Медиумски хајки – Форсирање на надворешниот (а богами и на внатрешниот) непријател
Објавено во Колумни
on 25 - 05 - 2016 Автор: Александар Шољаковски
Откако почна политичката криза со „бомбите“, се засилија конструкциите за тоа дека се работи за план направен однадвор, дека во прашање се тајни служби со уште потајновити сценарија и со јасна цел – да се урнe режимот на Груевски. Сè тоа режимскиот печат мошне упорно го форсира
Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ
На почетокот беше она жолто комби и техичката помош од некои тајни служби за совршената монтажа на снимките. Тукашните беа само платеници, домашни помагачи во злосторот против државата.
Се имплицираше дека се работи за врвни тајни служби (читај ЦИА, МИ 5, МИ 6, можеби МОСАД,) како извршители, а сè оди преку Соросовите фондации, програмите на УСАИД и платеници на Западот…
Истовремено, властите се колнат дека нивната ориентација се НАТО, ЕУ, дека нивната религија се европските, западните цивилизациски демократски вредности, во достигнувањата на лидерот во афирмацијата на тие вредности, то ест САД и ЕУ- официјалните стратешки партнери на македонската држава и на Владата на Груевски.
И сега, се прашувам – истите тие во кои се колнеме, истите тие стратешки партнери во кои го гледаме спасот од мизеријата во која се препелкаме 25 години, преку своите служби, агенти, платеници, со помош на домашни предавници, ни роварат тука и ги поткопуваат темелите на државата, ни прават криза која не можеме да ја решиме!? Безмалку глупаво кога се знае дека што се однесува до САД или ЕУ, тие немаат причина тоа да го прават зашто, нели, ние сме таму ориентирани и стремиме кон нив? Зошто би нè дестабилизирале или би сакале некоја друга ситуација, кога сè им е дадено тука и ние, односно властите, само чекаме нешто од нас да побараат за да им удоволиме, да бидеме добри и да почнат да нè играат во своите тимови? Освен тоа, нели, пред пријателите, особено Американците, немаме тајни!
Тука доаѓа дилемата – зошто Американците и другите би нè „кризирале“? Можеби не се работи за нив, можеби станува збор за некои други кои сакаат да нè дестабилизираат. Можеби Русите, кои, нели, имаат вековни аспирации за излез на топлите мориња? Кое море? Ако е Егејското, таму се Грците. Или е во игра ветувањето на Љубчо за севкупна Македонија, кој уште во 1993 година вети дека наредниот конгрес на ВМРО ќе го одржи во Солун? Можеби Русите имаат потреба со своето влијание да ги претркаат Американците на оваа, нели, ептен клучна(!?) балканска точка? Можеби, но досега не е изнесено такво сомневање, дури не се ни навестени или инсинуирани некои такви моменти. Освен тоа, нели, Русите пратија телеграма со подршка на оваа власт на Груевски, така што и тоа отпаѓа. Значи, сомнителни се САД и ЕУ и нивните тајни служби и домашните предавници. Мошне е сомнителна и Германија која, еве, специјално се ангажира во нашата криза?
БРАТСКА ПОМОШ
Забележливо е дека воено-политички коментатори и аналитичари од околината им притекнаа на помош на нашиве во разјаснувањето на нашата ситуација. На режимските телевизии дефилираат аналитичари – потврдени манипуланти, теоретичари на планетарни заговори, руски шпиони, хохштаплери со звучни титули, кои треба да ги експортираат своите теории на заговор низ целиот регион. Новинарските платеници на власта се воодушевени и им ставаат на располагање простор во весниците, повеќечасовни емисии на телевизиите. Тоа, според овие добрососедски(!?) аналитичари и стручњаци за специјални војни, биле сценарија кои се подготвуваат и реализираат како во Украина, така и во Црна Гора, Босна и Херцеговина, а, богами, на ред била и Србија. И во соседството се излегува на улица, се протестира, се демомнстрира во парламентите. И сè е тоа, според соседските аналитичари – кои имаат големо, децениско искуство, уште од времето на Милошевиќ и знаат како тие заговори функционираат – дел од планот да се промени политичката состојба во регионот за да може Америка полесно да нè стави под свое! Нова дилема се јавува – што ѝ треба тоа на Америка, кога и онака веќе официјално нè ставила под свое? А ние едвај чекаме да бидеме под нив! Можеби сакаат нешто повеќе ! Можеби за да ни го земат Алшар или пиперките и бостанот?
Единствено што знам е дека сите тоталитарни режими ги граделе и ги градат своите империи и го подјармуваат народот играјќи на истата карта- дејствувањето на надворешниот, а богами и на внатрешниот непријател! Заплашувањето со нив е кренато на ниво на доктрина, систем. Во таквите режими се мобилизираат народи за да ја отфрлат таа опасност.
Се форсира надворешниот, а богами и внатрешниот непријател, зашто без него овој модел не би функционирал ефикасно, не ја бива конструкцијата. Ако го нема овој вториот, треба да се измисли.
МЕНТАЛНИ НАСЛЕДНИЦИ
Така функционирале и другарот Сталин и другарот Тито. Така успеале да владеат со децении. Сталин одвел милиони луѓе во смрт на таа финта, Тито го направил злогласниот Голи Оток. Нивните ментални наследници, сега аналитичари, порано теоретичари, ги граделе своите кариери (и богати привилегии) на форсирање на опасностите кои доаѓаат однадвор, а богами и однатре. И денес, додека трае политичката криза, секојдневно сме засипани со теоретско(!?) манипулативни текстови во режимскиот печат, кои треба да нè заплашат, да нè просветлат во опасноста, да исинуираат, да сугерираат дека треба да го браниме режимот кој нѐ краде веќе десет години. А сè во името на незавиноста, суверенитетот, интегритетот, националното достоинство и што ли не од широката лепеза злоупотребувани термини од едноумијата и од диктатурите.
Овие аналитичари и не помислуваат дека причините за однесувањето на САД или ЕУ лежат во сознанијата дека овде се инсталирал режим кој ја ништи демократијата, ги конфронтира меѓу себе своите граѓани. И дека таквиот режим е компромитација на нивните заложби. Никој не говори дека во името на државата се одвива една, за наши услови, планетарна кражба во корист на една мала група луѓе на власт. Никој не говори дека имаме партзирано судство и администрација, целосно диригиран парламент, криминалци на функција. Можеби таму би требало да ги побараат корените на евентуалното незадоволство на западните партнери?
Има една интересна константа во однос на западните вредности – кога им е од корист, се повикуваат на Западот, се крстат во него, го истакнуваат како пример. Кога не им одговара, сета вина им ја припишуваат ним! Ваквото двојство служи само за една цел – да се задржи власта. И парите, се разбира.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).