Медиумите за полицијата (1)
Објавено во Анализи
on 7 - 03 - 2013 Автор: Мирјана НајчевскаПишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Написите и известувањата поврзани со активностите на полицијата вообичаено предизвикуваат внимание (посебно кога станува збор за поголеми акции на полицијата, акции во кои се атакува врз организираниот криминал или пак станува збор за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата).
Овој вид стории имаат исклучително големо значење во отсликувањето на безбедносната ситуација во државата, анализата на делувањето на полицијата и контрола над државните структури кои се овластени за употреба на насилство во државата.
Кои се најчести проблеми со кои се соочуваме при известувањата за полициските акции или за случувања поврзани со полицијата.
1. Многу често наместо анализа на некој случај се пренесува изјава на функционер од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Медиумската анализа или барем медиумската вест се заменува со пренесување на полициски билтен (дури и кога е апсолутно бесмислен) а новинарите стануваат дистрибутери на полицискиот билтен.На пример под насловот „Рација на охридската полиција во Ловечки дом“ се вели:
По предходно добиена наредба од Истражен судија при ОС-Охрид, вчера полицијата извршила претрес во Ловечки дом и други простории лоцирани во атарот на с.Куратица во местото викано „Тина“, каде според сознанија на полицијата престојувало 29 годишно лице од Охрид. Како што соопшти МВР предмет на претресот бил и џип „Чироки“.
При претресот во објектот биле пронајдени најлонска паковка со непозната зелена растителна материја, моторна пила непозната марка, две пакувања со ризли и рачен часовник. При извршениот претрес во возилото биле пронајдени и пиштол кал.7,65 со празна рамка и моторна пила. Предмети со потврда за привремено одземени предмети се одземени за понатамошна постапка, соопшти МВР.
Се поставува прашањето зошто новинарот ни ги дал овие податоци и зошто новинарот не ни помислил дека јавноста треба да ја информира за тоа за кое кривично дело станува збор и зошто се гони тоа 29 годишно лице кое замислете има во свој посед часовник и моторна пила и дури две пакувања „ризли“.
Во случаи во кои е инволвирана полицијата најчесто како единствен извор на „информацијата“ се посочува лице или структура од МВР и целата „информација“ се исцрпува со официјалното известување од МВР:
- Според информациите на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВКПС)
- Од полицијата повеќе информации за акцијата најавуваат за подоцна.
- Велат од МВР
На овој начин граѓаните не добиваат целосна информација, туку само она што сака да го прати како порака МВР, а медиумите не само што не ја извршуваат својата улога на контролори на полицијата туку во буквална смисла на зборот функционираат како гласноговорници на Полицијата.
2. Примена на законот
Во информациите поврзани со дејствувањето на полицијата новинарите немаат обичај да ги консултираат законите (Закон за полиција, за внатрешни работи, за кривична постапка или Кривичниот законик), да ги стават во контекст на конкретен случај и да ги искористат за поставување прашања, односно, извлекување заклучоци.
На пример во порталот „Журнал“ под наслов „Полицаец од Велес пукал во крадци“ е дадена изјавата на портпаролката на полицијата во Велес според која:
Полицаецот е на должност 24 часа. Неговата постапка да пука е сосема исправна, ако се знае дека за ова дело тешка кражба предвидена е поголема затворска казна од четири години.
Новинарите ја зеле здраво за готово оваа изјава и не се помачиле да проверат во двата закони во кои може да има податоци за ова: Законот за полиција и Кривичниот законик. Според Законот за полиција (чл. 89):
„Полицискиот службеник е овластен да употреби огнено оружје кога на друг начин и со употреба на другите средства за присилба не може меѓу другото:
… да спречи извршување на кривично дело за кое може да се изрече казна затвор во траење најмалку од четири години. “
Според Кривичниот законик (чл. 236):
…за тешка кражба „сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години“.
Тоа значи дека не станува збор за дело за кое најниска казна е четири години. Тоа значи дека полицаецот не го употребил оружјето во согласност со законот. И тоа значи дека новинарите треба да и постават прашање на портпаролката зошто полицаецот не го почитувал законот и зошто не е поведена постапка за негово казнување.
Во овој и во многу други случаи, новинарите не се заинтересирале ни за чл. 90 од Законот за полиција според кој:
Употребата на огнено оружје не е дозволена ако се доведува во опасност животот на други лица, освен ако употребата на огненото оружје е единствено средство за одбрана од посреден напад, опасност од напад врз животот на други лица.
Во спомнатиот случај е пукано од зграда, кон улица со голема веројатност дека може да биде загрозен животот на некој случаен минувач.
Во поголем број случаи во кои надвор од работното време полицаецот употребува огнено оружје, или едноставно немарно се однесува спрема него како во случајот „На полицаец му украле пиштол и значка“ новинарите не се заинтересирале за одредбите на Правилникот за начинот на вршење на полициските работи според кој (чл. 223) оружјето се подига пред вршење на должностите и се враќа по завршување на должноста. Токму на овој начин и МВР е одговорно за тоа што се случува со употребата на оружјето кое е дадено на вработени во МВР.
Посебен проблем на полициското постапување кој останува надвор од интересот на медиумите е законската употреба на средствата за присилба. Според чл. 35 од Законот за полиција:
Примената на полициските овластувања мора да биде сразмерна на потребата заради која се преземаат.
Од полициските овластувања се применуваат само оние со кои со најмалку штетни последици и во најкраток временски период ќе се оствари целта.
Според чл. 80 од Законот за полиција лисиците се средство за присилба за чија употреба треба да бидат исполнети и определени услови. Според чл. 85 од Законот за полиција:
Средствата за врзување на лица се употребуваат заради:
1) спречување отпор на лица или одбивање напад насочен спрема полицискиот службеник;
2) спречување бегство на лица и
3) оневозможување самоповредување или повреда на други лица.
Полицискиот службеник вообичаено му ги врзува рацете на лицето зад неговиот грб.
Наспроти на ова, во медиумите постојано се појавуваат фотографии на луѓе кои се врзани со лисици, а нема никаков знак на тоа дека овие луѓе давале отпор, биле опасни по својот или животот на други или пак се спремале на бегство. И најчесто, на фотографиите може да се види дека рацете на луѓето на кои им се ставени лисици се напред, а не назад.
Вакви примери се известувањата за случаите Расколник или службеничката осомничена за примање мито или заменикот јавен обвинител осомничен за прикривање кривични дела.
Ниту еден новинар не го поставува прашањето на исполнетост на овие услови кога ги поставува фотографиите на луѓе кои се спроведуваат со лисици на рацете. Дали навистина монахињата се спрема да ги нападне полициските службеници, или пак службеничката се подготвува да се самоповреди или заменикот јавен обвинител се дал во бегство. Ниту еден новинар не покажува интерес дали во ваквите случаи станува збор за незнаење на полицајците или за насилство и понижувачки однос кон осомничените или за наредба која што е дадена од страна на раководството или пак од страна на министерката. Или, поинаку кажано, можеби новинарот сработил некоја норма за да добие плата, но сигурно не и’ дал „информација“ на јавноста.