verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Конфекциите во Штип не работат, туку ги тестираат работничките за ковид-19

on 3 - 06 - 2020       

Фото: Илустрација

[Рецензија: Дел од конфекциите во Штип за кои кризниот штаб вчера соопшти дека ќе се затворат, денес работат!]

Рецензираме текст во којшто се тврди дека конфекции во Штип кои поради утврдени случаи на заразени со коронавирусот требало да бидат затворени, a всушност работеле. Оваа информација не е точна.

Линк до оригиналниот напис: Дел од конфекциите во Штип за кои кризниот штаб вчера соопшти дека ќе се затворат, денес работат!

Датум и време на објавување: 02.06.2020

Датум на рецензија: 02.06.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во текстот не се консултирани извори, не се земени изјави, а единствената основа на која се темели и насловот и целиот текст, е дојава од загрижени граѓани.

Загрижени граѓани ја информираа нашата редакција за ова крајно безобразие, а во дело на љбителите на пари – бесмилосните газди. Надлежните во Штип го вперија простот кон граѓаните, индиректно ги обвинија текстилците заради заразата од КОВИД-19, а заборавија дека баш газдите се најголемите виновници кои освен желба за пари немаат ништо превземено за спроведување на мерки за превенција и заштита на здравјето и животот на своите работници. Штип и штипјани се разочарани и молат за помош, време е за ред во конфекциите и санкции упатени кон газдите, доста е од малтретирање на обичниот народ!

Дојавите се одлична стартна позиција за доиспитување и задолжително проверување на информациите, но никако не смее да се земаат како единствена основа на новинарскиот текст. Информацијата мора да биде точна и проверена пред да се објави, онака како што налагаат професионалните стандарди дефинирани во новинарскиот Кодекс.

Исто така, коментаторските елементи на текстот не се отстранети и доминираат. Сопствениците на приватни бизниси, во случајов, конфекции, се нарекуваат ,,љубители на пари и безмислосни газди”.

Оваа квалификација е навредлива и стереотипизира сопственици на компании и бизнисмени како негативни фигури без да се има за тоа основа. Не е даден пример со кој се потврдува тврдењето ,,дека надлежните во Штип го впериле прстот кон граѓаните и индиректно ги обвиниле текстилците за заразата со Ковид 19”.

Точно е дека работничките дента биле во конфекциите , меѓутоа не за да работат, туку за да им бидат земени брисови за испитување на коронавирус. Тоа на својот Фејсбук профил го потврди и Кристина Ампева од здружението ,,Гласен текстилец”.

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова на  прес-конференција изјави дека во Штип се издадени 55 решенија на лица инфицирани од ковид-19 за домашно лекување и самоизолација и 169 решенија на лица за здравствен надзор и изолација по однос на контакти. Бухова најостро демантираше дека во текстилните фирми имало работни активности како што се тврди во текстот што го рецензираме. Напротив, правните субјекти покажале исклучителност во почитување на протоколите.

Веста дека се вршат работни дејности во конфекциите најостро ја демантирам. Таму се присутни инспектори кои потврдуваат дека во просториите на одредените конфекции се врши тетирање, се земаат брисеви од вработените и присуството е само поради таа основа. Апелирам сите лица кои имаат добиено од решенијата исклучително да се придржуваат до препораките и да не ги напуштат домовите, во спротивно ова е казниво со закон. МВР да врши контрола на лица кои имаат едно од решенијата, а ние нив ги известуваме дневно за доставените решенија – рече Бухова.

Неофицијалните информации се разбира дека се добра појдовна основа за истражување и дополнителна новинарска проверка и обработка. Меѓутоа, доколку ваквите информации се земаат „здраво за готово“ и се пласираат без никаква проверка, се оди кон ризик да се објави полувистина или невистина и на тој начин да се дезинформира јавноста, како што е тоа направено во овој случај.

Некој чул, но не дочул, видел, но не прашал и таквата информација им ја дал на новинарите кои подоцна не ја провериле и објавиле невистина. А, со ваквата лажна вест може да се предизвика револт, паника и непотребен стрес кај граѓаните на Штип, со оглед на тоа што во овој град е доминантна текстилната индустрија и речиси секое семејство има некој вработен во текстилниот бизнис.

Главната задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и согласно етичките и професионалните стандарди при пренесувањето на информациите да бидат чесни, објективни и точни. На овој основен принцип зацртан во Преамбулата на Кодексот на новинарите треба да се обрне внимание особено при известување во услови на пандемија како што е оваа со ковид-19.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ