„Монтажно“ новинарство
Објавено во Новинарски лекции
on 7 - 07 - 2015 Автор: Ана Анастасовска
Кога опозицискиот СДСМ почна со објавувањето на таканаречените „бомби“, обвинувајќи ја владеачката партија за разни криминални и незаконски дејства, од ВМРО-ДПМНЕ постојано излегуваа со соопштенија дека таквите снимки се „монтирани, сечени и лепени“, па според тоа и лажни. И тоа е нормална реакција за една политичка партија. Но, кога новинарот ќе одлучи да сече изјави и да ги монтира, тогаш тоа не е нормално, бидејќи новинарството не е политика. Задача на новинарот не е да лаже и да манипулира, туку секогаш точно, јасно и прецизно да ја информира јавноста.
Пишува: Ана Анастасовска
Во последно време, многу често, дел од новинарите кај нас почнаа да практикуваат „монтирачко“ новинарство, сè за да се практикува политичка пропаганда, што е во спротивност со новинарските етички стандарди. Последен таков случај беше исечената изјава на германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмајер.
СЕЧЕНО, МОНТИРАНО, СКОЦКАНО ПО ТЕРКОТ НА ВЛАДАТА
Очигледно, на провладините медиуми не им се допаднала целосната изјава на шефот на германската дипломатија, па одлучиле да ја скратат. На тој начин ја испуштиле најважната порака од него, порака упатена директно до премиерот Никола Груевски. Наместо ваквата порака, провладините медиуми испратија порака дека Германија е многу загрижена за политичката криза во Македонија, а Заев, пак, бил задоволен од тоа.
И во ред ќе беше ако ја пренеле само скратената изјава на Штајнмајер, но проблемот е во тоа што на неа залепиле скратена изјава од Заев, за правење спин и за создавање погрешна перцепција во јавноста. Тој што не е доволно информиран и заинтересиран, кој не ги следи сите медиуми, се разбира дека ќе ја голтне пораката за „загриженоста на Западот и за ладнокрвноста и ситењето на македонската опозиција“.
ПРОПАГАНДА „КОПИ-ПЕЈСТ“
Така, на сите провладини портали се појави идентичен текст, со малку поинаков наслов, но со иста цел. Порталот „Курир“ излезе со наслов „Германскиот МНР Штајнмајер- вознемирен, a Заев задоволен поради непостигнувањето на договор во Брисел“. Изјавата на Штајнмајер која е пренесена во текстот, гласи вака:
„Со вознемиреност деновиве го следам развојот во Македонија. Во четвртокот разговарав со еврокомесарот Хан, кој презема големи напори да посредува меѓу страните во спорот. Односите меѓу различните етнички групи таму се кревки. Назадувањето не е исклучено, доколку политички одговорните не ја оправдаат својата одговорност. Минатата седмица се чинеше дека е постигнат исчекор нанапред, дека за блиска иднина е поплочен патот до новите избори. Оваа недела се одржаа разговори околу тоа како би изгледал тој период до одржување нови избори за сите етнички и политички групации да имаат фер шанса на тие избори. Разговорите во средата не минаа добро. Се надевам дека во најскоро време ќе може да се повторат, додаде тој.“
Истата изјава е пренесена и на други портали, како „Прес 24“, „Е-вести“, „Нетпрес“, „Република“, „Пулс 24“, „Вистина“. И кај сите нив текстот е „копи-пејст“ од „Курир“.
Во текстот пренесен на сите овие медиуми, на ниту едно место не може да се прочита каде Штајнмајер ја дал ваквата изјава, ниту, пак, има линк до оригиналниот текст од каде е преземен цитатот. И тоа е нормално кога се сака да се скрие нешто. Наместо тоа, веднаш под „загриженоста“ на Штајнмајер е пренесено „задоволството на Заев од пропаднатите преговори во Брисел“. И тоа повторно преку исечена изјава, овојпат на лидерот на СДСМ.
„Задоволен сум заради тоа што работите се движат во наш очекуван правец, изјави Заев вчера.“
ШТО Е ОНА ШТО УПОРНО СЕ КРИЕ?
Она што недостига во текстот пренесен на сите провладини медиуми е, всушност, главната порака што германскиот шеф на дипломатијата ја упатил до македонскиот премиер Никола Груевски. Таквата порака можеше да се прочита во оригиналниот напис, објавен на „Дојче веле“, каде јасно е наведено дека станува збор за обраќање на Штајнмајер пред Бундестагот, во кое говорел во прилог на барањето за продолжување на мандатот на КФОР во Косово, но во контекст на регионот, одделил и поголем дел од своето обраќање за состојбата во Македонија.
На крајот од својот говор, посветен на политичката криза во земјава, тој порачал:
„Се надевам, исто така, дека премиерот на Македонија знае: оној кој на Западниот Балкан се наоѓа на пат кон Европа и се надева дека таму ќе стигне, тој по ваквиот пат ќе може успешно да чекори само доколку навистина ја преземе одговорноста за зачувување на демократските и структурите на правната држава.“
Груевски да ја преземе одговорноста! Вакво нешто читателите не можеа да прочитаат на горенаведените медиуми. Ваквата порака ја истакнаа само неколку портали кои важат за жестоки критичари на власта, како „Плусинфо“, „Либертас“, „А1 он“, „Нова ТВ“, „Фактор“.
Така, на пример, „А1 он“ излезе со наслов „Штајнмајер со порака до Груевски да ја преземе одговорноста“, а „Либертас“ објави: „Штајнмајер е вознемирен поради состојбата во Македонија, упати и порака до Груевски“.
Страшно и поразително за новинарската професија е кога новинарите, наместо во име на вистината, пишуваат во име на партијата. Во тој случај, наместо професионално и објективно новинарство, имаме пропагандистичко и монтирано новинарство. Наместо новинарски текстови, на читателите им се служат партиски соопштенија.
Резултат на тоа се и катастрофалните рангирања на Македонија во поглед на слободата на медиумите во светот. Во последниот извештај на „Фридом хаус“, нашата земја е пласирана на 125. место од 199 земји и територии. Во Европа сме на претпоследното 41. место, само пред Турција, а зад Косово, Босна и Херцеговина и Албанија. А, овие извештаи не се монтирани и сечени.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).