verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонскиот новинарски професионализам: оксиморон, нужност или реалност!?

on 23 - 03 - 2016       
E.W.Scripps School of Journalism од Athens, Ohio, USA. Фото: Eli Hiller
E.W.Scripps School of Journalism од Athens, Ohio, USA. Фото: Eli Hiller, 2014

 

Новинарството, како една од најистакнатите професии на денешницата, е напорна и особено одговорна дејност и како таква нужно има своја конкретна професионална етика, која зборува за моралните проблеми во извршувањето на оваа професија и за специфичните обврски во неа. Уште повеќе, бидејќи станува збор за јавна дејност, во чија основна димензија особено доаѓа до израз јавната одговорност, новинарството, во сите негови облици и аспекти, на овој или оној начин, подлежи на ригидна етичка оценка и вреднување

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Оваа голема јавна одговорност што ја има новинарство како професија, доаѓа од фактот што грешките кај него не можат да се скријат, т.е. тие се веднаш видливи и ги слушаат, гледаат, читаат голем број луѓе. Тоа му дава право на големиот Макс Вебер да тврди дека новинарството е (треба да биде) високо одговорна професија, речиси еднакво одговорна како и професијата на научниците:

„Ретко кој е свесен дека навистина добрата новинарска работа бара барем исто толку „дух“ како и некоја научна дејност – пред сè, поради нужноста информацијата веднаш да биде објавена и веднаш да се дејствува во, секако, поинакви услови на создавање. Речиси и никој да не споменува дека одговорноста е далеку поголема и дека кај секој чесен новинар чувството на одговорност во просек е изразено онолку колку и кај научникот, затоа што по природата на работите токму неодговорното новинарско дејствување останува во сеќавањето поради својот лош резултат.“

Во контекст на претходното, доколку барем бегло ги разгледаме катадневните несериозности што се изрекуваат во новинарството и во медиумската сфера во Р.Македонија, и тоа како на подвижна лента, тогаш сосема е во ред кај нас во последно време да се обидувате да ја промовирате новинарската азбука искажана преку разно-разни  прирачници за професионално, етичко, морално новинарство, извештаи и надзори поврзани со следење на медиумското известување за низа битни работи во земјава, во согласност со етичките стандарди, а особено доколку се наоѓате во статус кво ситуација со преговорите за медиумски реформи. Ова оттаму што, како што е наведено, „значењето и важноста на етиката (и етичкото) во одредена професија се состои во тоа што секогаш и одново ја промислува и испитува смислата на нашата професија и повикот одговорно да водиме сметка за последиците од нашето професионално (и воопшто) дејствување, за неговата човечка вредност и хуманиот ангажман“.

 

ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ И НЕПРОФЕСИОНАЛИЗМ

Сходно, ми се наметна и идејата за едно барем бегло разгледување на професионализмот во нашата медиумска сфера, поточно во новинарството кај нас, и тоа во моментов во однос на само две тези со приближно сличен заклучок. Имено,

  • ако не сме професионални, тоа значи запливуваме во професијата (не)потковани, што следствено го поставување прашањето за образовната политика и знаење кое го носат новинарите (особено помладите) кај нас;
  • ако непрофесионализмот не се должи на (не)знаењето, тогаш повеќе од логично е да биде предмет на, односно за изразување моќ, коруптивност, што го наметнува прашањето за (не)среќните околности на новинарската професија кај нас (секоја чест на исклучоците);

Во првиот случај, влегувањето во професионалните води на новинарството значи одреден степен на образовна поткованост, знаење за она што ќе се работи и како ќе се работи согласно новинарската материја. Колку за илустрација, доколку сосема на страна ги оставиме приватните образовни институции кои нудат курсеви, програми, курикулуми…, и други форми на новинарска изобразба, државните образовни институции се за „жалење“, т.е. под нивото за да може да се упати каква било можна критика. Истите наставни курикулуми во високото образование кои наместо да бидат подобри и поатрактивни, во согласност со тоа што го бара пазарот, стануваат „експозитурни решенија“ на институциите каде на новинарството се гледа како на „дополнителен едукативен процес за пополнување часови на домицилните професории од институциите каде истите припаѓаат“. А тажно е што при конципирањето на наставниот план според ЕКТС се користеа критериуми кои се приспособени на специфичностите на новинарските студии, но и на Болоњската декларација и светските искуства (затоа што и самиот бев учесник во расправата при носењето на новата наставна програма). Посебна е и приказната според кои курикулуми и какви луѓе ја извршуваат, со каков капацитет располагаат тие „куќи на знаењето“ и можеби не последно, но многу важна е и тековната образовна политика во делот на истражувачкото и аналитичкото новинарство.

 

ГРИЖА ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ СТАНДАРДИ

Во вториот случај, информациите што ги даваат, самите новинари и медиумите, треба да бидат базирани на основните постулати на етичното новинарство: вистинитоста, објективноста, навременоста, точноста…, затоа што само во вакви услови може да се прифати дека новинарството, а и медиумите сосема професионално ја извршуваат својата дејност и со голем степен на одговорност. Во спротивно, преку убивањето на новинарот како морален субјект, имаме непрепознатливост на новинарскиот дискурс во известувањето, а медиумите секогаш одново и одново ќе доаѓаат во служба на различни интереси и ќе бидат собиралиште на ниски страсти! А за тоа веќе подолг период сме сведоци. Уште повеќе, депласиран е веќе начинот на кој оваа бранша се депрофесионализира: се укинува новинарската автономија, подредувајќи ја професијата на притисокот на (политичкиот) пазар правејќи од неа герила (маркетинг) простор, полигон за пласирање разно-разни вистини и факти согласно желбата, интенцијата, мотивите на оној кој ја пишува, но и на тој што стои зад него, а не јавниот интерес.

И во двата случаи, се потврдува фактот дека природата на професионализмот во новинарството е и треба и понатаму да биде истовремено и јасен и строго одреден, затоа што во новинарството исклучителна важна работа која ги обединува сите барања до статус на професија е степенот на изразена грижа за етичките стандарди во извршувањето на професијата. Со други зборови, „светоста на оваа професија е нешто што исклучително обврзува и бара двете моќи, претходно споменати, со кои професионалецот (би требало да) располага: моќта на знаењето и моќта на совеста, да бидат во склад и една со друга да се дополнуваат и да се испреплетуваат. Моќта на знаењето без моќта на совеста може да биде и најчесто е опасна. Поради тоа, новинарската професија бара интелектуални, стручни и морални квалитети“ (Дејан Донев, Етика во новинарството, УКИМ, Скопје, 2011).

Оттука, заклучокот им е заеднички и на двете тези, т.е. никој освен новинарот не може да биде морален субјект во дејноста што ја врши, а за чие извршување се бара следење на одреден број морални норми кои ја гарантираат професионалноста во работењето. Токму затоа и повторното и повтореното навраќање на новинарската азбука. Еден таков пример е и Прирачникот за јавен интерес во новинарството како навраќање што треба да сведочи за нивото на новинарската професионалност и на обидот таа да се издигне од пепелта.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).