МЕДИУМИТЕ ВО ЗАПЧАНИЦИТЕ НА ВЛАСТА: Избор написи на Љубомир Костовски во 2016 година
Објавено во Актуелности
on 30 - 12 - 2016 Автор: Administrator
Работата на ад хок телото: Предизборeн надзор на медиумите во време на поствистината (26.12.2016) – Новинарска лекција
Претворањето на одредени телевизии само во линк на една партиска предизборна програма даде контрарезултати. Не е добро да се претерува ниту во слаткарница, а ни на малиот екран. Евентуалните казни за таквите телевизии од страна на судот, а по предлог на ад хок телото за надзор, беа пресметан ризик.
Медиумските колоси на Балканот и нивните идеолошки опашки (19.09.2016) – Новинарска лекција
Телевизијата Н1 дојде како приватна компанија на поранешното југословенско тло, а „Спутник“ како државна компанија, чие седиште си остана во Москва. На првата ѝ беа потребни години за да добие дозволи за работа и постојано е на мета на власта, а втората едноставно „атерира“. Нивната позиција може да се мери врз основа на идеолошката нерамнотежа во општествата каде тие дејствуваат и таа нема врска со тоа што евроатланските ориентации се во предност кај луѓето со менувачот в рака.
Измислување крв по улици од кафуле на Ленинова (20.08.2016) – Новинарска лекција
Иако нападите врз американското посредништво во нашите избори од страна на протагонистите на владиниот интерес сега не се упатуваат директно кон Вашингтон, се засилуваат нападите врз фондациите и врз невладиниот сектор како „експоненти на ЦИА“. Дури, за да се омекне впечатокот и самите Американци, во овие написи, се бранат од Фондацијата „Отворено општество“ Македонија, на пример, како небаре таа да сака ним да им наштети. Семоќните јенкиевски институции, се чини, не можат да го видат она што е забележано овде кај нас, поточно од некое кафуле на Ленинова.
Терористите се апсат на рати и со фанфари (15.07.2016) – Колумна
Како и во август минатата година при акцијата „Ќелија“ така и сега, при нејзиниот наводен втор дел, за голем дел од бараните лица воини на ИД, полицијата на Чавков нема точни оперативни сознанија. Оттаму и сомненијата дека за неговиот тим во МВР оваа битка има само пропаганден карактер.
Недвосмислено поттикнување насилство (11.07.2016) – Рецензија
Ако објавите текст кој со насловот, коментарот во него и со додатно мислење, како наводна поддршка од јавноста, поттикнува некаква реприза на опожарувањето на Амбасадата на САД пролетта 1999 година, секако дека треба да го привлечете вниманието на органите кои се грижат за спроведување на правото и за одржување на јавниот ред и мир.
Кои се московските синкретисти и со што ќе нè подлажат (15.06.2016) – Новинарска лекција
Во земјава стандардните напади на провладините медиуми кон САД и ЕУ и кон нивната улога во нашата криза проодолжуваат со несмалено темпо, со тоа што сега се користат сè почесто како потпора руски извори и личности и тоа „виа Белград“, каде има вистински калабалак на „москвичи“. Дел од нив добро камуфлирани. Што нудат, како се поврзани…
Од шампиони по хуманост до бранители на Европа (02.06.2016) – Колумна
Пропагандното клише секогаш става акцент на она „нај“, дури и ако констатациите на стратезите за односи со јавноста како повод за китење со ловорови венци се контрадикторни. Така, едно време бевме за углед како тоа ние се справуваме со бегалците, а потоа станавме супермени во однос на тоа како ја чуваме Европа од истата таа бегалска толпа. Предводник на таа пропаганда беше претседателот на државата.
Враќање на жолтите комбиња на скопските улици (02.05.2016) – Новинарска лекција
Тезата за надворешната опасност треба да го разбуди инстинктот за спасување на земјата и да ги аболира виновниците за длабоката криза на Македонија. Се бара поддршка за длабоко омразениот шеф на државата, кој направи своја аболиција за веќе обвинетите и потенцијално посочените од СЈО. Има имиња, организации, конспиратори, ама текстот нема ништо заедничко со истражувачкото новинарство – тоа е евидентен штапски производ, кој како во некои реклами за енергетски пијалaци лесно добил крилја.
Закана за тужба без правна основа е закана за медиумските слободи! (11.02.2016) – Новинарска лекција
Секое правно лице има право да подигне тужба ако смета дека некои податоци, кои се од релевантно значаење за фирмата и за нејзиното работење, се откријат неовластено од некој медиум. Но, ако за тој чекор нема правна основа и ако тоа е толку очевидно, тогаш тоа е класична закана кон медиумите и ја загрозува слободата на изразувањето.
Авторизацијата на текстот, деавторизација на новинарот (16.01.2016) – Новинарска лекција
Интервјуто на актерот и активист Шон Пен со најпознатиот криминалец во светот, Ел Чапо, подигна многу прав. Мејнстрим медиумите му забележаа на авторот дека на „наркобосот“ му дозволил да даде авторизација на интервјуто, премолчувајќи дека тоа е речиси вообичаена практика и кај најголемите новинарски имиња.