Медиумско насилство врз децата (ДОПОЛНУВАЊЕ)
Објавено во Рецензии
on 14 - 09 - 2016 Автор: Зоран Бојаровски[Рецензија: Тинејџерски секс во живо: Ја снимале жестоката акција и ја пренесувале на Фејсбук (ВИДЕО +18)]
Серија принципи од домашните и од меѓународните новинарски кодекси се прекршени со медиумската содржина што ја рецензираме. И не само тоа – прекршени се и повеќе одредби од меѓународни декларации за правата на децата кои, патем, Република Македонија ги ратификувала и со тоа не само што треба да ги заштитува, туку треба и да ги санкционира оние што ги прекршуваат.
Прекршени се и закони, како што е нашиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги кој, во членот 50 (Заштита на малолетни лица) е многу прецизен:
Давателите на аудиовизуелни медиумски услуги не смеат да емитуваат програми кои можат сериозно да му наштетат на физичкиот, психичкиот или моралниот развој на малолетните лица, особено програми кои содржат порнографија или непотребно насилство.
Е, сега да им објасниме на оние на кои тоа им е потребно, што значи „наштетување на физичкиот, психичкиот или моралниот развој на малолетните лица“.
Конвенцијата за заштита на правата на децата на УНИЦЕФ толкува дека социјална злоупотреба, која вклучува и медиумска, политичка, економска и културна средина која активно поттикнува (или скриено одобрува) злоупотреба на децата кои се под возраста одредена со закон, опфаќа и комерцијална злоупотреба на детска проституција и порнографија.
На ова се надоврзува еден од принципите на Меѓународната федерација на новинари, кој истакнува дека третманот на вестите и на информациите како „стока која се продава на пазарот“, не смее да надвладее ниту, пак, да се меша со обврската која ја има новинарот да ја информира јавноста, како и со тоа дека медиумите мора да се управуваат според највисоките стандарди. Еден од тие највисоки стандарди е – заштитата на правата на децата.
Линк до оригиналниот напис: Тинејџерски секс во живо: Ја снимале жестоката акција и ја пренесувале на Фејсбук (ВИДЕО +18)
Датум и време на објавување: 13.09.2016 20:39
Датум на рецензирање: 14.09.2016
Рецензент: Зоран Бојаровски
ВИДЕОСНИМКА КАКО СТОКА ЗА „ПРОФИТ“
Наместо тоа, оваа медиумска содржина спорната видеоснимка, која по сите основи ги крши овие стандарди, го претвориле во „стока“ за профит.
Ако ова досега не е доволно за да ја илустрира екстремната непрофесионалност и нискиот степен на одговорност за правата на децата, да одиме понатаму: Кодексот на новинарите, според член 7, наложува:
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.
Ви се молам, каков е јавниот интерес од оваа медиумска содржина?
Кодексот и во членот 10 ја опфаќа оваа тема и вели:
Новинарот нема свесно да создава ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
„По која било основа“, се вели тука, што значи вклучително и заштитата на децата од содржини кои можат да им нашетат по многу основи.
ЏАБЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕТО ВО НАСЛОВОТ
Препораките во документот „Правата на децата и работата на новинарите“ на УНИЦЕФ – осврт од аспект на правата на децата и медиумите, посочува и на обврските што произлегуваат од препораките на Европската Унија:
ЕУ укажува на неопходноста од заштита на децата во медиумите од насилство и злоупотреба, како што се трговија со деца или детско искористување преку интернет (детска порнографија).
Џабе е предупреддувањето во насловот (Видео +18), бидејќи таа видеоснимка воопшто, ама воопшто, не смеела да се најде на овој медиум.
И уште еднаш му за навраќаме на нашиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги, кој во ставот 5 од членот 50, е уште попрецизен бидејки се однесува на емитување и на реемитување детска порнографија, и вели:
Операторите на јавни електронски комуникациски мрежи можат да емитуваат или реемитуваат програмски сервиси со порнографија само во кодиран облик. Забрането е емитување или реемитување на детска порнографија.
На крајот од оваа рецензија, повторно со сета сила ни се отвора недореченоста на медиумската легислатива која интернет-порталите не ги класифицира како медиуми. Тоа е само една причина, секако сериозна, за вакви исклучително драматични повреди на правата на децата преку медиумите.
ДОПОЛНУВАЊЕ: По објавувањето на оваа новинарска рецензија, која беше споделувана од граѓаните, порталот Неделник Република го отстрани написот во кој беше детектирано кршење на новинарските стандарди преку прикажување порнографски содржини во кои учествуваат малолетни лица.
На адресата на оригиналниот напис, која секогаш е вметната и во самата рецензија, во моментов се покажува само празна страница.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
Не е битно
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални, анонимни
нерелевантни,
1 извор
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
не може да се утврди
Не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
некреативен
сензационален
соодветен
ФОТОГРАФИЈА
има
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови