Медиумите и спомениците на културата со политички припејд
Објавено во Анализи
on 12 - 05 - 2016 Автор: Зоран Бојаровски
Шарениот народ на улиците во Македонија, не „шмрка“ гипс-картон
Пишува: Зоран Бојаровски
Кога беше најавен грандиозниот проект „Скопје 2014“, малкумина претпоставија дека оваа идеја ќе добие особини на идентитетски инжинеринг и на културен геноцид.
Во политички контекст, промоцијата и почетокот на проектот „Скопје 2014“ се совпаѓа со серијата разочарувања од НАТО и од Европската Унија, кои упатуваа на неодредено одложување на влезот во двете организации како резултат на проблемот за името помеѓу Грција и Македонија, и покрај тоа што земјата е кандидат за членка на ЕУ уште од 2005 година. Националната фрустрација, силно поттурната и оркестрирана од властите преку медиумските мегафони, се засили по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Кулминацијата на кампањата на овој политички и идентитетски инжинеринг се постигна на 8 септември 2011 година, за време на прославата на 20-годишнината од независноста на земјата, кога „Воинот на коњ“, односно споменикот на Александар Македонски, беше „пуштен во употреба“.
ЦЕЛТА Е ДА СЕ ТРОШАТ ПАРИ
Овој политички утилитарен проект наиде на силен отпор меѓу архитектите, урбанистите, уметниците, како и кај граѓаните во еден поголем дел. Експертите консултирани во истражувањето „Проектот ’Скопје 2014’ и неговите ефекти врз перцепцијата на граѓаните на Скопје за македонскиот идентитет“, на Институтот за општествени и хуманистички науки (ИОХН) во 2013 година, изразија негативен став за проектот, а еден од нив дури и го дефинираше како „одмазда на провинцијата“. Според ова истражување, проектот нема никаква естетска вредност ниту, пак, политички ефекти. Според нив, целта е да се потрошат пари.
И навистина! Според базата податоци што ја подготви новинарската екипа од проектот за истражувачко новинарство „Призма“, од најавената проценка дека проектот ќе ги чини македонските граѓани 80 милони евра, „Скопје 2014“ од џебовите на граѓаните извлече 560 милиони евра. Досега!
Академската заедница, опфатена во истражувањето на ИОХН, укажа на тоа дека брзото градење објекти и скулптури е одраз на тоталитарен приод. Сите експерти делат еден став: „Доколку целта на „Скопје 2014“ е да се изгради или зајакне македонскиот идентитет, тогаш тоа се прави на целосно погрешен начин, повредувајќи го постојното чувство на идентитет или создавајќи поголема конфузија.“
Истражувањето покажа недвосмислена разлика меѓу перцепцијата на обичниот народ за „вистинскиот македонски идентитет“ и таа што ја промовира државата.
Таа недвосмислена разлика меѓу вредностите што ги промовира „Скопје 2014“ и вредностите што ги застапува граѓанството, кое веќе четири недели гласно и многу видливо го изразува своето незадоволство од политичката номенклатура, која покрај идентитетскиот инжинеринг што се обиде да го спроведе со овој проект, на својата сметка го носи и бремето на сериозна политичка корупција, измами и политичко и физичко насилство.
Вредносниот амбис меѓу бројните граѓани обединети во движењето „Протестирам“ и актуелната владејачка гарнитура олицетворена во коалицијата ДПМНЕ – ДУИ, овие денови доаѓа до најсликовит израз.
И, најколоритен!
„Фул колор“ тактиката на одредот за герила-акции на движењето „Протестирам“ одлучи да ги маркира сите побитни објекти на „Скопје 2014“ и да ги означи како симболи на општата криминализација и девијација на комплетниот хуманистички вредносен систем, иницирани од владејачката групација која имплантираше гипс-картон, новокомпониран, турбофолк „културен“ модел изнедрен од најнеталентираните, партиски инфузирани, дувла на кичот.
ИДОЛАТРИЈАТА НА ГИПС-КАРТОНОТ
Но, бидејќи шаренувањето на новокомпнираните идентитетски гипс-картон кодови боли, издадена е наредба за одбрана во последните денови. Да се одбранат новокомпонираните културно-историски споменици. Новите идоли.
„Ваквиот одраз на примитивизам, немањето основно чувство за сопствената култура и држава и почит кон културно-историските споменици, мора да бидат предмет на осуда на сите граѓани, реагираа од Министерството за култура.“ (Не вандализирајте ги спомениците)
Ова беше сигнал за нова офанзива на медиумските поддржувачи на власта, со што почна новата канонада со старо-нова муниција, со која на хулиганите и на платениците сега им надодадоа дека се одмораат во Грција, а не ги сквернават тамошните културно-историски споменици (Хулиганите одмараат од протести во Скопје, но го сквернавеа Охрид- дали вандализираа и во Грција?). Не е пропуштено да бидат оценети како „тепачи и фарбачи“ (Хипокризија на фарбачите: Кога сквернаваат, уништуваат и тепаат полиција се револуционери, а кога ќе им се спротивстават тогаш се жртви).
Врвот на спинот е рефренот на хорското медиумско завивање протестите да се изедначат со насилство кон културното наследство (Министерство за култура: Дали насилниот однос кон културните институции и кон културното наследство е алтернативата што ја нудат „Протестирам” и СДСМ?) и подметнувањето на „кукавичкото јајце“ дека триумфалната порта е споменик на културното наследство (Порта Македонија е симбол на историските борби и победи на Македонија и македонскиот народ!)
Ова „врвно“ правно-политичко подметнување е дури и легално покриено. Замислете, „портата стекнала формален статус на културно наследство, бидејќи била деташиран дел од Музејот на ВМРО, кој, пак, е прогласен за културно наследство врз основа на тоа што во него имало врвни уметнички дела“.
Се разбира, шарениот народ на улиците во Македонија, не „шмрка“ гипс-картон и веднаш реагираше.
„Малку е смешно, а многу лицемерно што токму шарањето по Триумфалната порта ги разбранува страстите и го разбуди револтот на наводните душегрижници за културно-историското наследство и жестоките противници на модерното „хулиганство“. Тоа што демократските вредности и слободи се ничкосани и со години се платно за карикатурална експресија на власта не го распламти нивниот порив за заштита на државноста. Ама портата вреди шест милиони евра, а демократијата и слободата, очигледно ни пет пари.“ (Ве заболе вас за портата).
ЅИДОВИ ВО ГЛАВИТЕ
Сценографските кулиси како спектакл, површноста како алтернатива на промислувањето, одамна се прочитани, а прочитана и разобличена е целата постапка за прогласување на портата за споменик на културата. Прогласувањето на Порта „Македонија“ за културно наследство минатата година наиде на критики од стручната јавност.
Професорката д-р Донка Барџиева-Трајковска смета дека во случајот со Порта „Македонија“ е направена злоупотреба на член од Законот за заштита на културно наследство во кој стои дека екс-леге се прогласуваат за културно наследство и зградите во кои се чуваат вредни збирки.
„На предлог на Конзерваторскиот центар Скопје како културно наследство се прогласени Музејот на Македонија, старата зграда на Архивот на РМ (сега новата барокна), зградата на Новиот археолошки музеј, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Музејот на ВМРО и Порта „Македонија“, која, замислете, била составен дел на овој „Музеј“, кој и самиот е спорен затоа што во него има повеќе восочни фигури отколку оригинали! Оваа порта нема никаква вредност, туку е само сведоштво на коруптивните активности на ’мафиократијата’“ – вели Барџиева. (Порта Македонија „шверцувана“ како културно историско наследство?)
Една перспектива на овој судир на вредности неодамна му даде веб-страницата посветена на градовите на иднината CityLab. Авторот на текстот со наслов „How Paint Became a Weapon in Macedonia’s ‘Colorful Revolution’“, напиша:
„Не е чудно што на спомениците (Скопје 2014, н.з.) се гледа како на симболи на владината грандиозна илузија и на репресијата на мермерот и на масонските сцени и на кои сега народот ја испишува својата фрустрација со шаренило од бои. Ова не е само уште еден начин на изразување на гневот на ѕидовите во Скопје. Во овој град, ѕидовите се сами по себе проблем.“
На патот кон слободата…
ИЗВОРИ:
- Хулиганите одмараат од протести во Скопје, но го сквернавеа Охрид- дали вандализираа и во Грција?
- Платениците на Сoрос еднаш револуционери, а секогаш жртви
- Хипокризија на фарбачите: Кога сквернаваат, уништуваат и тепаат полиција се револуционери, а кога ќе им се спротивстават тогаш се жртви
- МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА: Не вандализирајте ги спомениците
- Порта Македонија е симбол на историските борби и победи на Македонија и македонскиот народ!
- Порта Македонија „шверцувана“ како културно историско наследство?
- How Paint Became a Weapon in Macedonia’s ‘Colorful Revolution’