verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Мислевте дека се многу оригинални со „десоросoизацијата“?

on 21 - 02 - 2017       
Trend

Concept by Ahdieh Ashrafi: Freedom of Speech. Фото: flickr.com

 

Според Комитетот за заштита на новинарите, во 2016 година дури 259 новинари биле уапсени и затворени. Бројот за затворени новинари во 2000 година изнесувал 81.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Наместо други, позитивни светски трендови, Република Македонија, во овој период, ќе биде запаметена по тоа што го следи трендот на задушување на граѓанските слободи. Тој тренд не е еднобоен, не е едноставен. Напротив. Се работи за комплексен феномен кој обединува неколку фактори препознатливи и на глобално ниво.

Како прво, во земјите, во кои граѓанските организации и активности добиваа поддршка за развој на граѓанското општество и вредности во еден подолг временски период, се создаде атмосфера дека граѓанските организации, всушност, биле продолжена рака на влијанието на земјите што ги поддржувале нивните активности. Без разлика на фактот што овие активности биле во согласност со законите на тие земји и со политичка согласност на домашните политички субјекти, настапи период во кој на граѓанските организации и на нивните лидери се гледа како на политичка опозиција. Бидејќи граѓанските организации не се структурирани како политички фактори и бидејќи, поради тоа, немаат такви одбрамбени механизми, тие станаа ранливи на политичкиот притисок кој почна да им го стеснува полето на дејствување или да ја корумпира граѓанската сфера на општестсвото за да ги минимизира ефектите на граѓанските ницијативи и акции.

Ви звучи ова познато, нели?

Некои влади отидоа и чекор понатаму и почнаа да воведуваат или да најавуваат нови законски иницијативи, за да ги обесхрабрат или да ги оневозможат иницијативите на граѓанските организации што имаат доминантно економска или политичка агенда, гласно агитирајќи дека тие прашања се ексклузивно право на политичките партии.

Ова ептен го препознавате, зарем не?

Обрасците што се применуваат за да се спроведе оваа хајка против граѓанските организации, се преземени од некои други земји кои се покажаа доста агилни и агресивни во контролата на сферата на граѓанското општество.

 

ЗАПЛАШУВАЊА И НАСИЛСТВО

Впрочем, редовното истражување на „Фридом хаус“ за степенот на слободите, бележи постојан пад во последните десет години на глобално ниво. Истражувањето покажува дека дури и терминологијата со која се етикетираат граѓанските организации и активисти се универзални. Најчесто тие се „предавници“, „регресивни“, „политички инструирани“, па дури и „фактори на нестаблиност“.

И ова ви е веќе чуено?

Таквата реторика има цел да ја поткопа легитимноста на граѓанските организации и да ја искриви сликата за нивното право да учествуваат гласно и активно во општествено-политичките процеси. За таа цел се креираат серија иницијативи за промена на законската регулатива за граѓанското здружување, се прават инситуционални притисоци (инспекции за финансикото работење), а во јавноста се создава амбиент за дебата за „деграѓанизација“ на општеството.

Мислевте дека се многу оригинални со „десоросoизацијата“?

Не се непознати ниту директните заплашувања и насилство врз граѓанските активисти. За говорот на омраза и да не правиме муабет.

Според извештајот на „Фронтлајн дефендерс“, организација која ги надгледува притисоците и репресијата врз граѓанските слободи, во 2016 година се убиени 281 активисти, во 25 земји. Колку за илустрација, во 2014 година таа бројка изнесуваше 130 убиени борци за човекови права.

 

СЀ ПОГОЛЕМ БРОЈОТ НА УАПСЕНИ НОВИНАРИ

Како второ, интересно е да се следи линијата на развој, односно на промената на фокусот на граѓанските организации низ годините. Последниве 15-тина години, граѓанските организации се променија од „услужно“ ориентирани организации, во сферата на учество во креирање политики. Беше сосема нормално да се случи тоа, бидејќи беше неопходно да им се промени улогата на алтернатива на државните општествени структури, кои во меѓувреме се оспособија да го прават тоа сами. Затоа следуваше новиот крупен чекор, граѓанските организации да станат влијателен и неодминлив партнер во креирањето политики и во одбрана на човековите права. Тоа не им беше по волја на оние, особено авторитарни структурирани влади, кои и понатаму сметаа(т) дека тоа е нивно ексклузивно право. Граѓаните е доволно да засадат некое дрвце, да им помогнат на старите лица или да изиграат квадрил на денот на Европа… Дури, ако треба, и автобуси ќе се организираат и неработни денови ќе се прогласат.

Третиот фактор, интересно, е развојот на дигиталните комуникациски технологии и на социјалните мрежи. Тие придобивки, всушност, беа меч со две осрици. Од една страна, беа исклучителна алатка за граѓанските активисти и за нивните иницијативи, вмрежвуања, споделувања… Но, од друга страна, нивниот отворен концепт не беше пропуштен од страна на репресивно ориентираните влади за да вршат континуирано следење и контрола на активностите во граѓанскиот сектор. Особено во оној покритички настроен круг. Во изминатите  десетина години, повеќе земји ја намалија вредноста на сопствениот индекс на слободи заради воведување легислатива која ја ограничува слободата на комуникаците, која спроведуваше незаконско прислушување на комункациите и која вршеше континуиран притисок врз слободата на изразувањето.

Република Македонија, за жал, не е исклучок од овие феномени.

Според Комитетот за заштита на новинарите, во 2016 година, дури 259 новинари биле уапсени и  затворени. Бројот за затворени новинари во 2000 година изнесувал 81.

Сето ова говори дека граѓанското општество и граѓанските организации се веќе одамна влезени во период кој треба да се препознае како константа и дека е неопходна подготовка за опстојување во такви услови.

Зашто отстапки нема. На патот кон слободата…


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).