Mизерна дискредитација на новинари и на јавни личности во корист на пропагандата
Објавено во Колумни
on 8 - 06 - 2016 Автор: Сеад Ризвановиќ
Свесен сум дека во оваа земја сите чуда траат три дена, но сѐ уште не сме заборавиле како изгледаат вистински суми што се плаќаат од народни, а не од пари на некој светски милијардер, за обезбедување владеење на мала група поединци
Пишува: Сеад Ризвановиќ
Со цел памет, пред некоја недела зедов да прочитам еден од серијата координирани текстови, објавени во медиумите кои редовно ги бранат владините политики, а кои се однесуваа на пропагандистичкото тврдење дека македонската револуција е увезена и платена од „Сорос“. Очекував да видам добри суми кои ги добиваат „предавниците“ за уривање на „патриотите“, но она што го видов, во најмала рака, ме шокира rusbankinfo.ru.
Порталот „Нетпрес“, (чија сопственичка структура, инаку, е скриена на релација САД – Кипар), сега пишува за „корупција“ и за „нетранспарентност“, па под насловот „Мега скандал: Шарените револуционери платени со огромни суми на пари да го „фарбаат“ народот“, објавува дел од сумите што ги зеле противниците на власта.
Така, замислете, професорот Љубомир Фрчкоски во 2014 година (две години пред „Шарената револуција“) од ФОРУМ ЦСИД, Скопје, организација која „Нетпрес“ ја нарекува „соросова“, зел неколкупати по 6.710 денари. Морам да кажам дека неколкупати се навраќав на сумите, случајно да не не сум видел добро, но, сепак, утврдив дека се работи за 110 евра. Можеби јас сум грешка, но овојпат пропагандава некако заринка на суво, бидејќи оваа сума е навистина смешна доколку се работи за „купување“ професор и поранешен министер за внатрешни и за надворешни работи.
Нејсе, решив да ги видам и другите суми, кои, според пропагандистите, биле исплатени за уривање на „најпатриотската“ власт од пропаѓањето на Александровата империја и пошироко. Фросина Ременски зела, замислете, дури цели 5.846 денари, Рената Десковска 3.333 денари, а адвокатот на Зоран Заев, Филип Медарски, се збогатил, бидејќи инкасирал неверојатни 19.675 денари од Здружението на млади правници, што веројатно нема некоја врска со професијата на Медарски, кој и самиот е правник.
По оваа серија текстови, веќе не ми се употребуваат фрази од типот „да не е трагично, би било смешно“, туку би кажал многу подиректно дека во недостиг од аргументи, власта, затскриена зад своите мегафони, напаѓа на најподол и најмизерен начин. Повторно преку злоупотреба на институциите, земени се лични податоци од личните примања на серија јавни личности, па тие сосема легитимни и прилично скромни примања се злоупотребени за да се докажат серија небулози за наводна вмешаност на тие личности во организирање револуција.
Но, овие текстови, освен што поседуваат основи за низа на индивидуални тужби, отвораат и можност за кривична постапка, во која ќе мора да се открие кој, како, зошто, каде и кога ги употребил личните податоци на луѓето за тие да бидат искористени во подземно-полициски цели.
ВРВ НА ИРОНИЈАТА И НА ЦИНИЗМОТ – АРАМИИТЕ ОБВИНУВААТ ЗА АРАМИЛАК
Свесен сум дека во оваа земја сите чуда траат три дена, но сѐ уште не сме заборавиле како изгледаат вистински суми, кои се плаќаат од народни, а не од пари на некој светски милијардер, за обезбедување владеење на мала група поединци. Ако новинар е поврзан со тендер во кој министерството за здравство исплаќа милион евра на фирма за набавка на рентген-апарати, и згора на сѐ таа фирма нема никаква врска со тој бизнис, тогаш тоа е многу повеќе од трите илјади денари на Рената Десковска.
Па, со парите што власта сакала да ги даде на фирмата „Визарис“ можеле да се платат сите наводни платеници на Сорос и да останат пари да се подигне уште некоја револуција во соседството. Бидејќи јас немам пристап до Управата за јавни приходи, јас не знам колку пари земаат пропагандистите што работат во едни медиуми, во исто време имаат портали или емисии на други медиуми и сето тоа хорски усогласено во корист на власта, а против опозицијата. Но, она што го знам е дека дел од тие портали, весници, радија воопшто не се регистрирани во Македонија, туку на Карибите, во Белизе или некоја друга егзотична дестинација. Тие медиуми кои хистерично врескаат за предавства се затскриени зад лажни газди, за да не ги откријат вистинските, кои се многу поблиску од прекуокеанксите офшор-дестинации.
Но, тоа не е сѐ. Тие пропагандистички памфлети редовно, секоја година, лапаат милиони евра од народните пари за емитување владини кампањи и реклами, рекетираат приватни компании да се рекламираат кај нив и сето тоа го пакуваат дека е за одбрана на „македонштината“. Но, повеќе од јасно е дека се работи за добро организиран пропагандистичко-криминален систем, кој народните пари ги употребува против самиот народ и при тоа клевети, лаже и неосновано напаѓа граѓани, се разбира, затскриен зад судско-обвинителскиот систем.
КАНВАС – ПРИКАЗНА СТАРА ДЕСЕТИНА ГОДИНИ, ОТКРОВЕНИЕ ЗА ПРОПАГАНДИСТИТЕ
Теоријата на заговор и не би била комплетна во Македонија кога светскиот „чадор“ не би бил засилен и со регионално платно, па, така, се пушти приказната и за српски „Канвас“. Организација за која се пишуваше уште пред десетина години и за која се тврдеше дека стои зад речиси сите светски револуции, од оние во централна Африка па до Арапската пролет, наводно, дошла да дејствува и во Македонија. Но, внимавајте, чадорот (ЕУ, САД и НАТО), засилени со српски „Канвас“, речиси цела година се обидува да ја урне владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ и не успева во тоа.
Така слободно може да се каже дека македонскиот режим е еден од најсилните режими во историјата на планетата Земја, па веројатно и во интергалактичката империја, бидејќи земји кои имаат околу 700 милиони жители не можат ништо да направат на власт што ја поддржуваат реални 400.000 луѓе.
Добро, ние не знаевме дека неодамнешниот премиер Никола Груевски имал и парапсихолошка помош, тука веројатно улога во одбраната од „надворешниот и внатрешниот“ непријател имаат и службите за безбедност за кои една ЦИА или МИ 6 не се дораснати, но, сепак, останува мистерија како тоа власта на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ вака успешно се брани од толку надмоќен непријател, освен логичното објаснување дека се повторува историјата и повторно на сцена се враќа стратегијата на Александар, олицетворена преку неговата реинкарнација Никола Груевски.
Но, да завршиме сериозно, мора да се вратиме на уште една глупост на пропагандата. Во обид да се докаже вмешаност на „српска врска“ во македонските протести, се напиша и дека српската новинарската организација „Крик“ била видена во Скопје и тоа било во организација на „Сорос“. Со оглед на фактот што и новинар на „24 Вести“ беше на новинарската обука организирана од „Крик“, можам од прва рака да кажам дека се работи за тешка небулоза произлезена од фабриката за лаги, а за да биде иронијата поголема, на истата обука имаше и новинари од медиуми кои веќе не се толку критични за власта.
Со оглед на тоа што секојдневно се изненадуваме и никогаш не знаеме кога навистина ќе биде допрено македонско медиумско дно, „мегаинтервјуто“ на Никола Груевски во кое неговите противници се обвинуваат дека се припадници на секта, е дефинитивно кандидат за еден од најцрните моменти на македонското новинарство и на медиумската сцена.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).