verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Новинарите како носачи на техника во его-трипот на премиерот

on 8 - 10 - 2015       
Микрофонот секогаш подготвен. Колаж: СПФМ
Микрофонот секогаш подготвен. Колаж: СПФМ

 

Дел од новинарите денес се сведуваат само на „носачи на кабли“, бидејќи тие нивни вечерни визури за ефикасноста на власта на неколкуте телевизии не трпат ниту креатива, ниту љубопитност и немаат потреба од некакво знаење кај известувачот. Дури, како помош, видовме во втората половина на септември, премиерот им помага на придружниците – мегафони со тоа што дел од „тонската техника“ ја носи самиот.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Ветераните на некогашното југословенско новинарство беа препознавани по своите патувања. Во времето на сиромаштијата и најселективното делење на црвениот пасош, тие можеа да се пофалат со тоа дека следеле еден или друг југословенски политичар на некое патување надвор од границите. Врвот на кариерата, секако, беше изборот на некогашните најдоверливи пера за дел од таканареченото „патување со бродот Галеб“, кога Јосип Броз заминуваше на некое од двомесечните патувања низ земјите на Африка и на Азија. Некои од нив, како луѓе кај кои моливот не мирувал, забележувале низа детали, особено за релациите меѓу одделни политичари и потоа, по смртта на маршалот, добивме и доста употреблива фељтонистика.

Она што е повод на овој увод е констатацијата, во неодамнешната емисија „Топ-тема“ на водителот Александар Чомовски на ТВ „Телма“, дека денес нема нови новинарски ѕвезди и дека на македонското журналистичко небо се препознатливи само постарите имиња. Немаше за тоа голема, туку патемна дијагностика во која изостана само она клучно прашање – дали не се забележува дека нема и големи политичари и настани кои даваат интересни свидетели? Дали не се промени и вкупната функција на новинарството?

 

СТРОГО СЕЛЕКТИВНО

Надвор од оваа емисија и ос студиото на „Телма“, ја имаме, на пример, вистината дека во стилот на маршалот, нашиот актуелен премиер прави строго селективен пристап кон оние кои ќе го следат на патувањата, кои веќе не се ниту најавуваат на МИА, на пример. Таа мала инфо-дружина како да нема име и презиме, бидејќи, претпоставка е, најпрвин, дека во кабинетот на Груевски ги избираат само редакциите, а таму веројатно и нема некоја „тепачка“ за тоа кој ќе оди на его-триповите на премиерот. И онака тие денес се сведуваат само на „носачи на кабли“, бидејќи тие вечерни визури за ефикасноста на власта на неколкуте телевизии не трпат ниту креатива, ниту љубопитност и немаат потреба од некакво знаење кај новинарот-известувач. Дури, како помош, видовме во втората половина на септември, премиерот им помага на придружниците-мегафони со тоа што дел од „тонската техника“ ја носи самиот закачена на неговиот пуловер или кошула!

Сликата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со закачен подвижен микрофон на него беше нападната од многумина, но треба да се размислува и за нејзината смисла. Таа е, пред сè, како што рече во споменатата емисија на Чомовски, политикологот Дане Талески, во функција на фактот дека последните патувања на премиерот се претвориле во „ријалити шоу“.

Зошто го рече тоа? Па, веројатно затоа што репортажите од теренот веќе се толку до детали обмислени, што постои готово сценарио во кое се познати репликите на сите учесници, само што народот не треба да го сети тоа и нему треба да му биде пасент впечатокот дека при средбите на Груевски со селаните во малите места по земјава сè било природно и дека се работело за релација „премиерот и народот“, а не за однос „премиерот со народот“. Ова последното значи дека народот треба да е хорот во заднината, а премиерот да е солист на сцената.

 

ПРЕМИЕРОТ И ПУБЛИКАТА

Да го објасниме ова – реалното шоу треба да изгледа дека е исечок од животот на одредена средина, со познати актери и карактери, која развива одредена драмска игра (позната однапред, се разбира, за сценаристите). Ама, за публиката таа треба да биде „стварна“, односно да личи дека тие, гледачите, однадвор неповикани, влетале во некоја забава и станале дел од неа.
Средбата на премиерот и на народот не е од оние кои ги имаме по демократскиот протокол – тој минува низ одредени места и го испитува пулсот на граѓаните (нека бидат наречени, почесно би било – гласачи) и проценува каква е атмосферата. Како живеат, од што се незадоволни, бидејќи и покрај „идеалната влада“, некој проблем си останува, а следува прашање дали имаат забелешки кон власта, на глобален план и или во однос на одредени решенија, дали им било порано подобро или полошо…

Па, тоа го имаме и на овие патувања, ќе рече некој, и навидум е во право.

Само што овојпат имаме „еднонасочност на сообраќајот“. Премиерот прашува и веднаш дава наредби на своите министри и на други подредени да се исполнат желбите на неговите слушатели, како да е добрата вила од приказната за Пепелашка. Не постои дијалог, разговор во развиена форма, ниту каква било врева, кога имаме, нели, „народ“. Тој не ги слуша нив, тој е главниот играч, кој, со микрофонот на реверот, секаде е добро слушан (пренесуван), без пречки во тонот, што е карактеристика на емисии „во природа“, туку тој е секаде подеднакво звучен, практично во секој агол на „бината“.

Видете го мизансценот – избрани се пет-шест граѓани, никогаш повеќе (да не нè лажат луѓето од протоколот и од обезбедувањето) и тие молчаливо гледаат по малку настрана, некои и надолу. Здрвени се и, главно, не се активни, тие се само дел од сцената. Тремата е природна, ама не и толку важна, бидејќи тие најчесто не говорат. Премиерот испрашува еден од нив, оној најизбраниот, да речеме, претседателот на месната заедница, и го прашува, на пример, кој му е најголем проблем. Овој вели „Не ни се асфалтирани улиците“. Груевски погледнува наоколу, констатира дека тоа е точно и му вели „Избери која улица најпрвин да ја асфалтираме“ (ова е конкретна ситуација од едно од тие патувања). Добива одговор „Улица број 4“ и Груевски веднаш по мобилен се јавува кај министерот за транспорт и врски, кој ветува дека желбата ќе биде остварена. Груевски малку им се извинува на другите во стилот „Што да ви правам, овие од улица број 4 беа најбрзи“!…

ПО МАЛКУ КАБАСТА ДРАМАТУРГИЈА

Невидливата, додатна, „кабаста“ драматургија многумина „ситничари“ би ја нашле во изразите на молчаливата заднина, на неприродната тишина и играта на мускулите, оној грч на нивните лица, ама да не бидеме ситничари. Сценариото не предвидува, од сосема јасни причини, митингашка атмосфера од типот „Грујо-партија“ (тоа веќе е друг жанр, не е реално шоу и е многу ризично да се приредува по „бомбите“). Напротив, ова е „дешавка“ од поинаков тип, која не трпи импровизации и непредвидени ситуации. Правена е да нема многу предизвици и е со строго селектирани поединци, нема да речеме индивидуи, пред и зад камерата, кои се само статичен дел на его-трипот на премиерот.

Загрижените за имиџот на Геуевски, особено по сето она што се случуваше од јануари наваму, барале форма преку која „нешто ќе се преземе за зајакнување или за привлекување внимание на имиџот на една личност или подобро оценување на самиот себеси“ (дефиниција) или едноставно „да се направи нешто за да се задоволи нечија суета“ (втора дефиниција на ист извор).

Тоа што новинарите што го следат премиерот притоа не се чувствуваат како да патуваат со бродот „Галеб“ е најмалку важно за нивните шефови. Тие и онака се на Илинденска број 2.

 

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).