Медиумите во РМ оставија впечаток дека „навиваат“ за отцепување на Шкотска (1)
Објавено во Анализи
on 24 - 09 - 2014 Автор: Светлана Велјановска
Впечаток е дека македонските медиуми како да сакаа овој референдум да успее и најголем дел од информациите, кои беа пренесувани и коментирани, беа токму во таа насока: што ќе се случи кога Шкотска ќе стане независна, кои негативни последици и позитивни придобивки ќе ги има нејзиното население и како понатаму оваа тенденција може (и треба) да се практикува во другите земји кои се соочуваат со идејата за отцепување на делови од нејзината територија.
Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право
Кога на изборите во мај 2011 година Шкотската национална партија (SNP) на Алекс Салмонд го освои мнозинството во шкотскиот Парламент, медиумите во нашата земја објавија дека овој харизматичен политичар ќе се обиде да ги прекине врските со Лондон. Анкетите објавени во 2013 година одеа во прилог на тезата дека интересот на Шкотите е солиден и дека околу 30 отсто од нив ја поддржуваат независноста, додека околу 50 отсто заговараат статус кво.
Имавме можност да прочитаме и дека условите за референдумот се договорени со британската влада во октомври 2012 година.
„Гласот ‘за’ гарантира иднина во која можеме да бидеме сигурни, стопроцентно сигурни, дека народот на Шкотска ќе има влада којашто сама ќе ја избира”, изјави Салмонд во говорот пред парламентот најавувајќи го датумот на референдумот –Макфакс
На овој период му претходеа кратки информации во медиумите за расположението на Шкотланѓаните и проценти на евентуална излезност и гласање за поддршката на овој тогаш сѐ уште презентиран како проект на „десната опција во земјата“:
- Шкотска најавува референдум за независност,
- Шкотите со референдум до независност,
- Кралицата Елизабета стравува од распад на Британија,
- ЛОНДОН: ЗА НЕЗАВИСНОСТ НА ШКОТСКА ТРЕБААТ ДВА РЕФЕРЕНДУМА,
- НЕ Е ВРЕМЕ ЗА НЕЗАВИСНОСТ НА ШКОТСКА
Иако периодично изостануваа информации за оваа тема, сепак, одвреме-навреме се актуелизираше ова прашање за референдумското изјаснување на Шкотска како дел на Обединетото Кралство, но најчесто контекстот на разгледување на проблематиката беше поврзуван со постојните идеи за сепаратизам на Квебек, Јужен Тирол, Фландрија, Каталонија…
Ова лето, неколку месеци пред клучниот 18 септември, кој беше определен како „Ден Д“ за опстанувањето на Шкотска во рамките на Велика Британија, медиумите во земјава почнаа интензивно да известуваат за референдумското изјаснување на Шкотланѓаните.
Се разбира, ништо невообичаено кога станува збор за прашање од важност за Британците и Европската Унија, но и за пошироката светска заедница, знаејќи дека ова референдумско изјаснување ќе повлече и други слични активности, пред сѐ, на европско тло.
Меѓутоа, впечаток е дека македонските медиуми како да сакаа овој референдум да успее и најголем дел од информациите, кои беа пренесувани и коментирани, беа токму во таа насока: што ќе се случи кога Шкотска ќе стане независна, кои негативни последици и позитивни придобивки ќе ги има нејзиното население и како понатаму оваа тенденција може (и треба) да се практикува во другите земји кои се соочуваат со идејата за отцепување на делови од нејзината територија.
Имавме можност да прочитаме дека: Добитници на „евромилиони“ донираа три милиони фунти за „независна Шкотска“, па за тоа дека Обединетото Кралство треба да го смени своето име кога Шкотска нема да биде дел од него: Какво име аа Обединетото Кралство дез Шкотска?, дека Шкотска брои ситно до независност, за Сонот на Шкотска каде е цитиран престижниот Гардијан кој ќе оцени дека „она што се чинеше дека е незамисливо, веќе се случува со изненадувачки високиот процент на граѓани кои се изјасниле „за“ независна Шкотска, со што многу е реално ден по плебисцитарното изјаснување, Обединетото Кралство да замине „во историските читанки“. “
Се појде во крајност од типот на тоа што ќе се случи по осамостојувањето на Шкотска: дали таа ќе стане дел од Европската унија по некоја специјална постапка која не може да важи за земјите претендентки за ЕУ семејството, бидејќи може да се смета дека станува збор за постоечки дел на Унијата. Претпоставките појдоа дури дотаму што новиот Комесар за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Кан, мораше да биде циничен и на прашањето што ќе се случи кога Шкотска ќе се стекне со независност да изјави дека е најдобро:
„Да се остават работите да се случуваат. Можеби по викендот тоа ќе биде лански снег, изјави тој, додавајќи дека во политиката не треба премногу да се шпекулира“.
По сѐ изгледа дека беше во право.
Зошто впечатокот дека медиумите сметаа оти позитивното изјаснување на референдумот е завршена работа?
Неколку работи нѐ наведуваат да мислиме дека интенцијата беше насочена во тој правец:
1. Постојаното известување дека расположението на Шкотланѓаните да гласаат „за отцепување“ секојдневно расте. Процентите се зголемуваа од првичните 30%-33%, колку што беа во 2011 на терминот „мнозинство“, што подразбира дека станува збор за повеќе од половина од популацијата на овој дел на Велика Британија.
2. Споредба со Баскија, Каталонија, Корзика, па дури и Венеција од каде се пренесуваа изјави од типот:
„Шкотланѓаните нѐ прават да им завидуваме“, изјави 32-годишниот архитект Џозеф Марија Гуел, претставник на Националното собрание на Каталонија, водечка група за независност на регионот. „Случајот на Шкотска покажува дека со дијалог и политичка волја на Мадрид тоа можеме да го решиме демократски“. Утрински весник
или
„Повеќе сепаратистички региони го чекаа гласањето во Шкотска во надеж дека нивното “да” ќе им ги отвори вратите за да тргнат по истиот пат. Делегации од Каталонија, Баскија, Бретања и Корзика биле испратени во Шкотска за да го набљудуваат гласањето и да им дадат поддршка на приврзаниците на независноста. Во Европа има десетици партии кои се надеваат дека нивните региони ќе станат еден ден независни. Како Фландрија во Белгија, Баварија во Германија, Каталонија и Баскија во Шпанија, во Франција тоа се партии во Корзика и Бретања или Паданија во Италија. НоваТВ
Посебно е интересно интернет референдумското изјаснување на жителите на Венеција, кои го сметаат како појдовна точка за „вистинско“ референдумско изјаснување.Причините зошто сакаат да се одделат од матичната земја се дадени на страната на MKNews
Резултатите од овој интернет референдум нема да имаат никакви правни ниту политички последици, но ќе послужат како повик за референдум за независност на Венето. Претседателот на овој италијански регион, Лука Заиа, оценил дека Рим „од секогаш мислел дека е на чело на царството и Венето го смета за периферија од тоа царство.” “Имаме чувство дека сме добри само за плаќање на данок”, изјавил Заиа, гувернер на покраината која годишно на Рим му плаќа 71 милијарда евра данок, 21 милијарда повеќе од тоа што го добива. “85.000 жители на Венето се во криза и без работа и желбата за одвојување е сѐ посилна. Револуции се раѓаат поради глад, а ние сме гладни. Венеција сега може да побегне”, завршил Лука Заиа.
3. Не ретко во комбинаториките и објаснувањата за независноста на Шкотска се ставаше примерот на Крим, како последен успешен случај на осамостојување на територија на една држава (Украина) и нејзино приклучување кон друга (Русија).
4. Некои медиуми излегуваа со податоци што губи Шкотска со својата „вклученост“ во Велика Британија. Притоа, спомнувањето на фунтата и понатаму како официјална валута во Шкотска не е проблем за половина од нејзиното население, но проблем се јавува во начинот на избор на пратеници и нивните ингеренции, па, така, се наведува дека:
„Британските пратеници од шкотските изборни единици не би требало да гласаат за законите кои се однесуваат за Англија и за Велс, како и за оние области кои веќе се префрлени во надлежност на парламентот во Единбург или се најавува дека ќе бидат предадени, како фискалната политика и социјалните бенифиции“ –Утрински весник.
(вториот и последен дел од анализата утре)