Мегаспин: Сечење, лепење и монтирање конструкција за Голи Оток
Објавено во Рецензии
on 25 - 01 - 2017 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: ГОЛИ ОТОК ЗА ГЛАСАЧИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ: Љуми Бекири, Ацо Кабранов, Синоличка Трпкова и Јон Фрчкоски бараат затвор за 455.000 Македонци кои се против Сорос!]
Мегаспин! Нема друг термин за ова чудо од напис коj најдобро покажува како во Македонија може да се манипулира и да се изврти безмалку секој јавен или личен настап. Еден, единствен фејсбук-статус на млад човек, активист, познат по своите изјави против актуелната власт, е злоупотребен не само за да се даде поинаква конотација, туку и да се залепи шмек на генерализација – дека една група луѓе е против гласачите на владејачката партија?!
Линк до оригиналниот напис: ГОЛИ ОТОК ЗА ГЛАСАЧИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ: Љуми Бекири, Ацо Кабранов, Синоличка Трпкова и Јон Фрчкоски бараат затвор за 455.000 Македонци кои се против Сорос!
Датум и време на објавување: 22.01.2017
Датум на рецензирање: 24.01.2017
Рецензент: Владимир Мирчески
МАНИПУЛАЦИЈА, НАВРЕДИ КЛЕВЕТИ
Од една објава на „Фејсбук“ до целосен спин со високи дози невистина. Читајќи го овој пропаганден памфлет, јасно се гледа дека намерата е да се настрви на одредени личности кои власта многу не ги „мириса“. Притоа, не се гледа на средствата за да се исполни целта. Користено е сè и сешто. Од манипулација, генерализација, навреди и клевети, бележење и стигматизирање, до употреба на несоодветни фотографии.
Значи, Љуми Бекири напишал: „Кој не сака отоворено општество, затворено има во Идризово“ и топката почнала да се тркала.
„Соросовите платеници скандалозно најавуваат затвор и прогон за сите неистомисленици со политиките на милијардерот Џорџ Сорос во Македонија“.
Прво, од каде тоа дека ФБ-коментарот на активистот е насочен токму против граѓаните, и тоа сите, ама баш сите кои на последните избори гласале за коалицијата на десетици партии предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Саркастичниот коментар можеби е само за врвот на партијата, зашто ако нејзиното раководство е контра Сорос, тоа по автоматизам не подразбира дека сите што го дале гласот за таа коалиција го делат истиот став за Фондацијата „Отворено општество“ како Груевски и неговите соработници. Каква е оваа непримерна генерализација која се потира на шпекулација, а не на факти?
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави, вели член 1 од Кодексот на новинари.
Како тоа да не било доволно, па се забегало и во именување црни места од историјата, како некакво сценарио за кое, наводно, се залагала личноста што го објавила коментарот.
А КОЈ ГО СПОМНАЛ „ГОЛИ ОТОК“?
Какво „сечење, лепење и монтирање“. Кој тоа го споменал „Голи Оток“, познат како место за елиминација на политички неистомисленици и тоа управуван од тогашната власт?! Значи, „Голи Оток“ како синоним за пресметка со оние кои поинаку мислат подразбира дека тоа би било можна алатка на тој што е на власт!
Бидејќи постот добил „лајкови“, меѓу другото, и од неколку новинари и јавни личности кои не се во „мегафонската лепеза“, тоа некому добро му дошло како оправдување дека и тие се за наводното затворање на сите гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.
„Љуми Бекири, Ацо Кабранов, Синоличка Трпкова и Јон Фрчкоски бараат затвор за 455.000 Македонци кои се против Сорос“.
Тврдење кое зад себе нема аргументи.
И конечно, овој нагласено тенденциозен мегамикс е финиширан со визуелизација во форма на несоодветни фотографии. Страшно, извлечено е сè што може да се ископа на „google images“ и ставено е во служба на манипулацијата. Своевидна параноја пласирана како медиумски производ.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови