Медиумска одбрана на насилството
Објавено во Рецензии
on 21 - 09 - 2016 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Фатиме Фетаи против МПЦ: Обвинение за граѓаните кои ја бранеа црквата, заштита за платениците кои демолираа јавна сопственост]
Срамно четиво. Коментар како од најстрашните агитпропски времиња од минатиот век. Текст што манипулира повикувајќи се на верските чувства на граѓаните, притоа ставајќи се во одбрана на насилници кои, како што покажаа снимките од незаконските прислушувања, всушност биле инструирани и повикани да прават белји пред Oпштина Центар. Ова е медиумска одбрана на насилството и на партиското узурпирање на институциите на државата.
Линк до оригиналниот напис: Фатиме Фетаи против МПЦ: Обвинение за граѓаните кои ја бранеа црквата, заштита за платениците кои демолираа јавна сопственост
Датум и време на објавување: 15.09.2016, 14:57
Датум на рецензирање: 19.09.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
ПРИ ОЧИ СЛЕП И СО ПРЕВЕЗ ЗА ЈАВНОСТА
Невидена дрскост, која ако не е водена од нечија „невидлива рака“, би ја нарекле лудост. Ајде, при очи слеп да се правиш, ама и на другите превез да им ставаш! Што е многу, многу е. Да се нафатиш да браниш насилство, да мешаш „баби и жаби“ и притоа да не ја кажуваш вистината, а како капак на сè во услови на наелектризирани меѓуетнички односи да кажеш дека обвинителка – Албанка е против МПЦ, е тогаш навистина имаме класично спинување кое е и долевање масло на огнот. Но, со ред.
За вистинитоста
Граѓаните во 2013 година протестирале зашто градоначалникот на Центар ќе ја уривал црквата „Свети Елена и Константин“. Невистина.
„Немаме намера да рушиме ништо, а црквата ќе продолжи да се гради, изјави градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, по повод денешните протести и зовриената атмосфера пред објектите на општината“. (Дојче Веле, 7 јуни 2013 г.)
„Градоначалникот на Центар Жерновски денеска изјави дека никогаш немал намера да ја урива црквата, која останува во Деталниот урбанистички план“. (Канал 5, 7 јуни 2013 г.)
За спинот
„СЈО од една страна поведува обвинителен предлог за три искршени прозорци во Општина Центар на протест органзиран од МПЦ и граѓанска иницијатива со цел да се одбрани изградба на црква, од друга странa не кажува ниту збор и молчи за повеќемесечните насилни протести на таканаречената Шарена револуција“.
Некому да разјасниме. СЈО е кратеница за „Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“. Каде сега СЈО се наоѓа во делот на протестите на „Шарените“ и штетата од тие собири? Одговорот е никаде, зашто за тоа е надлежно Јавното обвинителство кое, впрочем, и отвори постапка против неколкумина демонстранти.
За коментарите
„Двојните аршини на СЈО кулминираат. Граѓаните кои протестираа против уривање на црквата се ставени на тапет за предизвикана материјална штета од стотина евра, а вандалите од платеничката револуција кои палеа, демолираа, крадеа и предизвикаа материјална штета од милиони евра се заштитени“.
Таканаречените вандали не се заштитени зашто видовме дека неколкумина веќе завршија во судница. Кој тоа решава што е мала, а што голема штета и дали толпа луѓе, наводно самоорганизирана, која урива објект на општина е мал грев? Судот или партискиот гласник?
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинари.
МИЛЕ МИ ТЕКНА
За опасните тези
„Фатиме Фетаи против МПЦ: Обвинение за граѓаните кои ја бранеа црквата, заштита за платениците кои демолираа јавна сопственост“
Работа на спомената обвинителка е да истражува сè што е произлезено од нелегалното прислушување, а меѓу тие разговори е и еден од типот „Миле ми текна“. Од каде дојде тоа дека таа е против МПЦ?! Тоа што таа врши дејства кои некому не му се допаѓаат нема врска ниту со Македонската православна црква, ниту со „Шарените“, туку со желбата да не се дојде до вистината.
Конечно, црквата сè уште е таму, си остана на местото, исто како што ќе останат забележани ваквите текстови и наредбите за три шамари, јаки.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
делумно
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални, анонимни
релевантни, нерелевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови