Кршење на приватноста заради политички хајки
Објавено во Новинарски лекции
on 25 - 05 - 2016 Автор: Elena Stojanovska
Кој од кого бил ангажиран? На каков проект? Колкав хонорар зел? Прашања кои се во фокусот на интерес на дел од медиумите кои ги објавуваат сумите на исплатени хонорари на новинари, професори, активисти, а кои се добиени од невладини организации, фондации и од други донатори. Ниту еден од нив, пак, не го наведува изворот на информацијата, а не ги ни поставува прашањата кои навистина се од јавен интерес – дали овие лица уредно го платиле данокот кон државата и дали тој што ги исплатил уредно ги платил придонесите за сработеното…
Пишува: Елена Стојановска
Екстензивна листа на имиња на новинари, професори, активисти, членови на нивните семејствота се објавуваат во текстовите на голем број медиуми, кои, покрај имињата, презимињата, ангажманот од одредена организација или фондација, ги објавуваат и сумите на исплатените хонорари. Проценката на овие медиуми дека висината на исплатен хонорар од страна на невладина организација или фондација е податок од јавен инетерс е прилично слободна и субјективна, па со тоа објавувањето на овие информации не ги следи начелата што се гарантирани со закон.
Доколку овој случај се разгледува од аспект на законски утврдените начела за слободен пристап до информациите од јавен карактер, повеќе од јасно е дека информации од јавен карактер се информациите за трошењето на парите од државниот буџет и јавните средства. Самиот закон предвидува исклучоци, во согласност со кои одредени информации кои се поврзани со финансиските интереси на правни лица кои не се поврзани со буџетот на државата или, пак, со располагање со јавни средства нема да се третираат како информации од јавен карактер. Објавувањето на висината на исплатен хонорар од проект е исто како објавување на плата на лица вработени во приватни компании, а овој податок не може и не смее да биде јавен податок. Дополнително, истиот закон предвидува и исклучок од третманот на јавност за информации кои содржат личен податок, чие откривање би значело повреда на приватноста на физичко лице. Согласно ова, слободниот пристап до информации од јавен карактер е ограничен онаму каде што објавувањето на лични податоци би значело повреда на приватноста на лицето чии податоци се објавени. Дополнително, во слободниот пристап до информации од јавен карактер се применува и принципот на делумен пристап до информациите, согласно кој јавно достапни се податоците кои не ги загрозуваат интересите на правните и на физичките лица на кои се однесуваат.
ОД КАДЕ СЕ ИНФОРМАЦИИТЕ
Во оваа насока, единствени прашања од јавен интерес би биле дали лицата кои биле ангажирани на проекти финансирани од невладини организации, фондации или други донатори имаат платено данок кон државата и дали тој што ги ангажирал ги има платено придонесите за секое ангажирано лице. За овие податоци може да се побара информација од имателите (УЈП и ПИОМ), а истата може да биде и објавена како информација од јавен карактер.
Покрај дефинирањето на степенот на јавност на информациите кои се објавени, можеби најважното прашање е од каде овие информации се добиени. Со оглед на обемот и на видот на информациите, еден од можните извори на овие информации е Управата за јавни приходи. Доколку е навистина ова изворот на информациите кои се објавени, тогаш може да се констатира дека:
Со самото откривање на име и презиме, висина на исплатен хонорар од извор кој не е поврзан со државен буџет или, пак, со други јавни средства, е нарушено правото на приватност на лицата приватно ангажирани на проекти;
Со откривањето на висината на исплатените хонорари се откриваат и информации за финансиското работење на невладините организации и фондации, со што е нарушено начелото на исклучок од третманот на информација од јавен карактер.
Кој и да е изворот на објавените информации, мора да се има предвид дека одговорноста за обезбедување достапност до информациите е поделена. Пред сѐ, проценката за тоа што ќе биде дадено како информација од јавен карактер е обврска на оној кој првично ја дава информацијата (јавна или приватна институција која го има статусот на имател на информацијата), а потоа и на оној кој истата ја објавува или пренесува до пошироката јавност.
ПОЛИТИКАТА И ЛИЧНИТЕ ИНФОРМАЦИИ
Препорака до медиумите кои континуирано ги објавуваат овие информации е да се преиспитаат дали објавувањето на информација која содржи лични податоци има помали последици врз интересот кој се заштитува отколку врз јавниот интерес кој би се задоволил со објавувањето на информацијата.
Дополнително, објавувањето на приватни информации ставено во контекст на политичките случувања е, исто така, нарушување на начелата на заштита на приватноста. Затоа, она што треба секој медиум да го има предвид е дали повредува одреден закон, дали со тоа исполнува некоја легитимна цел и како може да ја оправда таа легитимна цел.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).