Колку подлабока општествена криза, толку пофалшлива анкета
Објавено во Новинарски лекции
on 13 - 10 - 2014 Автор: Владо Ѓорчев
Во услови кога „притиска“ општествената криза во поизразен степен се намалува доследноста и изразитоста на ставот, што од своја страна спонтано ја намалува веродостојноста на анкетата во такви околности.
Пишува: Владо Ѓорчев
Сѐ погласни се размислувањата дека манипулацијата со анкетите во Македонија отиде до совршенство, а како најчести начини како тоа се прави, се споменуваат поставувањето на воведувачки прашања, изборот на местото каде што ќе се анкетира, начинот – дали ќе биде телефонска анкета или интервју лице во лице, дали прашањата ќе бидат со повеќе избор, дали ќе бидат отворени прашањата…
Вториот крупен проблем со анкетите е тоа што секој ги толкува како што сака и во свој интерес, односно тие станаа моќно политичко оружје. Во нив, не ретко два и два се пет, или три, а сосема ретко четири.
Според советникот за истражувања, Ѓорѓи Кимов, анкетата дава незаменливи информации заради тоа што едноставно кажано, трошоците за анкетата се мали во однос на испитувањето на целата популација (што е и најчесто практично неизводливо и премногу скапо и нерационално).
Тој вели дека анкетата ја карактеризира лесна примена и истовремено овозможува опфаќање на многу проблеми заради што се користи многу често.
– Но, од друга страна се соочуваме со фактот дека анкетите честопати се злоупотребуваат за манипулација на јавното мислење, што кај не мал број граѓани формира скептичен став кон нив. Најдобра превенција за намалување на ваквите злоупотреби е спроведување на анкета базирана на професионални стандарди и норми – тврди Кимов.
До манипулативни активности, објаснува тој, може да дојде во реализацијата на било која фаза од спроведување на анкетата: дизајнирањето на прашалникот, примерокот, спроведувањето на интервјуто со испитаниците, обработката на податоците и нивната презентација во јавноста. Битно е да се укаже на можноста дека и кога анкетата ги исполнува професионалните стандарди, доколку во фазата на интерпретација се јават тенденции за манипулација на добиените резултати, крајниот резултат од анкетирањето да биде девалвиран. Затоа, категоричен е Кимов, треба да се има предвид дека манипулацијата со анкетите ќе се избегне само под услов кога сите фази коректно се изведени.
– Вкупниот општествен контекст, исто така, може да биде генератор за манипулација со анкетите, но и објективна тешкотија да се дојде до коректни резултати. Од една страна, во услови кога општеството не е оптоварено со кризни ситуации мала е веројатноста да се јават вакви тенденции. Колку што општествената криза е подлабока толку и ваквите девијации се пофрекфентни. Тоа значи дека дури и во земји со развиена демократија не е исклучена тенденцијата за манипулација со јавното мислење. Во земјите кои се на патот на развојот на демократијата („млади демократии“) почесто, ама и полесно се манифестираат тенденциите за манипулација на јавното мислење. Затоа, заложбите за професионално и коректно користење на анкетите претставува силен фактор во развојот на демократијата во кој таа е релативно кревка – вели Кимов.
ВЕРОДОСТОЈНОСТ НА АНКЕТИ
Веродостојноста на анкетите зависи од многу фактори. Според Кимов, битни се два аспекти кои во извесен степен се и меѓусебно поврзани.
Прво, во однос на резултатите од анкетите споредени со исходот на изборите или референдумското изјаснување (кои претставуваат еталони за споредба) можни се две ситуации:
– резултатите од анкетите и изборите или референдумот се блиски;
– резултатите од анкетите и изборите или референдумот значајно се разидуваат;
Овој феномен на разидување на резултатите од анкетите и изборите или референдумот може да се јави дури и во случај на добро професионално изведени анкети. Тоа значи дека иако резултатите се веродостојни, во смисла дека ги прикажуваат автентичните одговори на анкетираните, сепак, се јавува значајна дискрепанца помеѓу исходот на изборите и резултатите од анкетите.
Ситуациите кога резултатите се блиски се толкува како експлицитен став на граѓаните кого подржуваат, а кого не, што прифаќаат, а на што се спротиставуваат.
– Додека во ситуациите кога се јавува сигнификантна разлика, всушност, укажуваат на тоа дека постојат значајни општествени дисфунккции кои ги контаминираат резултатите од анкетните истражувања – информира Кимов.
Вториот аспект, на кој треба да се укаже, се однесува на две димензии на ставовите. Едната димензија на ставот, вели Кимов е неговата доследност – во која мерка ставовите се применуваат на сите случаи каде е можно да се применуваат и втората е отвореност или изразитост на ставот – во спремноста ставот да се манифестира, да се изрази. Некои поединци спремно и отворено ги манифестираат своите ставови, други не го покажуваат и не го изразуваат.
Во услови кога „притиска“ општествената криза во поизразен степен се намалува доследноста и изразитоста на ставот, што од своја страна спонтано ја намалува веродостојноста на анкетата во такви околности.
ВЛИЈАНИЕТО ВРЗ ГРАЃАНИТЕ
Влијанието на објавувањето на резултатите од истражувањето врз јавното мислење може да се претпостави дека постои, но, исто така, е важно да се утврди и во кој степен тоа е присутно.
За илустрација, ќе прикажеме резултати од истражувањата на БРИМА кои дават можност за увид колкаво е тоа влијание. Резултатите од политичкиот барометар на БРИМА, спроведено во февруари 2014 година, покажуваат дека на прашањето “Колку според вас објавувањето на резултатите од анкетите за политичкиот рејтинг на партиите, во медиумите, влијае врз вашата определба за која партија ќе гласате?“секој 14-ти анкетиран (7%) одговорил дека анкетите имаат големо влијание во донесување на одлуката која партија ќе ја поддржи на изборите. 14% изјавиле дека анкетите донекаде влијаат, или вкупно секој пети (21%) во некој степен е изложен на влијание на анкетите во донесување на одлуката за кого ќе гласа. Од друга страна, 16% одговориле дека анкетите имаат мало влијание, а 46% дека анкетите воопшто не влијаат или агрегирано 62% се под минимално или никакво влијание од анкетите во донесување на одлуката за кого ќе гласаат. Останатите анкетирани 13% изјавиле дека не следат такви анкети, 0.3% одбиле да одговорат на ова прашање, а 4% одговориле дека не знаат. Од овие показатели се гледа дека значаен дел од електоратот е под влијание на анкетита, но од друга страна трипати повеќе или мнозинството од бирачите не “подлегнуваат” на “сугестивноста” на анкетите. Овие резултати укажуваат дека честопати се преценува влијанието дека анкетите имаат значително влијание на бирачите. Не треба да се губи од предвид фактот дека под директно големо влијани – 7%од анкетираните, по сопствена самооцена кажуваат дека анкетите имаат големо влијание во нивната бирачка ориентација.
-И, на крајот, секако дека е важно и влијанието познато како „бендвагон ефект“ (Bandwagon effect) кога одреден број од гласачите се приклучуваат на опцијата за која проценуваат дека ќе победи, а за тоа се ориентираат според резултатите од предизбирните анкети – заклучува Кимов.
И според доцент д-р Маријана Марковиќ од Институтот за социолошки и политички истражувања анкетите се многу проблематични методи за утврдување на јавното мислење.
– Во последно време се појавија многу истражувачи, па граѓаните веќе покажуваат и отпор кон нив. Анкетите се исфорсираа премногу и затоа мислам дека е време да се свртиме кон други начини на истражување на јавното мислење. Секако дека и анкетарите имаат проблем. Многу често луѓето не им отвораат врата – вели Марковиќ.
Марковиќ тврди дека за да се утврди дали анкетите се веродостојни треба да се разгледаат повеќе нивоа.
– Прво е тоа дали луѓето ќе сакаат да одговарат на прашањата. Инаку, не верувам дека тие кои ги прават анкетите би правеле некакви манипулации со нив. Луѓето се плашат за својата безбедност, а од премногу анкети стана невозможно да се испита јавното мислење. Ова може понатаму да премине и во фаза на молк, односно јавноста да престане да зборува, да стане нема. Не знам со сигурност дали граѓаните им веруваат на анкетите, но знам дека тие се нефункционални. Имам впечаток, ова е мое објективно гледање, дека граѓаните не се многу заинтересирани за анкети и дека од сѐ им е премногу. А, штом не се заинтересирани, секако дека останува простор да се сомневаме дека не им веруваат – заклучува Марковиќ.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).