Медиумски земјотреси при известување за земјотреси
Објавено во Анализи
on 22 - 09 - 2016 Автор: Fatlume Dervishi
Како што треба да се почитува начелото дека потребата за брзина никогаш не смее да ја загрози професионалноста, вистинитоста и веродостојноста на трудот, во продолжение вреди да се почитува и начелото дека обидот за сензација (кој подразбира кликови, читаност и прегледност), не смее да ја занемари употребата на фактите
Пишува: Фатлуме Дервиши
Низа „земјотреси“ во медиумите следуваа по последователните тресења од минатата недела во Скопје и во околината. Станува збор за начинот на кој медиумите ја искористија пригодата не за да информираат, туку за да направат бескрајна сензација во прилог на кликовите и на читаноста, особено од погодената маса или масата што се чувствуваше загрозена. По лекцијата што во општи точки покажува како се известува за време на природните катастрофи, оваа анализа опфаќа неколку аспекти на медиумското известување за време на друг природен феномен, кој, за среќа, не заврши со катастрофа, но успеа да ги исплаши граѓаните на Скопје.
Од тоа што е забележано од написите во тие три-четири дена (од 11 до 14 септември), кога интензитетот на тресењата беше почест, издвојуваме неколку аспекти на информирање за земјотресите, како еклатантни, секако, без да ги занемариме и другите можни аспекти.
- Поттикнувањето страв и чувство на анксиозност во очекување на нешто поголемо, поразорувачко
Минатата недела, сеизмолозите признаа дека земјата има сеизмичка активност и земјените тресења беа очекувани и во рамките на нормалата. Тие постојано изјавуваа дека не веруваат дека може да се случи нешто поразорувачко, меѓутоа дадоа до знаење дека науката не успеала да пронајде методи за предвидување на земјотресите. Изјаснувањата на Драгана Черних-Атанасовска од Сеизмолошката опсерваторија, беа пренесени од неколку медиуми. Од оваа институција зрачеа со смиреност и не дадоа ниту еден показател дека може да се очекува некое пошокантно тресење.
Драгана Черних-Атанасовска, за „Kанал 5“, 11 септември 2016 г.
Новинар: Дали се очекуваат и други земјотреси?
Атанасовска: Тоа не може да го каже со сигурност никој. Според сите досегашни истражувања на Сеизмолошката опсерваторија, имаме историски податоци и од пред 1900 година, додека од 1957 година, кога почнала со работа сеизмолошката станица во Скопје, имаме инструментални податоци. Врз основа на овие податоци, да речеме милениумски заедно со историските земјотреси, во Скопје досега имало три катастрофални земјотреси. Сите овие се со магнитуда што надминува 6 степени. Овој беше 5,3, далеку од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Драгана Черних-Атанасовскаa, за „Aлсат M“, 14 септември 2016 г.
„Како што беше кажано неколкупати, овој земјотрес беше последица на неделниот земјотрес во 15.10 часот, што е нормално нешто за еден земјотрес со магнитуда од 5,3 степени да биде проследен од неколку земјотреси меѓу три и четири, се разбира послаби земјотреси. Меѓутоа, уште еднаш нагласувам дека секој регион со таква активност, се карактеризира со неговите сеизмолошки активности, односно времетраење на активност по претходното тресење“.
Ваквите изјави ретко се најдоа објавени во голем број од порталите. Секако, бидејќи овие медиуми беа во потрага по побомбастични вести.
Од страв, жителите на град Скопје го поминуваа денот на отворено. Повеќето од нив надвор ја поминуваа и ноќта, а имаше и многу од тие што спиеја во автомобили. Зголемувањето на овој страв, и преку медиумските содржини, нималку не ја смируваше ситуацијата. Најголемиот дел од пациентите кои во тие денови побараа медицинска помош, според лекарите, беа луѓе повредени за време на бегање, опфатени од паника,
Сега, доколку читателите се убедуваат со информации дека им се заканува голема опасност или дека градбите во Скопје се направени на таков начин што им го загрозуваат животот макар и од помалите тресења, кај нив ова би било извор на загриженост и на поголема анксиозност.
Пример за написи што ја третирале оваа тема се: Кои делови од Македонија се позагрозени од земјотресите!? и „Црниот сеизмолошки појас“ претставува голема опасност за Скопје. Овие текстови се сосема солидни за освестување на масите и за подигнување на совеста кај градежните компании и инвеститорите. Ова е еден проблем, кој граѓаните и создавачите на јавниот интерес треба упорно да го актуелизираат. Но, во една нормална состојба, во едно време без тресења, честопати се презентираат нови урбанистички планови со стари, опасни стратегии. Секако, и повторното печатење на текстот од 2010 година на „Дневник“, со актуелниот наслов „Црниот сеизмолошки појас“ претставува голема опасност за Скопје, е направен поради актуелноста.
- Сензационализам на верска основа
Верското убедување се смета за индивидуална гледна точка и не секогаш рационална, затоа не се зема како неоспорлив факт од страна на медиумите. Од овој аспект секој може да има различни толкувања. Медиумот е обврзан да ја почитува верата на граѓаните, а не да ја диригира. Неколку од медиумите што не го објавија изјаснувањето на сеизмолозите од Сеизмолошката опсерваторија во деновите на земјотресот, од друга страна, ја објавија прогнозата од неколку верски проповедници за феноменот, прикажувајќи ги еднострано, со „казнувачки“ тон кон масата, со обвиненија дека направиле гревови и слично.
Наместо сеизмолозите, за причините на земјотресот беа оставени да зборуваат верските проповедници (Паника во Скопје – Оџа Бекир Халими: Смртта не ја носи земјотресот туку одлуката на Господ!), за сомнежите дали тој ќе се повтори (Оџа Зекерија Бајрами: Земјотресите се предупредување(фото)), и за мерките на претпазливост што треба да се преземат (Практични совети од Оџа Бекир Халими по земјотресите во Скопје).
Прашан како го коментира ширењето на овие убедувања во јавноста, нивната врска со верското проповедање и ширењето на стравот, за оваа анализа, теологот Вулнет Илјази вели:
„Не е во ред да им се обратиш на луѓето, од кои 90 отсто се муслимани, дека природните катастрофи се казна за нив, кога верата јасно кажува дека Господ нема да ја уништи земјата сè додека на неа има макар и еден единствен верник. Зошто на луѓето да им претставиш еден Господ кој само казнува?! Ако овие луѓе се грешници и по нив земјата ќе биде исчистена од гревовите, овие луѓе ќе завршат во оган. А тој кој сака да ги однесе луѓето во оган е Иблис (Шејтанот), а не Господ. Според Хадитите на Мухамед а.с., тој што гори во оган и се дави во вода е маченик. Сега, овие луѓе ќе бидат маченици на една катастрофа или казнети грешници?!“
Етичкиот кодекс на новинарите не предвидува правила за вистинскиот начин на употреба на верските проповеди. Но, предвидува забрана за употреба на сензационалните содржини, во која спаѓаат и горенаведените написи.
Начинот на информирање во случаи на несреќи, катастрофи, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки треба да биде ослободен од сензацијата.
- Прекршоци при користење на снимки од сигурносните камери
Поставувањето на сигурносните камери во деловни објекти има неколку правила. Меѓу нив е и јасната цел (обично заради сигурноста на вработените и на клиентите), да им се даде до знаење дека податоците се употребуваат единствено за целите поради кои се поставени камерите.
Закон за заштита на личните податоци
Член 9-б
Контролорот може да направи преглед на вработените или некои простории со камера доколку ова е потребно за:
- Заштита на здравјето и животот на луѓето;
- Обезбедување на имотот;
- Заштита на здравјето или животот на луѓето поради природата на работата;
- Обезбедување на контрола за време на влезот и излезот на вработените или неколку простории.
Снимките не се чуваат повеќе од 30 денови и не треба да се употребуваат за други цели освен гореспоменатите. Во спротивно, користењето на податоците од снимките на сигурносните камери за цели кои се не предвидени со закон, може да се смета за прекршување на Законот за заштита на личните податоци на поединците кои се појавуваат во снимените материјали. Не беа ретки и медиумите кои објавија неколку снимки од сигурносните камери, главно внатре во нивните простории, во времето кога се случуваше главниот земјотрес од 5,3 степени. Во нив, јасно се гледаа и луѓето вработени во овие медиуми.
„Според законската регулатива на РМ, заштитата на личните податоци му се гарантира на секое физичко лице. Употребата на овие лични податоци се дозволува под услови одредени со закон. Во конкретниот случај, каде што се објавени видеоснимки, нема законска пречка само доколку се објавени со дозвола од лицата кои се појавуваат во видеоснимката и доколку содржината на видеозаписот не е противзаконска“, вели за оваа анализа правникот Абидин Трена.
Но, доколку ги гледаме записите кои се ширеле масовно во медиумите, се раѓа прашањето колку е веројатно, сопствениците на бизнисите или самите медиуми да зеле дозвола од лицата што се појавуваат таму, вработените или клиентите, за објавување на овие материјали? Меѓу највообичаените, беа снимените материјали за време на земјотресот во супермаркет, каде е фатен моментот на вознемиреност и бегање на вработените и на клиентите (погледни тука, тука и тука), но имаше и снимки на бегање на клиенти од прозорецот на еден локал во Ѓорче Петров..
Во случај на лица кои индиректно се засегнати од некоја несреќа или што немаат ништо заедничко со кривичното дело за кое се известува, објавувањето на нивните имиња и фотографии претставува фундаментално и неприфатливо прекршување.
- Суеверија
Хрониката со наслов, „Низа земјотреси во Скопје, во Црешово има повредени граѓани“, пренесена на ТВ 21, во суштина ги почитува основните норми, како користењето на неколку релевантни извори, давање на објаснување за настанот и потврда на информациите на местото на настанот или на терен. Но, има еден контроверзен дел, со кој содржината може да поттикне страв, без да има доволни фактички податоци.
„Зборувајќи за поплавите, Серафимовски рече дека околу една недела пред поплавите неговите свињи се однесувале чудно. Рече дека целиот живот се грижел за животни, но ова било првпат свињите да пуштаат чудни звуци, нешто како магариња. Кажува дека големи земјотреси тек сега ќе има.
Сигурно ќе има земјотрес. Ова се чувствува. Нека се расцепи земјата еднаш. Ова е само почетокот. Ова го знам од искуство. Земјата е како вакум, кога ќе се исуши уште повеќе опасност ќе има, додаде Серафимовски.“
Жителот не зборува во име на фактите, туку тргнува од неговата убеденост и суеверијата во кои тој верува, но кои науката не ги признава. Ова не може да биде дел од веста бидејќи не е факт. Не може да ѝ сугерираш на јавноста да верува во способностите на животните за да ги предвидат катастрофите. Освен ова, на денот на најголемиот земјотрес, многу медиуми известија за „црвената вода“ која течела некаде (како што се рече во едно село близу Скопје), и што всушност немаше ништо слично на црвена боја, туку беше само вода измешана со кал. Секако дека еден наслов што кажува за загадувањето на водата, немаше да ја поттикне љубопитноста, исто колку еден наслов што ја ближи бојата на водата со крвта, без да има една логична и аргументирана врска меѓу двете.
Како што треба да се почитува начелото дека потребата за брзина никогаш не смее да ја загрози професионалноста, вистинитоста и веродостојноста на трудот, во продолжение вреди да се почитува и начелото дека обидот за сензација (кој подразбира кликови, читаност и прегледност), не смее да ја занемари употребата на фактите и почитувањето на начелата за известување, кои не престануваат да важат и во време на катастрофи.