verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Лекција за уредниците: Негувајте го огнот

on 10 - 10 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Уредниците не треба да го палат огнот, тие треба да го одржуваат и да му додаваат гориво. Една од најважните задачи на уредниците е да ги инспирираат новинарите. Успехот на медиумите зависи од новинарите. Новинарите, доколку имаат таков уредник, се огледало на енергијата на ентузијастичкиот лидер или на летаргијата на обезличениот, обездуховен уредник.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Работата во редакцијата треба да биде високо професионална, одговорна и пред сѐ – забавна. Кога репортерите доаѓаат на работа треба да се радуваат. Секој ден. За менаџерите се вели дека треба да „внесат жар“ во работењето. На новинарите, заради просветителскиот карактер на професијата, не им треба жар. Тие го носат огнот на професијата. Вистинските новинари. Уредниците не треба да го палат огнот, тие треба да го одржуваат и да му додаваат гориво. Една од најважните задачи на уредниците е да ги инспирираат новинарите. Успехот на медиумите зависи од новинарите. Новинарите, доколку имаат таков уредник, се огледало на енергијата на ентузијастичкиот лидер или на летаргијата на обезличениот, обездуховен уредник. Уредникот секогаш треба да претпостави дали неговата одлука ја поттикнува или обесхрабрува креативноста на новинарите во редакцијата. Добриот уредник треба да знае дали тоа што го прави или вели инспирира позитивен импулс кај неговите колеги; дали неговите постапки охрабруваат или фрустрираат. Да, понекогаш уредниците соопштуваат лоши вести за работата на медиумот, за одлуките на менаџерите, кои задираат во финансиската и социјалната сигурност на новинарите. Но, тоа мора да го прават искрено и чесно – отворено. Тешко е, но не е невозможно.

 

kolaz 001 001 002 final

Класичен пример на „негување на огнот“ – најпознатата сторија на сите времиња – Роберт Редфорд и Дастин Хофман како Вудворд и Бернстин, новинари на Вашингтон Пост, во филмот „Сите луѓе на претседателот“ за Вотергејт скандалот кој доведе до оставка на претседателот Ричард Никсон, фото: vintageisclassic, 1976 г.

 

И да, работењето во редакциите треба да е забавно и уредниците треба да бидат тие што предничат во создавањето на еден таков креативен и поттикнувачки работен амбиент. Еве некои препораки како да се прави тоа.

 

Да уживаат во својата уредничка работа

 

Ниедна работа не е совршена, но лидерската позиција во една редакција нуди можност за креативна, возбудлива активност со интересни и динамични колеги. Исто така, оваа должност многу бара од уредникот и понекогаш тој ќе помисли дека е неблагодарна. Ако не уживате во работата, нема да си ја вршите како што треба. Ако се соочувате со вакво нешто, запрашајте што го предизвикува тоа. Можеби решението е во Ваши раце. Ако решението е во рацете на менаџерите, Ваше е да им го кажете тоа. Рековме, ниту една работа не е совршена. Но, ако менаџерот е пречката на патот со совршената атмосфера во редакцијата, зарем не треба тоа да му се каже? Ако не се согласувате со ова, уште утре побарајте од менаџерот да Ве ослободи од оваа должност. Бидете искрени барем кон себе.

 

Пофалете ги вашите новинари секој ден

 

Секој уредник треба да најде начин и време, тоа да му биде секојдневие, да ги пофали новинарите. Колку и да е напорен и лош денот, мора да најдете причина да пофалите некого. Директно, не онака општо. Лице в лице. „Добра сторија“, „добар наслов“, „одлична изјава“ – нема да Ве изеде чудовиштето суета ако го кажете тоа. Треба и да критикувате, но никако немојте да ја криете критиката зад познатите, и многу погрешни, фрази „Добар тие насловот, но…“ Ваков тип на пофалби не се тоа што треба да бидат.

 

Претворете ги критиките во предизвици

 

Уредникот нема да дозволи новинарски текстови под предвидените стандарди. Ако некогаш се провлече нешто такво, поразговарајте со колегата. Прашајте го што мисли тој за неговиот текст. Што е добро, а што не во него. Ако се согласите дека нешто не било во ред, не се правете важен заради тоа што, ете, сте му помогнале да увиди, туку најдете начин да откриете зошто било тоа така. Што требало да се направи за сето тоа да изгледа поинаку. Дали се работи за случајна грешка или за грешка за која потребна посуштинска работа на усовршување на вештините на новинарот. Во Вашиот совет нека види добра намера и предизвик за нешто подобро за него и за медиумот. Тоа е решението, а не гневен уредник.

 

Претворете ги пофалбите во предизвици

 

Уредникот секогаш ќе ги поттикнува новинарите да бидат уште подобри. Заедно со нив ќе помага добрите страни на тимот да станат уште подобри. Тој тип на предизвици се искри на енергија за нови и подобри достигнувања на новинарите.

 

Заеднички идентификувајте ги целите што треба да се постигнат

 

Истражувачкото и општествено одговорното новинарство не се прават случајно. Добриот уредник, заедно со новинарите, треба да ги одреди среднорочните и долгорочните планови што треба редакцијата да ги постигне. Уредникот ќе ги одреди приоритетите и ќе ги подели задачите соодветно на капацитетите на секој новинар одделно или на тимовите што ќе ги формира. Не заборавајте и на дневните остварувања – нека бидат и тие подобри со секој нов ден: зошто сторијата да нема уште еден извор повеќе, зошто да нема подобра фотографија, зошто да нема нов извор наместо вообичаените… Не заборавајте да ги потсетите и новинарите и себе си: рутината ја убива професијата.

 

Покажете ја личната возбуда

 

Нека видат кога Вие лично сте возбудени, одушевени од предлогот за сторија, од напишаниот текст, од добриот дизајн, од фотографијата со илјада зборови… Прашувајте ги како ќе ги решат задачите на денот – покажете го одобрувањето. Прашајте ги дали им треба нешто повеќе – најдете начин да им го дадете тоа. Немојте да ја криете секојдневната радост што ја носи секоја нова мала победа на денот. Многуте мали победи ја прават големата победа на медиумот, на новинарите, на заедницата.

 

Покажи дека си човек

 

Покажи ја својата енергија и ентузијазам и физички, нека се види. Не треба ништо посебно, нека произлезе од твојот карактер. Ако скокаш дома или со пријателите секогаш кога Пандев ќе даде гол, направи го тоа и во редакцијата – соодветно на местото и на приликата: Да пукне, Многи сме јаки, палците горе, аплауз… Само немој да бидеш немтур, намќор и да поздравуваш наутро. Насмевка и „Добар ден“.

 

Почитувај го авторството на новинарите

 

Ако веќе сте уредник, секако дека знаете добро да пишувате, да подготвите добра новинарска сторија. Тоа значи дека знаете да уредите, а не да „суредите“, текст на Ваш колега. Но, секогаш имајте на ум дека новинарските текстови имаат свои автори со потпис на крајот. Почитувајте го тоа тогаш кога уредувате. Немојте да диктирате. Тоа е понижувачки. Секоја корекција треба да има разумна и рационална причина и бидете сигурни дека секоја интервенција го прави текстот подобар. Нека остане стилот на новинарот максимално присутен. Ако новинарот е упорен дека нешто треба да остане така како што е напишано, обидете се да ги разберете неговите аргументи. Оставете го вашиот ум отворен.

 

Комуницирај лице в лице

 

Денеска, во ерата на дигиталната технологија, комуникацијата изгледа прилично лесна и остварлива. Но, не е секоја комуникација за преку телефон, мејл или на социјалните мрежи. Најважните одлуки, пофалби и критики треба да се комуницираат лице в лице. Ако треба да пофалите направете го тоа со насмевка, а не со „смајли“. Ако треба да критикувате, напревете го тоа гледајќи го човекот в очи. Немојте да пишувате мејл кога сте лути. Гневните мејлови остануваат долго во меморијата на компјутерот, а добрата и продуктивна кавга очи в очи има шанса бргу да се претвори во нов предизвик. Е тој, новиот предизвик може да се искомуницира преку мејл. Систематски, конструктивно, во детали.

 

Смислата за хумор нека биде секогаш активна

 

Има премногу сериозни уредници. Понекогаш треба да се биде сериозен, но не постојано и секогаш. Заморно е тоа. И заразно. Како што е заразна и ведрината, забавниот пристап кон работата, духовитоста. Па, сега Вие изберете: ќе бидете заразно сериозни или заразно духовити и забавни.

 

Избегнувајте сарказам

 

Сарказмот и смислата за хумор не се едно исто. Многу новинари знаат да бидат саркастични, мислејќи дека се духовити. Не го одобрувајте сарказмот.

 

Кога ќе треба – извинете се

 

Уредниците грешат. Сарказмот не ги поправа грешките, ароганцијата уште помалку. Може да го изгубите трпението. Можеби имате добра намера, но погрешно сте ја искомуницирале идејата. Извинете се. Јасно и гласно.

 

Почитувајте го личниот живот на колегите

 

Новинарите имаат свој личен, приватен живот надвор од редакцијата. Кога заради новинарска задача страда овој дел од нивниот живот, оддадете почит. Извинете се доколку ги барате во слободен ден или надвор од работното време кога се дома. Заблагодарете се кога ќе дојдат на работа тогаш кога треба бидат слободни.

 

Почитувајте го Вашиот личен живот

 

Имате работа која Ве троши многу. Ќе ја извршувате многу подобро и многу подолго ако ги почитувате Вашето лично здравје и приватниот дел од Вашиот живот. Тогаш кога работните обврски ќе заземат дел од вашиот приватен живот, гледајте останатиот дел да биде квалитетно искористен. Не дозволувајте работните обврски целосно да го заземат вашиот приватен живот. Тогаш нешто не е во ред со организацијата на работата. Пронајдете ја причината колку што е можно побргу.

 

Одговори за лошите времиња

 

Во ова наше време, работата во медиумите поминува низ сериозни премрежија. Тие можат да бидат вакви, со какви се соочуваме ние и тука, а можат да бидат и поинакви, со какви се соочуваат сите и секогаш. Не може да се очекуваат идеални времиња за работата на медиумите. Впрочем, тешките времиња се природната состојба на медиумите. Уредникот треба да се соочи со тоа и да ги соочи со тоа и своите колеги новинари. Во тешките времиња треба да се проголтаат многу горчливи пилули и да се избегнат критиките доколку не се неопходни за да се одржат новинарските стандарди.

 

Поддржувај ја тимската работа

 

Работата во медиумите (треба да) е продуктивно и креативно компетитивна. Така и треба да биде. Не во име на меѓусебни пресметки и подметнувања. Уредникот треба да го обесхрабри тоа. Наместо непродуктивна конкуренција – поврзување на способностите и капацитетите на секој од нив во тимска работа. Пронајдете го клучот на успешна тимска работа и добивате другарство како уште еден стимул во успешната новинарска работа. Немојте да ги делите колегите. Множете ги!!!

 

Мислете на луѓето, не само на продукцијата

 

Уредниците се одговорни медиумот да продуцира добри новинарски стории, да ги обезбедува во предвидените рокови, да постигне тие да бидат гледливи, читливи, атрактивни за публиката. Тешко е тоа, но затоа сте се согласиле да бидете на таа позиција – зашто некој помислил дека Вие го можете тоа, а Вие сте го прифатиле предизвикот. Нема назад. Но, продукцијата не е можна без луѓето, колегите, пријателот со кој до вчера делевте една работна маса. Не заборавајте дека тие се луѓе со кои заедно ги постигнувате резултатите.

 

Прославувајте ги успесите заедно со колегите

 

Уште една од основните задачи на уредникот: Тие треба да ги препознаат потенцијалите на колегите и да ги стават на вистинското место за да се добие добар медиумски резултат. Ако уредникот го постигне тоа, треба да го прослави успехот со нив и да им оддаде признание. Изборете се и за финансиска награда за колегата. Кога славите заедно со колегите разговарајте за тоа што можете да постигнете утре, во следната фаза. Правењето планови на крилјата на успехот е многу податливо за нови идеи.

 

Во конципирањето на овој текст се користени повеќе материјали од веб сајтот на Институтот Поинтер, како и избор од искуствата и архивата на авторот на текстот.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).