verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите не може да ја штитат демократијата доколку не го знаат правото

on 4 - 08 - 2015       
Статуа на Јустиција на зградата на Централниот кривичен суд за Англија и Велс во Лондон. "Statue Of 'Justice' Old Bailey" by Lonpicman - Own work. Licensed under CC BY-SA 3.0 via Wikimedia Commons.

Статуа на Јустиција на зградата на „Олд Бејли“ – Централниот кривичен суд за Англија и за Велс во Лондон.  Фото: Lonpicman (CC BY-SA 3.0 преку Wikimedia Commons).

 

Практиката на лежерно употребување на правната терминологија кое води кон грубо дезинформирање на граѓаните и ја дезавуира контролата која медиумите би требало да ја вршат врз структурите на власта е видливо во многу медиумски известувања.

 

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Клучен механизам за заштита на човековите права претставува правото. Заедно со демократските процедури, тоа е основа на современата демократска држава. Формата (процедурите, правилата, критериумите) претставува битен елемент на демократската држава. Формата обезбедува учество на граѓаните во процесите на одлучување, таа обезбедува ограничување на самоволието на власта и претставува бариера на моќта.

Секое прекршување на правото и на формата од државата треба да претставува црвено светло за медиумите, сигнал дека нешто не е во ред (суштински и системски).

Пренебрегнувањето на формата од државата (владејачката структура) треба да биде адресирано и во никој случај не треба да биде ширено.

За таа цел, новинарите мора да се запознаат со правото, со законите, со структурата на институциите и со нивните надлежности.

На пример:

Секој од овие наслови/написи, претставува не само грубо дезинформирање на граѓаните, туку и дезавуирање на уставно воспоставениот систем на власт.

Според Уставот и законите на Република Македонија, Собранието на Република Македонија е единствениот орган кој носи закони, кој ги менува и кој дава автентично толкување за членовите од законите. Владата на Република Македонија предлага закони, бара автентично толкување и тн.

Навидум станува збор за минорна грешка, меѓутоа, фактички ова е одраз на суштински проблем кој опстојува во Македонија со години и кој ја прави државата недемократска.

Станува збор за суверенитетот, кој граѓаните го делегираат на пратениците како нивни претставници, а не врз Владата и врз министрите. Станува збор за правото за партиципација на граѓаните во процесите на одлучување (што граѓаните го остваруваат преку своите избрани претставници). Станува збор за поделбата на власта како суштински елемент на уставно поставениот систем.

Во многу мал број медиуми и на многу проблематичен начин се воведува и Собранието како чинител во процесот на одлучување.

На пример:

Се стекнува впечаток дека медиумите едноставно ја прифаќаат фактичката ситуација во која Собранието претставува само релеј во донесувањето на законите, без да го постават ова како проблем на практикувањето на демократијата во Република Македонија.

Практиката на лежерно употребување на правната терминологија кое води кон грубо дезинформирање на граѓаните и ја дезавуира контролата која медиумите би требале да ја вршат врз структурите на власта е видливо во многу медиумски известувања.

На пример:

Според законски и деловнички одредената законодавна постапка:

„По итна постапка може да се донесе закон кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и на одбраната на Републиката или во случаи на поголеми природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни потреби.

Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога: не е во прашање сложен и обемен закон, престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.“

Од правен аспект има огромна разлика меѓу донесувањето еден закон по скратена, односно по итна постапка. Зад терминолошката конфузија која се создава со несоодветната употреба на овие термини, често се крие и фактичка конфузија или, дури и свесно прекршување на правото од владејачките структури (што најчесто останува целосно незабележано).

Не ретко властодржецот калкулира со незнаењето на медиумите и ги злоупотребува за ширење дезинформации.

На пример, во неколку медиуми беше дистрибуирана информација дека Пешевски како функционер има имунитет заради што полицијата не може соодветно да постапува во конкретен случај на насилство во кој е инволвиран.

Овие тврдења многу лесно можат да бидат проверени од медиумите. Според член 14 од Законот за Влада (променет во 2006 година):

„Претседателот на Владата ужива имунитет, како и пратениците во Собранието на Република Македонија. За неговиот имунитет одлучува Собранието.“

Особено проблематично е кога незнаењето на правото го става медиумот во улога на прекршител на основните права и слободи на човекот. Најлесно прекршувано право е правото на презумција на невиност. Сè до донесувањето на правосилна судска пресуда, не можеме никого да го идентификуваме како сторител за конкретно кривично дело, туку, како осомничен.

На пример:

Во многу помал број медиуми се појавија и поинакви наслови:

Судот е тој кој ги расчистува случаите, кој утврдува вина за одредено прекршување на законот и кој го санкционира виновникот. Што ако утре се докаже нешто друго? Со кое лице медиумите тогаш ќе се повикаат на презумцијата на невиност, прекршувањето на правото и на редица други правни неправди? Редовната флоскула „ние само пренесуваме“ може да се прифати само како несоодветно алиби.

Наместо известување на начин кој претставува очигледно кршење на основните човекови права, ваквите случаи треба особено да ги заинтригираат медиумите, поради низата контрадикторности во изјавите дадени од МВР, поради спецификата на контекстот во кој се изведени и искуствата со ваков вид кривични дела.

Познавањето на материјата за која се пишува претставува неопходен услов на соодветното информирање. Познавањето на правото е неопходно не само за соодветното медиумско информирање, туку и за заштита на правата и на слободите на човекот, за остварување на контролната функција која медиумите треба да ја имаат во однос на власта и, пред сè, за клучната улога која медиумите ја имаат во развојот на демократското општество.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).