verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите и „невидливото“ јавно-приватно партнерство во Македонија

on 30 - 05 - 2016       
Марина беј (Сингапур), Титаник музеј (Белфаст). Метеоролошки центар (Мериленд, САД) и најпознатата плажа на светот Копакабана (Рио де Женеиро, САД) - сите се ресултат на јавно-приватно партнерство. Фото: flickr
Марина беј (Сингапур), Титаник музеј (Белфаст), Метеоролошки центар (Мериленд, САД) и најпознатата плажа на светот Копакабана (Рио де Женеиро, САД) – сите се целосно или делумно резултат на јавно-приватно партнерство. Фото: flickr

 

 

Новинарите повеќе не се само собирачи на вести, туку од нив се очекува да истражуваат, да бидат критични кон светот во кој живеат, но и проактивни – да ја придвижуваат јавната дебата за теми од општ интерес, т.е. да бидат и чувари на демократските вредности, но и будното око на јавноста, како и да бидат „свиркачи“, но и поставувачи на агенди, а сето заедно известувајќи за она што се случува објективно и независно.

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Претходното особено доаѓа до израз кога медиумите (треба да) известуваат за реалноста во која живееме, т.е. за политичкиот живот, социо-економскиот развој, културното милје, образовните калапи на воспитување и на образование…, а истото споредено со она што се случува надвор од реалноста на микрокосмосот во кој живееме во однос на макрокосмосот каде припаѓаме заедно со другите. Во такви услови, социо-економската слика е секогаш прва слика, но и двигател во заедничкиот живот. На истата најмногу ѝ се посветува внимание, особено медиумски, затоа што од неа зависи кондицијата и (пре)оптовареноста во општественото живеење, но истата и ве репрезентира како (не)солидна земја со која треба да се работи однадвор. Во вакви услови, заради надворешна допадливост и/или домашна шминка, земјата непотребно се задолжува со кредити со високи камати, а може да го примени моделот кој може да обезбеди многу порационален и поедноставен начин на реализација на големите инфраструктурни проекти: јавно-приватното партнерство.

Се наметнува прашањето за улогата на медиумите од промовирање на овој модел на јавно-приватно партнерство во заедничкото живеење, но и во креирањето на слика за надвор. Ова поради сè поочигледниот факт дека медиумите и новинарството станаа главен мотор на обликувањето и преобликувањето на светот, животот, во согласност со моќта што ја стекнаа, еден многу важен фактор во насочувањето, па и во креирањето на општествените процеси, а не повеќе како спореден општествен феномен, ниту како обичен содружник во општествените случувања. Во оваа насока, кога говориме за медиумските напори околу промоцијата на „видливоста“ на овој модел во рамките на едно општество кое тендира демократски да се развие, разбираме дека истите се повеќе од нужни, а прашањето за нивната улога и значење повеќе од легитимни: и како сведоци, но и како иницијатори за промовирање и за развивање на јавно-приватното партнерство (согласно Законот за концесии и јавно приватно партнерство донесен на почетокот на 2012 година и кој досега имаше една измена и четири дополнувања), а кое се смета за клучен инструмент за реализација на приоритетните инфраструктурни проекти.

Како што наведува Лилјана Јоноски во својата стручна статија „Моделот на јавно-приватно партнерство реално остварлив и применлив“ ,се работи за: „идеја, всушност, стара колку и стариот Рим, а која целосно се разви во капиталистичките пазарни економии (…) Финансиски и стратегиски најзначајни проекти реализирани преку ЈПП (концесија) се тунелот под каналот Ла Манш, Суецкиот Канал, Панамскиот Канал, мрежата на автопатишта низ Шпанија итн. “. Имено, она што е битно е дека, како што наведува таа, што со истиот модел: „ (…) се надминува проблемот на недоволни буџетски средства за реализација на крупни проекти; настојувањето да се оствари поголема корист врз основа на користење на знаењето (know-how) и методите на работа на приватниот сектор; и промената на улогата на јавниот сектор од директен учесник во субјект кој се јавува во улога на организатор, контролор и регулатор. Со тоа бенефитот е повеќе од очигледен и јасен.

Оттука, каква е ситуацијата со медиумската ангажираност во промоцијата на истиот кај нас? Ова оттаму што малку се едуцира, информира иако се работи за јавниот интерес кој е земен како централен предуслов во склучувањето на јавно-приватното партнерство. За ова говори и податокот до кој ќе дојдете со просто пребарување на вести на генераторот time.mk ако впишете „јавно-приватно партнерство“. Имено, во морето написи во последните три месеци поврзани со зборот „приватно“, голем број од нив се со политичка конотација, т.е. од вкупно 311, ќе се сретнете само со 15-тина наслови. Поразително зарем не? Податок кој едновремено говори не само дека медиумите не известуваат, туку и дека реално таквите партнерства, а кои беа самопоставена должност на власта, сепак изостануваат во пракса. А, за тоа како се пишуваат истите е друга приказна која отвора нова димензија во сферата на социјалното живеење. Но, нејсе, еве за што најчесто се известува, написи поделени во неколку категории заради подобра прегледност во анализава:

 

 

  • промена на идеите, односно од распишување на повик за пронаоѓање на субјект што ќе изготви физибилити студија за утврдување на оправданоста за склучување на јавно-приватно партнерство за изградба на спортската арена во Битола, па се до промена на истата одлука, т.е. со средства од локалниот буџет да се догради фудбалскиот стадион под „Тумбе кафе“ без образложение зошто истото се прави. Тука се секако и условувањата како главен кочничар во реализацијата на овие партнерства – „државата ќе го изгради пристапниот пат во индустриската зона во Тетово, откако приватниот партнер, компанијата „Нормак Инвестмент Груп“ ќе ги исполни условите од Договорот за јавно-приватно партнерство“, но и такви дека државата се откажа од идејата за склучување на јавно-приватно партнерство при изградбата на нов објект на Драмски театар, како и написот според кој македонската влада повторно се премисли – наместо самата да управува со проектот „Македонско село“ во Горно Нерези, повторно е распишан повик за воспоставување на јавно-приватно партнерство за стопанисување и управување со етно селото. Неодминливи се секогаш и жестоките расправи меѓу власта и опозицијата, како, на пример, за презентирањето на физибилити студијата за јавно-приватно партнерство за изградба на мала марина со ресторан на старото пристаниште во Охрид.

 

На крај, само мало потсетување повторно од стручната статија на Лилјана Јоноски: „концесиите не се ниту едноставен, ниту лесен и неризичен начин на реализација на инвестиционите проекти (…) Иако теоретски ова е сосема добро поставено, во практиката на земјите во развој, пред сè, овие ЈПП се остваруваат многу тешко и мошне ретко ги даваат очекуваните ефекти“. Тогаш сосема оправдано медиумите би го поставиле прашањето: Ако ова на хартија звучи, изгледа добро, а во практика е поразително, тогаш зошто да губиме време со истото? Знаејќи дека јавно-приватното партнерство е само вид на здружување кој е слика, одраз на политиката на јавната власт, односно на реформите што власта има намера да ги спроведе за да обезбеди што подобри јавни услуги, посуштинско е прашањето што власта има намера и прави за јавните услуги да бидат подобри, а населението позадоволно. Ќе ги казни или награди народот истите на следните избори!? Иронично, зарем не!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).