verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонските медиуми заробени од четири партии

on 21 - 07 - 2016       
Медиумите во канџите на партиската политика. Фото: edkohler/мета
Медиумите во канџите на партиската политика. Фото: edkohler/мета

 

По скептицизмот кај познавачите на состојбата во медиумите останува само да се види колку од договореното ќе се реализира. Многумина веруваат дека преговорите ќе продолжат со дебата и во септември, без конкретни решенија. Како и да е, новинарите не се согласуваат со тоа партиите да им го кројат начинот на работа и професионалните стандарди. Пржинската четворка тоа не го разбра досега

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Збунета и нервозна е медиумската заедница по 20 јули, кога четирите политички партии објавија дека постигнале договор за продолжување на пржинскиот процес од лани ова време. Дел од нив воопшто не се согласуваат со договореното, а друите чекаат состојбата допрва да се развива. Заедничко за сите е дека се резигнирани од идејата политички партии да одлучуваат за медиумите и се песимисти дека нешто добро ќе се изроди од понудените решенија. Тоа, пак, што го договорија партиите е дека Законот за аудио, аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ) и Изборниот законик, во делот на медиумите, ќе претрпат измени.

 

АД ХОК ТЕЛО ЗА ЗАБУНА

Можеби клучно во договорот, но несфатливо за познавачите на состојбите, е тоа што Агенцијата за аудио, аудиовизуелни и медиумски услуги (АВМУ) ќе формира ад хок тело кое ќе го надгледува исполнувањето на одредбите на Изборниот законик што се однесуваат на медиумите. Предвидено е телото да функционира до крај на изборниот процес, а ќе се формира во рок од 30 дена по склучувањето на овој договор. Според договорот, кој веднаш по консензусот на политичките партии беше објавен на веб-страницата на делегацијата на Европската Унија во Македонија, телото ќе се состои од пет личности. Во консултација со релевантните професионални организации, четирите партии ќе изберат четири члена од кои барем еден ќе биде Албанец. Овие четири члена ќе го изберат петиот член со консензус.

За Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за медиуми, овие измени се нелогични и неефикасни. Според него, од тоа што можело да се види на веб-страницата на Делегацијата на Европската Унија, се работи за непознавање на работите што предизвикало да се понудат и да се договорат нелогични решенија.

001 zoran-trajcevski 100x120– Во неколку делови има непознаници, но ние ќе реагираме кога тоа ќе биде преточено во закон. Сега не можеме да реагираме на објава на веб-страница. Агенцијата за медиуми, исто така, има надлежност и врз кабелските оператори, а тие воопшто не се споменати во договорот. Мора да се стават и тие за да не бидат изземени затоа што тоа би било голема грешка. Непознато е и тоа дали тие луѓе, кои ќе бидат во ад хок телото, ќе бидат вработени или не. Ако бидат вработени, тоа е подолготрајна процедура. Исто така, би било проблем и што потоа да се прави со нив. Како и да е, има многу нелогични работи. Затоа ќе реагираме на текстот и ќе пратиме забелешки кога ќе бидат подготвени измените во законот – вели Трајчевски за „Сервис за проверка на факти во медиумите“.

Договорот предвидува сите казни за медиумите кои се предвидени во ЗААВМУ и во Изборниот законик, во делот кој се однесува на медиумите, да бидат намалени за 50 проценти.

„За првото прекршување ќе биде издадено предупредување. Секое наредно прекршување ќе биде санкционирано во согласност со намалените казни. Ниту еден новинар, ниту медиум не смее да биде казнет за изразување мислење. Изразувањето мислење мора да биде издвоено од известувањето за медиумски информации. Ниту една медиумска куќа не може да биде затворена врз основа на одлука во согласност со погоре опишаната процедура“, предвидува договорот.

 

ВО ФУНКЦИЈА НА ИЗБОРИТЕ

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми вели дека тоа што е договорено е, пред сè, во функција на изборите. Односно, вели тој, договореното треба да обезбеди фер, објективно и непристрасно известување за изборните кампањи и медиумско претставување.

002 dejan-gerogievski 100x120– Она што не е јасно е зошто е потребно ново ад хок тело? Ако се работи за радиодифузните медиуми, тоа веќе го прави АВМУ. Што се однесува до известувањето во печатените и во интернет-медиумите, начинот на следење би требало да биде надлежност на Државната изборна комисија (ДИК), која има општа надлежност над изборниот процес. Оттаму, нејасно е зошто АВМУ би го формирала таквото ад хок тело, а тоа не би било задача на ДИК. Конечно, такво тело, кое  би било првенствено политичко тело, тешко дека ќе може да функционира како што треба, поради постоечките поделби на политичката сцена. Знаејќи како функционира сè во државава, најверојатно ќе имаме ситуација во која политички именуваните членови ќе се караат и ќе се препираат, а од петтиот член ќе се очекува да пресече и практично да ги носи одлуките – вели Георгиевски.

 

„Во консултација со другите партии, најголемата опозициска партија од експерите од областа ќе предложи главен и одговор уредник (на информативната редакција) на Јавниот радиодифузен сервис (МРТВ). Доколку партиите се согласат дека се исполнети условите за избори, главниот и одговорен уредник ќе ја преземе функцијата 100 дена пред избори. Ќе бидат донесени законски измени со кои ќе се дозволи 7/24 канал на албански јазик на МРТВ“, стои исто така во договорот.

 

ПАРАЛЕЛНИ ИНСТИТУЦИИ

Жанета Трајковска од Македонски инситут за медиуми е вчудовидена од договорот и вели дека најубаво е партиите да си направат политичка држава, политички Уставен суд, политичка МТВ.

003 zaneta trajkovska23244543 100x120– Немам ништо против нов канал на албански јазик кој ќе работи 24/7, ама не гледам во овој контекст зошто е тоа договорено. Буквално, тоа било политичко договарање. Воопшто не се занимавале со вистинските проблеми и со потребите од реформи, туку на политички начин со пазарење се потрудиле да си договорат дел од колачот. Воопшто нема свесност што значи јавен радиодифузен сервис, што значи новинарство во критичка смисла и во грижата за јавниот интерес. Нон-сенс е опозиција, сега СДСМ или во иднина ВМРО-ДПМНЕ, да поставува уредник на МТВ, 100 дена пред избори. Како може да создаваат паралелни институции, наместо да се најде начин како да се направат услови АВМУ да биде независна и да си ја врши работата по закон. Овој договор покажа дека партиите немаат никаков однос кон Уставот, ги кршат законите, буквално ги газат сите државотворни симболи – вели Трајковска.

Георгиевски, исто така, се сомнева дека сите проблеми со известувањето на МРТ ќе се решат со тоа што опозицијата ќе именува главен и одговорен уредник за време на изборите. Сепак, смета тој, за проблемите со МРТ ќе мора по изборите сериозно да се разговара за да се спроведат реформи и решенија што од неа ќе направат вистински јавен сервис што ќе им служи на граѓаните, а не на која и да е политичка партија на власт.

– Што се однесува до договорениот канал на албански јазик на МРТВ, јавниот радиодифузен сервис има доволно фреквенции во двата мултиплекси што му се дадени на располагање тоа да го реши брзо и едноставно. Она што би сакале да видиме е јавниот радиодифузен сервис да ги искористи капацитетите на тие мултиплески, да ја зголеми понудата на тематски канали, пред сè, од образовна и од културна програма – вели Георгиевски.

Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар вели дека договорот кој е постигнат отвора доста прашања. Сепак, според неа, останува прашањето дали ќе биде спроведен онака како што е договорен, во таа рамка, и временски и програмски.

004 biljana bejkova 100x120– Според искуството, досега сè беше пролонгирано, не беше ништо реализирано. Второто прашање е непознаницата како ќе функционира ад хок телото за медиуми. Тоа е ново тело чие формирање не подлежеше ниту на јавна расправа. Останува да видиме како ќе функционира затоа што членовите ги предлагаат партиите. Во делот на медиумите очигледно е дека приодот од самиот почеток е погрешен, а тоа е еден од бедемите на владејачката структура – вели Бејкова.

 

 

АПСУРДНО Е И РЕШЕНИЕТО ЗА МРТ

Од ЗНМ, пак, тврдат дека договорот на партиите за медиумите е обична политичка фарса и не обезбедува вистински реформи во нив. Во овој договор нема одржливи решенија, со кои ќе се ослободат медиумите од контрола на партиите. Напротив, договорот уште повеќе ќе го партизира медиумскиот систем.

005 naser selmani 100x120– Агенцијата за медиуми (АВМУ) и Македонската радио-телевизија остануваат под контрола на владејачките партии. Ново е што можност да врши притисок врз овие институции добива и опозицијата. Место независно и професионално регулаторно тело и МРТ, сто дена пред избори ќе имаме институции растргнати меѓу партиските интереси и влијанија. Формирањето на ад хок партиско тело во рамките на Агецијата за медиуми, кое треба да го надгледува известувањето на медиумите сто дена пред изборите, е неприфатливо за нас. Единствено решние е избор на нов Совет на Агенцијата, каде ќе се изберат независни и стручни лица. Апсурдно е и решението за МРТ. Партискиот уредник на власта, ќе се замени со партиски послушник од опозицијата. Со тоа, уште повеќе ќе се засили партискиот притисок врз МРТ, која место сервис на граѓаните, ќе биде заложник на партиските интереси – рече на прес-конференција Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Изненадени од одговорот се и од Совет за етика во медиумите на Македонија. За Марина Тунева, извршен директор, договореното потврдува дека системските работи не се решаваат пред одржување на изборите, туку тие се одложуваат за понатаму.

006 1 marina tuneva 100x120– Создавањето на ад хок телото не го гледаме како решение за проблемите кои долго време постојат во медиумскиот амбиент. Иако се нагласува како привремено, тоа и понатаму може да биде решение кое ќе создава проблеми што ќе траат. Се прашуваме дали ова „тактичко решение“ некогаш воопшто ќе биде заменето со вистинското, а тоа се медиумските реформи кои се бараат или, пак, ќе биде заменето со уште едно тактичко решение. Од друга страна, не верувам дека организациите кои силно се залагаат за коренити промени во медиумската сфера ќе сакаат да учествуваат во номинирањето членови во ад хок телото. Тоа, практично, ќе значи дека замижуваме пред очигледниот недостаток, за да ја одолговлечиме агонијата – ни изјави Тунева.

По скептицизмот кај познавачите на состојбата во медиумите останува само да се види колку од договореното ќе се реализира. Многумина веруваат дека преговорите ќе продолжат со дебата и во септември, без конкретни решенија. Како и да е, новинарите не се согласуваат со тоа партиите да им ги кројат законите и за начинот на работа. Пржинската четворка тоа не го разбра досега.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).