verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиуми – „слуги“ на партиите

on 23 - 03 - 2016       
Основната задача на новинарите е да ја почитуваат вистината , Фото: Скриншот
Основната задача на новинарите е да ја почитуваат вистината, Фото: Скриншот

Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите (Кодекс на новинарите)

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Основната задача на медиумите е да бидат чувари на јавниот интерес, да ги штитат и да ги унапредуваат интересите на граѓаните, како и да бараат одговорност од носителите на јавни функции и од политичарите. Медиумите, по правило и по дефиниција, треба да известуваат за она што е интерес за граѓаните, како, на пример, каде се трошат нивните пари, дали институциите и функционерите вршат злоупотреби и слично. Особено важни и значајни сфери за јавниот интерес се демократијата и доброто владеење, човековите права и слободи, националната безбедност, здравството, образованието, културата и други општествени теми.

Она, пак, што е пропишано во Кодексот за новинари, кој треба да биде основно четиво за секој што се занимава со новинарство, е дека основната задача на новинарите е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.

Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите. Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и на ставовите, ќе придонесуваат за зајакнување на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.

 

КОЛКУ ТЕЛЕВИЗИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ЧУВАРИ НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС?

Колку телевизиите во Македонија се чувари на јавниот интерес? Доколку ја земеме предвид актуелната состојба, тогаш одоговорот на ова прашање е: Медиумите (за жал во голем број), сè повеќе им служат на интересите на политичарите, отколку на граѓаните.

Во Македонија се намножија медиуми – слуги на партиите, кои наместо да информираат за проблемите на граѓаните, ги промовираат интересите на партиите и ги рекламираат политичарите. Така, вестите на телевизиите се претвораат во платено-политичка програма, наместо информативен дневник. Ова особено важи за провладините телевизии.

„Медиумите, а особено телевизиите во последниве години заборавија на граѓаните, на своите гледачи. Заборавија на граѓанските проблеми, а се насочија кон правење вести за политичарите. Кога ќе пуштиш вести на „Сител“ или на „Канал 5“, тоа е како да си вклучил партиски ТВ-билтен. Тоа е така затоа што нема плурализам во медиумките. Вестите се уредуваат од еден центар, со точно определени секунди и минути, со точно определени тонски парчиња, дури и со точни најави на презентерите“, вели Младен Чадиковски, уредник во неделникот „Фокус“.

Она што е особена реткост во медиумите во последните години е на телевизиите, на пример, да погледнеме и да слушнеме за некој реален проблем на граѓаните, да се слушне за маката на граѓаните, да се открие и да се слушне за некој корупциски скандал? Партиите се тие кои ќе обвинат за нелегално работење на својот политички опонент, а медиумите само ќе пренесат. И сè останува на тоа. Новинарите не истражуваат понатаму, така што целата работа се заборава.

Според Чадиковски, македонската јавност не може на домашните телевизии да види прилози кои третираат реални животни проблеми. Има исклучоци, но се ретки, посочува тој, и колку што е вината во партиската узурпација на медиумскиот простор, толку постојат и објективни слабости во дел од сопствеништвото на актуелните телевизии и други медиуми.

„Кога последен пат сте виделе да се емитуваат вести од некоја шупа од македонско село во Прилепско, каде луѓето едвај преживуваат? Кога последен пат сте гледале вести од среде кооперација во Липково каде се собрале селаните и се мислат кој пат да го фатат, за Германија или за Белгија? Кога последен пат сте гледале вести каде татко го оковал својот син кој има ментални проблеми, за да може да го остави сам дури оди на работа за да може да го прехрани? Кога последен пат сте ја виделе иронијата на македонското здравство, каде црви јадат живи луѓе? Сето тоа го имаше на ’А1’“ – дециден е Чадиковски.

 

ШТО ОТКРИВА ИЗВЕШТАЈОТ НА НВО ИНФОРЦЕНТАРОТ?

Анализата на НВО Инфоцентарот, за „Слободата на изразување и на здружување во медиумите во 2015 година“, објавена минатата недела, покажува дека при известувањето за граѓански активности, медиумите наклонети на власта речиси и да не известуваат за нив.

„Додека критичките медиуми редовно информираат за актуелните настани и процеси поврзани со слободата на медиумите и со слободата на изразување, провладините медиуми речиси комплетно ги игнорираат овие настани и процеси и се обидуваат да создадат слика за тоа дека во Македонија нема никакви нарушувања во оваа област. Тие многу ретко објавуваат вести и извештаи за активностите на граѓанските организации и иницијативи. Исклучок се активностите на организациите и иницијативите кои директно ја поддржуваат власта.“

Таков беше примерот со студентските протести во 2014 година против екстерното тестирање. На телевизиите што ја поддржуваат власта можеа да се прочитаат наслови од типот дека протестите ги организира СДСМ и дека се политички мотивирани. Така, на пример, на „Алфа“, имаше прилог дека СДСМ е длабоко инфилтрирана во студенстките протести, како одговор на прашањето: Кој ги уништува и партизира граѓанските движења во Македонија? „Канал 5“, за истиот настан, излезе со прилог цитирајќи го провладиниот портал „Курир“, дека Студентски пленум не постои, студенстки пленум е СДММ.

 

ТЕЛЕВИЗИИТЕ СЕ ПРЕТВОРЕНИ ВО СЛУГИ НА ВЛАСТА

Медиумите во Македонија, особено телевизиите, ја изгубија улогата на вистински креатори на јавното мислење, критичари на власта и на чувари на јавниот интерес во нашето општество и тоа се должи на длабокиот клиентелизам меѓу медиумските сопственици и центрите на моќ, особено на политичките партии.

Професорката Жанета Трајкоска од Високата школа за медиуми и Институтот за комуникациски студии, посочува дека медиумската реалност е извитоперена од личните интереси на медиумските сопственици, од поврзаноста на уредниците со политичките водства, од директните релации меѓу некои новинари и центри на моќ.

„Наместо да гледаме вести, ние гледаме ЕПП за тие што даваат пари на медиумите, без оглед дали се тоа партии или компании. Приватните телевизии се обидуваат да го оправдаат тоа со правење профит оти се приватна компанија, заборавајќи на улогата што ја имаат и целта за која се основани и за која имаат добиено дозвола. И затоа, на најголем дел од националните телевизии имате вести кои промовираат владини политики, кои бранат туѓи ставови и кои се обидуваат да ја убедат сопствената публика дека тој што им дава пари е во право“, посочува Трајкоска.

Таа е децидна дека сè додека овие врски не се прекинат, нема да имаме вистински вести ниту, пак, јавниот интерес ќе биде во центарот на работењето на медиумите, туку ќе слушаме пропагандни пораки и медиумска манипулација.

Професорот Сефер Тахири од Институтот за комуникациски студии вели дека медиумите се претворени во слуги на власта и дека штом тие не се слуги на јавноста и на јавниот интерес, не можеме да очекуваме да третираат теми и прашања и да известуваат за настани кои се јавен интерес.

„Практично, тоа значи дека во медиумските соджини, вести и други жанрови, гледаме само политичари, а граѓаните се присутни инцидентно во некоја анкета. Интеркативноста со публика е само технолошка можност, која не се искористува од медиумите, токму поради фактот што власта и политиката се обидуваат да ги диригираат не само информациите, туку и целата медиумска продукција“, изјави Тахири.

Соочени со фактот дека постои манипулација на медиумите од центрите на економска и на политичка моќ, пад на новинарските стандарди, невозможно е да се зборува за уредувачка и за новинарска автономија, а како логична последица на сето ова, имаме зголемена недоверба во медиумите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).