verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

МОДЕМ: Строго диригирани пораки на различни фреквенции 

on 17 - 02 - 2016       
hand-977641_1280
„Уредничка конвергенција“ кај провладините медиуми или: што и да гледаш исто ти се фаќа. Фото: pixabay

 

Трендот на пропагандистичко известување на МТВ 1, МТВ 2, „Сител“, „Алфа“ и на „Канал 5“ во полза на власта, а особено во полза на партијата ВМРО-ДПМНЕ, продолжува, заклучува Институтот за комуникациски студии во последниот извештај од следењето на медиумските содржини.

 

Пишува: Александар Пешев

 

Важноста на политичкиот плурализам во медиумите се согледува во овозможување на слободно и рамноправно циркулирање на полтички идеи во јавноста, со што би се развиле различни мислења. Ваквиот плурализам, во согласност со професионалните стандарди, се обезбедува преку дивергентна уредувачка политика, фокусирана на презентација и на анализа на различни информации, кои се изнесуваат пред публиката. Идеалната практика, судејќи по наодите на извештајот на Институтот за комуникациски студии, не се прелева во реалност. Преку анализата на 11 програми на вести и 38 изданија на 11 различни актуелно-информативни емисии на јавниот сервис и на седум приватни телевизии, се заклучува дека центри на моќ диктираат пропагандни содржини на пет различни фреквенции.

Освен првата забелешка дека продолжува трендот на пропагандистичко известување на МТВ 1, МТВ 2, „Сител“, „Алфа“ и „Канал 5“, се нотира и дека „продолжува и уредничката конвергенција кај овие медиуми, јасно видлива од изборот на исти теми, исти цитирани извори и ист агол на обработка, така што прилозите на различни телевизии изгледаат како да се уредувани од ист центар на моќ“.

Уредничката конвергенција во основа на публиката ѝ сервира строго диригирана информација, а според наодот од надзорот, може да се заклучи дека публиката е сведок на плурализам на гласови на различни фреквенции кои повторуваат иста порака.

„Продолжуваат и истите матрици на стратегиско демонизирање на СДСМ, односно фаворизирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и постојано користење на извори кои застапуваат исто гледиште.“

Националниот сервис, заедно со „Сител“, „Алфа“ и со „Канал 5“, користи иста логика како и ВМРО-ДПМНЕ, се забележува во извештајот и се додава:

„Со ваков начин на известување се воспоставува таканаречениот ефект на применливост (applicability effect), според кој сите нови политички настани се врамуваат во неколку основни „интерпретативни рамки“, кои постојано циркулираат низ медиумите.“

Second Monthly report MODEM_mk_opt-coverПример за конвергентност во уредувањето може да се согледа во изданието на вестите на „Канал 5“ во 18 часот на 14 февруасри 2016 година. Критичкиот осврт на СПФМ за ова информативно издание открива дека текст насловен Курир: На Бихаќка разочарани од досегашните случувања околу „Титаник“всушност, е интегрално прочитан од интернет-страницата, а во иста форма бил емитуван и во дневникот на телевизија „Сител“. Известувањето во врска со првите пријави против поранешни функционери од владејачкото мнозинство открива пример на ефектот на применливост. Интерпретативната рамка во која беше ставен овој настан во „Курир“, „Денешен“ и во „Вечер“ е дека специјалното обвинителство не чини и работи под политички диктат на опозицијата. Ова може да се заклучи од рецензиите на СПФМ за овие три објави. За известувањето за работата на специјалното јавно обвинителство во петте провладини електронски медиуми, извештајот на Институтот за комуникациски студии покажува:

„Селектирањето на едни, а занемарувањето на други аспекти на работата на јавното обвинителство од страна на провладините медиуми покажува како „врамувањето на темата“ се користи за манипулирање со јавното мислење.“

Генералната оцена во извештајот е дека петте провладино-ориентирани телевизиски канали (МТВ1, МТВ2, „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“) и во актуелно-информативните емисии настојуваат да ги пропагираат првенствено гледиштата на владејачките политички структури, а на опозициските ставови и мислења или воопшто не им даваат простор или крајно ги напаѓаат и ги демонизираат. Анализата покажува дека темите кои биле најмногу во фокусот на телевизиското известување во изминатиот месец се: политичката криза и предвремените парламентарни избори (682 прилози), проектите и остварувањата на ВМРО-ДПМНЕ како партија на власт (280), аферата за фалсификуваните лични карти (118), работата на Специјалното јавно обвинителство (94), преговорите за уредување на медиумската сфера (53) и отворањето на универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје (34).

Во известувањето за политичката криза, надзорот покажал дека петте провладини медиуми „унисоно ги пропагираа ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, во смисла дека изборите мораат да се одржат на 24 април“. Пропагирањето, според извештајот, не завршува со одбрана на ставовите на владејачката партија само за изборите:

„Сите четири провладини телевизии (МТВ 1, „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“) со силен интензитет, секојдневно, преку промовирањето на владините проекти и остварувања, на граѓаните им претставуваа „максимално позитивна“ слика за работењето на власта, трансформирајќи ја функцијата на новинарството од критичко информирање во гола политичка пропаганда.“

Се нотира и спинување или извртување на вистината во известувањето на провладината петорка:

„Аферата со фалсификуваните лични карти, провладини телевизии издвоија и ја трансформираа во афера против опозицијата, нагласувајќи наводна поврзаност на осомничените за фалсификувањето со опозицискиот врв.“ 

Преговорите за уредување на медиумската сфера провладините медиуми ги извртуваа како обид на опозицијата „…да направи пазар за да воспостави власт врз медиумите“, нотира извештајот од надзорот.

Станува збор за втор месечен извештај за анализата на врамувањата на политичките актери и на настаните поврзани со нив на Институтот за комуникациски студии, кој се однесува на периодот меѓу 19 декември 2015 година и 29 јануари 2016 година.

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).