verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумски влијанија: Кога антиевропското победува

on 10 - 04 - 2015       
Исток или Запад - на која страна ќе ја насочиме нејзината иднина? Фото: Марјан Лазаревски, колаж: СПФМ
Исток или Запад – на која страна ќе ја насочиме нејзината иднина? Фото: Марјан Лазаревски, колаж: СПФМ

 

Ако судиме според медиумите, Европа и западниот свет во Македонија не котираат најдобро. Подолг период ретко ќе наидете на текстови и на прилози кои позитивно говорат за Западот. Но, затоа Русија и нејзината политика имаат позитивно место во јавноста

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Насловот може да збуни. Намерно не е употребен еуфемизмот „евроскептици“ затоа што во нашиот случај не се работи за некои објективни резерви кон евроинтеграциите, туку токму за негирање до отфрлање на европските и на западните вредности за сметка на другата страна. Или, поточно, постојат сосема спротивставени позиции. Проевропската подразбира имплантирање и почитување на правила, законитости, начин на општествено однесување и живот кои влечат корен од двовековната демократска борба на европските народи за слобода, правда, подобар живот… Антиевропејците, пак, застапуваат теза дека Европа, таква каква што е сега, не ѝ треба на Македонија, дека штотуку не се распаднала (а, за НАТО и да не зборуваме) и затоа Македонија треба да се ориентира кон некои други центри на моќ. Или поточно – кон Русија!

Критичкиот однос кон приближувањето и негаторскиот однос кон Европа, односно ЕУ, во некои кругови кај нас не е нова работа и не е предизвикана само со актуелните состојби во ЕУ. Тие што паметат, ќе се приспомнат дека уште на почетоците на осамостојувањето, кога ЕУ застана на страната на Грција и одолжуваше со признавањето на нашата смостојност, на ѕидовите низ Скопје се појавија графити „Европо-курво!“ Подоцна расположението кон Европа имаше падови и подеми, зависно од моментните состојби, но особено од игрите во домашната политика. Откако дојде на власт сегашнава гарнитура, расположението кон Европа се влошува, иако официјалните претставници на власта ретко се осмелуваат експлицитно да кажат нешто против ЕУ и НАТО. Освен критика на непринципиелната поддршка на Грција во спорот за името, но и тоа доста срамежливо. Но, затоа пак, нивните ударни медиумски тупаници во диригираните медиуми развија цела конзистентна стратегија во третирањето на овие теми.

 

ИСТРОШЕНА ЕВРОПА

Европа се третира како истрошена идеја и особено се истакнува финансиската криза во еврозоната, социјалните проблеми, проблемите со имигрантите, политичките несогласувања помеѓу 27-те членки. Особено привлечни се темите за тоа дека Бугарија и Романија, најсвежо примените членки, не успеваат да ги решат проблемите што ги имаат: сиромаштијата, невработеноста… и така натаму. Овие прилози не се лишени од значајна доза злорадост, сеир и предвидување на скориот (сигурен) распад на ЕУ.

Прилозите со ваквите тврдења особено се засилуваат со секое заострување на оцените од ЕУ за напредокот на нашата земја кон интеграциите. Односот кон НАТО е исто таков, со назнака за непотребноста на нашето зачленување во оваа воена алијанса затоа што тоа веќе не е безбедносна гаранција.

Овие тези имаат директна корелација со однесувањето на Владата која, иако декларативно сѐ уште се залага за евроинтеграциите, прави сѐ што е спротивно на тие заложби. На сите забелешки (за назадувањето на судството, слободата на говорот и диригираните медиуми…), власта одговара со уште поголемо влошување на состојбите во посочените области. И во однос на НАТО-интеграциите односот се покажува со намалувањето на одвојувањата наменети за одбраната. Според некои процени, доколку денес би се оценувала прилагоденоста на армијата кон НАТО-стандардите, Македонија не би можела да ги исполни.

Евроинтеграциите во активноста на Владата се сведени само на просто живуркање и покрај декларираната „постојана и интензивна активност“. Дури се случи Теута Арифи да се откаже од овој некогаш атрактивен сектор на Владата, за да стане градоначалничка на Тетово. За Фатмир Бесими, кој сега го води овој сектор, едвај нешто слушаме.

 

СВРТУВАЊЕ НА ИСТОК

Затоа, пак, за Русија, па и за Кина, се пишуваат генерално добронамерни, позитивни (пропагандистички) текстови, со постојани истакнувања дека Русија повторно станува велесила, а дека Кина, кај да е, ќе ја престигне Америка!

Во тој контекст особено е карактеристично однесувањето на провладините медиуми (што значи огромниот дел), кои играат на картата на југоносталгијата, особено со постојаното зајакнување на присуството на програми од соседна Србија. Оваа тенденција никако не е случајна зашто и во соседството се одвиваат слични процеси. Србија декларативно е за ЕУ, ама сака и посебни односи со Русија. Путин во Србија е национален јунак без мана, за него се приредуваат воени паради, а Русија е нашироко присутна на српската медиумска сцена. Од Србија во Македонија, на помош пристигна и Мирослав Лазански, одличен воено-политички коментатор, но и деклариран руски лобист. Тој би требало да го зајакне впечатокот за предностите кои, нели, можат да ги понудат словенските браќа, а се замешува и во нашите внатрешни афери, се разбира, на страна на власта.

Иако мнозинството население кај нас во анкетите (сѐ уште) се изјаснува во прилог на приклучувањето кон ЕУ и кон НАТО, оваа поддршка низ годините опаѓа. Верувам тоа допрва ќе се случува сега, кога Европа покажува мал или недоволен интерес и нерешителност во разрешувањето на политичката криза кај нас. Затоа оние катастрофични сценарија за распадот на ЕУ и за назадувањето на Европа фаќаат почва.

Притоа, јавноста е само делумно информирана. Русија и Кина се многу скромни партнери на Македонија. Од Кина само купуваме, едвај нешто да продадеме, се разбира ако не ги земеме предвид оние суспектни аранжмани со автопатиштата. Во Русија дури ни виното не можеме да го пласираме. Истовремено, ЕУ е и на долг рок ќе биде наш најголем трговски партнер. Оттаму главно доаѓаат и силно популаризираните инвестиции. Во Западна Европа во моментов работат неколку стотини илјади наши граѓани.

Декларирањето за едната или другата ориентација е работа на дострел, идентификација и на стремеж кон вредности кои се потврдени. Никако не пледираме дека се работи за совршен систем, но досега подобар не е пронајден. Залагањето за системи какви што постојат во Русија и во Кина се попрво залагања за авторитарност, центарлизирана држава, силно контролирани демократски состојби… Тоа им одговара на нашиве актуелни властодршци, а нивните апологети во медиумите ова силно го афирмираат.

Стратегиските ориентации не се нешто што се менува според тоа како ќе дувне ветрот. Нивното менување значи несериозност и раѓа сомнеж за вистинитоста на искажаните аспирации.

И нај крајот, ова што во моментов ни се случува е дел и од приказната за последиците од нашето оддалечување од европските цивилизациски вредности.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).