна и на публиката од друга страна. Тој концепт црпеше легитимитет од општествените разлики.

Денеска во реалноста имаме една сосема нова ситуација. Нагласениот развој на граѓанскиот активизам и на новите технологии исправи пред нас една нова стварност во која границите меѓу „аматерите“ и „професионалците“, меѓу „корисниците“ и „креторите“ на содржини стануваат сè поневидливи.

Се разбира, тука не промовираме друга крајност која застапува тези дека наскоро сите ќе бидат „професионалци и креатори“ на содржини. Ова прашање е многу покомплексно и повикува на темелна ревизија на моделот на јавниот медиумски сервис. Крајната цел е тој да се трансфомрира во вистински комонвелт, односно ризница од различнст и од мислења, за да се охрабри плуралноста на граѓани, кои нема да ги регулираат ниту деспотската држава, ниту, пак, бескрупулозните пазарни сили. Таа цел ги вклучува во себе и максимизирањето на слободата и еднаквоста на пристапот на сите општествени структури до услугите на јавниот медиумски сервис. Тоа е можно само доколку на јавноста се гледа како на активен партнер, а не само како на пасивен примател на информации.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).