verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Колку министри може да собере еден ТВ-дневник

on 13 - 10 - 2015       
Колку министри може да собере еден ТВ Дневник. Фото: скриншот
Министерски вести. Фото: скриншот

 

Ако пред 25-30, па и повеќе години, во еден друг, поинаков систем на уредување, на јавниот и единствен сервис ќе забележевме присуство или акцент во известувањето од страна на личности од јавниот, политичкиот живот за настани кои не се поврзани со политиката, се претворавме во прашалници зошто е тоа така. Постарите секогаш ќе речеа: „сѐ е политика, па затоа немојте да се чудите!“. Но, ако и по толку години, во еден сега веќе за нас нов систем на уредување, сѐ уште го наоѓаме истото во известувањето, особено во јавниот сервис, но на еден уште побезобразен и подрзок начин, т.е. дека сега веќе политиката е во секоја пора и без неа не може да се отвори ново училиште, нова сала, да се одржи концерт или да се публикува значајно книжевно дело…, тогаш сѐ се сведува само на политичка популистичка прослава за купување поени, а јавниот сервис станува нем забележувач на „активностите“ на власта!

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Додека социјализмот нудеше еден и единствен начин на известување и еден единствен избор на информациите преку јавниот сервис, со новото време и со новото уредување што го донесе и го наметна медиумскиот плурализам, истиот требаше да понуди разновидност, но и можност за избор на информациите, а не пропаганден диспозитив и вештачки креирани конверзациски светови во согласност со „налозите“ на тековната владејачка гарнитура, најчесто изразени преку јавниот сервис (МРТ), која, како што се наведува: „од осамостојувањето на земјата во 1991 година продолжи да биде под силна политичка контрола на владејачките структури, слично како во времето на социјализмот“. Ова особено доколку е сѐ појасна интенцијата на оние кои ја управуваат државата да пишуваат историја за себе, не преку дела, туку преку слика и облици на „информирање“, особено за она што сакале и само ним им е од монументално значење и често под превезот на владиното рекламирање, со што се прави индиректна државна контрола врз содржините што се произведуваат во медиумите.

Се наметнува прашањето: што е она што се развива како тренд во известувањето кај јавниот сервис кој се финансира од „наши пари“? Одговорот е повеќе од јасен и спротивен на Бауеровото инсистирање на модел на размислување за отворено, слободно и демократско општество, кое ќе ја смести државата во заднина, затоа што истото во себе го содржи настојувањето самото да се разбере како апсолутно место на моќта, владеењето и на влијанието и кое истовремено ќе ја фаворизира идејата за самоодговорно граѓанско општество во кое аргументот, зборот, комуникацијата, медиумите и новинарството добиваат општествена, а како создавачи на општеството и клучна позиција во теоријата и во практиката.

Во овој контекст, во само една анализа за известувањето на јавниот сервис МРТ, особено неговиот прв програмски сервис МРТ1, доколку случајно одберете да погледнете кое било издание на пладневните вести или подоцна на централниот дневник, во отсуство на „квази-историско документирање“ на, пред сѐ, дневните активности на премиерот, пред вас стои една необична збирка од новинарски прилози, пополнети со изјави на тековните министри од владејачката гарнитура во обидот за креирање вештачки конверзациски свет, кои треба да сведочат во времето дека „подобро не може да биде кога веќе сѐ е така идеално!“ во поткрепа на толку познатиот слоган на власта „Работиме 24/7!“. По случаен избор го зедов пладневното издание на вестите на МРТ1 од 29 септември 2015 година во 15 часот (за кое, за жал, не постои линк за да може се погледне, но може да се погледне централното издание на Дневник 1, кој не е ништо освен проширена верзија на вестите од 15 часот), структурално составено од 12 прилози, неколку информации од странство и на крај уште три „прилози“ од македонското типично секојдневие без изјави и извори на податоците што се презентираат во прилозите.

 

ГО НЕМА „ГРАЃАНИНОТ“

Она што паѓа в очи (без да сте експерт на полето на анализа) е фактот што освен ударната вест за порастот на индустриското производство од „цели“ 12,8 отсто, која ја најавува министерот за финансии, безмалку три минути од севкупно 20-25 минутните вести, се следните 11 прилози за објавените огласи за вработување со кредитирање (со изјава на министерот за труд и социјална работа), потоа прилогот за тоа како до пари за големи енергетски проекти (со изјава на вицепремиерот), за новите стандарди во градежништвото (со изјава на министерот за економија), па прилогот кој говори дека превозниците досега не пријавиле штети во однос на спорот меѓу Србија и Хрватска (со изјава на министерот за економија)…, сѐ до последниот прилог од првиот дел кој се однесува на „блескавата“ работа што ја врши Македонија и ќе продолжи да ја врши со нова мисија во сините шлемови (со изјави на министерот за надворешни работи и на министерот за одбрана).

Добивате слика, пред сѐ, од аспект на новинарската теорија, дека прилозите се само „сувопарно“ бележење на активностите на „управителите“ на државата, бидејќи се базираат само на нивни изјави и ништо повеќе и тоа е сѐ што се случува најзначајно во денот, барем кај нас во Македонија. Погледнато од еден поширок аспект, изборот на информациите, плурализмот во известувањето како да отсуствува, затоа што видлива е политичката и партиската контрола на јавниот сервис, нешто што и Европската комисија го констатира во последниот извештај за напредокот на Македонија. Го нема „граѓанинот“, како оној за кого се наменети информациите (освен во последниот блок на информации за кочанскиот ориз, за отворањето на „Агрофуд“ и состојбата со квалитетот на водата за пиење во Струга), отсуствуваат информации „однадвор“, како и од другите политички чинители во државата за тоа што прават и како ги трошат „народните пари“ додека не се на позиција! „Постои отсуство на политичка независност и недостиг на балансирано известување, како и обезбедување висококвалитетни информативни содржини“, се вели и во документот на Европската комисија објавен во јуни годинава под наслов „Итни приоритетни реформи во Македонија“. Сумарно, не се почитува препораката 1 од 2012 година на Советот на Европа, која вели дека јавниот сервис не може да биде важен извор на точни, навремени и плурални информации ако не биде независен од разни политички и економски влијанија!

 

„БЕНЕФИЦИРАНИ“ ПРИВАТНИ МЕДИУМИ

Истото можете да го забележите и во другите изданија што по случаен избор ги зедов предвид при анализава, за да ја проверам главната теза дека јавниот сервис во своите вести и дневници, во отсуство на премиерските активности, станува простор за „министерски дневници“. Се работи за следниве изданија:

Дневник на МРТ1 од 1 октомври 2015 година,

потоа Дневник на МРТ1 од 3 октомври 2015 година,

Дневник на МРТ1 од 7 октомври 2015 година,

како и вестите  на истиот датум,

а за кои заради просторов за анализа само ќе ги наброиме и приложиме како предмет за истражување. Истовремено, во прилог на главната теза, можат да се погледнат и дневниците, односно вестите и на „Сител“, „Алфа“, како и на „Канал 5“ и „Канал 5 плус“ (особено Дневникот од 7 октомври 2015 година кој е реприза на оној од „Канал 5“), но и да бидат искористени како дополнување на тезата дека постои еден ваков нескриен шаблон и тренд во известувањето (во согласност со урнекот од јавниот сервис) и кај одредени „бенефицирани“ приватни медиуми дека „по изборите овие медиуми ќе се најдат на списокот на најпосакуваните медиуми за државно огласување“, се вели во анализата „Зошто е важен интегритетот во медиумите“. А, за нив и врапчињата знаат дека се поддржувачи, но и добри корисници на владејачката стратегија за „Македонија – земја на можности“ (барем во слики), во согласност со прикажаните информации за добиените јавни пари на овие медиуми од Владата, општините и од другите институции во публикацијата „Јавните пари во медиумскиот простор“. Притоа, како што е забележано и потврдено, „финансиските стимулации и државното рекламирање во медиумите континуирано се користат како инструмент за влијание врз работата на медиумите, а со самото тоа и врз нивниот професионализам и кредибилитет“, што води во еден несакан тренд во известувањето, а тоа е дневниците и вестите да стануваат „министерски дневници и вести“, како што е еклатантниот тренд во известувањето во јавниот сервис МРТ.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).