Манипулација со соопштението на Могерини и на Хан
Објавено во Рецензии
on 20 - 12 - 2016 Автор: Владимир Мирчески[Рецензија: Могерини и Хан честитаа на победниците ВМРО-ДПМНЕ]
Спинерско-навивачки текст што треба да предизвика ефект на триумфализам кај публиката зашто владејачката партија победила, иако во моментот кога е пишуван и објавен написот, тоа не беше фактичката ситуација. Злоупотребена е писмената изјава на европскиот двоец Могерини-Хан и извртена нејзината суштина преку пласирањето бомбастичен наслов „Могерини и Хан честитаа на победниците ВМРО-ДПМНЕ“.
Линк до оригиналниот напис: Могерини и Хан честитаа на победниците ВМРО-ДПМНЕ
Датум и време на објавување: 12.12. 2016 23:32
Датум на рецензирање: 17.12.2016
Рецензент: Владимир Мирчески
„ЛАЖГИ СО ОПАШКИ“
Тешка невистина или, народски кажано, „лажги со опашки“ за партиски потреби. Спинот е сериозен, направена е манипулација со заедничкото соопштение на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и на еврокомесарот за проширување, издадено еден ден по парламентарните избори во земјава. Да, содржината на писмото релативно коректно е пренесена во материјалот, но насловната конструкција е сè само не коректна. Се зборува дека Хан и Могерини им честитале на победниците ВМРО-ДПМНЕ! Ајде да бидеме реални. Никаде во текстот не се споменуваат честитки, победници, ниту губитници, а уште помалку ВМРО-ДПМНЕ.
Заради коректност, ќе го цитираме соопштението во целост:
„Неделните предвремени парламентарни избори во БЈР Македонија минаа на мирен и уреден начин, со добар одѕив на гласачите. Тие беа следени од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР која попладнево објави прелиминарна изјава. Овие вонредни парламентарни избори беа клучен елемент од Договорот од Пржино од 2015 година. Тие ѝ нудат на земјата клучна можност за обнова на демократски, конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел на евроатланските интеграции. Политичките партии мора да дејствуваат на инклузивен начин, вклучувајќи активна парламентарна опозиција и динамичен граѓански сектор. Очекуваме брзо формирање на новиот парламент и на новата влада и спроведување на реформите за решавање на системското владеење на правото, а исто така и на реформските приоритети. Владата и опозицијата треба да продолжат со спроведување на претходните политички договори во целост, вклучувајќи поддршка на работата на канцеларијата на Специјалното обвинителство. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува земјата во процесот на реформи и на нејзиниот пат кон европската интеграција“.
ВИРТУЕЛНИ ЧЕСТИТКИ
Ниту трага од честитки до владејачката партија. Прво, никој, барем не релевантен фактор од меѓународната заедница, предвреме не би се истрчал и некому би му честитал изборна победа во услови кога сите законски рокови и правни лекови не се исцрпени. Видовме дека не е сè готово, особено по одлуката на Управниот суд. Второ, не е карактеристично за дипломатскиот речник најдиректно да се праќаат јавни честитки до победникот со негово јасно именување.
Но, како и да е, во текстов ни се продаваат некакви „честитки до победникот ВМРО-ДПМНЕ“, кои едноставно ги нема во соопштението на Могерини и на Хан. Изгледа станува збор за виртуелни поздрави од Брисел до ВМРО.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор, наведен извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови